Неплатените обврски на јавниот сектор во Македонија достигнале 42,7 милијарди денари, или околу 693 милиони евра, заклучно со јуни, покажуваат податоците од Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО) на Министерството за финансии.
Најголемиот товар доаѓа од државните железнички претпријатија, додека значителни долгови имаат и здравствените установи, енергетските компании и општините.
Најголем поединечен должник е „МЖ-Инфраструктура“ со обврски од над 91,5 милиони евра, по што следува „МЖ-Транспорт“ со околу 83,8 милиони евра. Само двете железнички компании заедно должат повеќе од 175 милиони евра.
Јавните здравствени установи, универзитетските клиники, заводите и ургентниот центар имаат неплатени обврски од околу 35 милиони евра.
АД ЕСМ должи близу 34 милиони евра, додека нејзината подружница за парно греење има достасани, а неплатени обврски од околу 29,7 милиони евра.
Вкупните обврски на јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост изнесуваат околу 271,5 милиони евра. Меѓу јавните претпријатија се издвојува скопското „Водовод и канализација“ со неплатени фактури од околу 13,8 милиони евра.
Општините заедно имаат обврски од околу 93,2 милиони евра.
Најголем должник е Општина Гостивар со околу 14,8 милиони евра, а веднаш зад неа е Општина Тетово со околу 14 милиони евра. Само овие две општини учествуваат со речиси 29 милиони евра во вкупниот општински долг.
Истовремено, државните трансфери кон локалната самоуправа се планира да растат. Според Програмата за економски реформи 2025-2027, за 2026 година се предвидени околу 669 милиони евра трансфери кон општините, додека за 2027 година сумата треба да достигне 716 милиони евра.
Високото ниво на достасани, а неплатени обврски повторно го отвора прашањето за финансиската одржливост на дел од јавните претпријатија и општините, како и за ефектот што доцнењето на плаќањата го има врз приватните компании кои работат со државните институции.

