29.8 C
Скопје
31 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Како фонд поврзан со ЦИА му ги отвори вратите на германскиот гигант за дронови

Германскиот производител на дронови Quantum Systems добил клучна помош од инвестицискиот фонд In-Q-Tel, поврзан со американската ЦИА, за да влезе на американскиот пазар и да добие договори со ЦИА и ФБИ, изјави коизвршниот директор на компанијата Свен Крук за Ројтерс.

Случајот покажува колку американскиот капитал и контактите во Вашингтон продолжуваат да влијаат врз развојот на европските одбранбени стартапи, во време кога европските влади настојуваат да ја намалат зависноста од САД во областа на одбраната.

„Тоа го олесни почетокот во САД со клиенти како ЦИА и ФБИ“, изјави Крук.

Според него, американските инвеститори помогнале да се отворат канали во Вашингтон кои на Quantum Systems му овозможиле побрзо да се позиционира на американскиот пазар.

„Така го најдовме патот до САД. Во почетокот бевме посилни во Америка, додека германскиот клиент беше многу послаб“, рече тој.

Quantum Systems произведува извидувачки, борбени и дронови-пресретнувачи, а меѓу неговите клиенти се Украина и Германија. Компанијата денес е еден од најголемите европски одбранбени стартапи, со проценета вредност од околу осум милијарди долари.

Договорите со ЦИА и ФБИ помогнале за кредибилитетот

Крук рече дека приходите од договорот за извидувачки системи со американските разузнавачки агенции не биле големи, но соработката помогнала компанијата да стекне кредибилитет.

Клучна улога имал In-Q-Tel, инвестициски фонд формиран од американски разузнавачки претставници со цел да идентификува и поддржува технологии релевантни за националната безбедност на САД.

Неговото име е инспирирано од „Q“, ликот од филмовите за Џејмс Бонд задолжен за технолошките уреди на тајниот агент.

In-Q-Tel има удели во повеќе технолошки и одбранбени компании и сè повеќе се насочува кон Европа, каде владите нагло ги зголемуваат воените трошоци.

Неговите инвестиции обично се релативно мали – често под три милиони долари – но вистинската вредност, според извор запознаен со работењето на фондот, е пристапот до американските одбранбени и разузнавачки структури.

Фондот претходно поддржувал компании како Palantir и Anduril, кои денес се меѓу најпознатите американски компании во секторот за воена и безбедносна технологија.

САД се свртуваат кон германските технологии

Извршната потпретседателка на In-Q-Tel за меѓународни операции, Џенифер Нелсон, изјави дека европскиот сектор за напредна технологија е важен извор на иновации со безбедносна примена.

Таа ја опиша Германија како особено важен иновациски партнер и стратешки сојузник и како еден од столбовите на европскиот одбранбен екосистем.

In-Q-Tel планира дополнително да ги проширува инвестициите во германски компании кои развиваат технологии со цивилна и воена примена.

Но, зголеменото американско присуство предизвикува и загриженост во Европа.

Страв од американско влијание

Претседателката на Комитетот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, предупреди дека In-Q-Tel не треба да се третира како обичен финансиски инвеститор поради неговите врски со американските разузнавачки служби.

Според неа, мандатот на фондот е да им обезбеди на американските разузнавачки служби пристап до најдобрите технологии.

Инвестициските удели, правата за набљудување, договорите за развој и лиценцирање и пристапот до владини договори, рече таа, можат да создадат пошироко стратешко влијание.

Германското Министерство за одбрана соопшти дека сериозно го третира прашањето за влијанието на инвеститорите во одбранбениот сектор и дека акционерите не треба да се мешаат во работењето, технологијата или истражувањето на компаниите.

Европа сака независност, но сè уште зависи од американскиот капитал

Случајот со Quantum Systems ја истакнува противречноста со која се соочува Европа.

Берлин сака да ја намали зависноста од Вашингтон, особено откако американскиот претседател Доналд Трамп се закануваше со повлекување на американската поддршка за НАТО. Истовремено, обновувањето на германските и европските воени капацитети без американски капитал, технологија и пристап до најголемиот светски одбранбен пазар останува тешка задача.

Европа во моментов нема директен еквивалент на In-Q-Tel.

Крук вели дека контактите на инвеститорите се важни за отворање врати, но дека на крајот производот мора да биде доволно добар за да успее.

Американските инвеститори, додаде тој, ја познаваат администрацијата и можат да помогнат во воспоставувањето комуникација со институциите.

Американските правила дополнително бараат странските одбранбени добавувачи да воспостават локално присуство доколку сакаат сериозно да работат на американскиот пазар. Quantum Systems поради тоа има фабрики и вработени во САД.

 

Related posts

САД ја обвинија Русија дека користи „брутални методи“ во Украина

ninja

Нема спас – горивата поскапуваат, а Владата „немоќна“

admin

ИНТЕГРИСТИТЕ И ПОТРАГАТА ПО ВНАТРЕШНА КОХЕЗИЈА

admin

Владата најавува нови возила и реформи за Пошта

admin

Хасани: Собранието не е блокирано, виси оставката на Курти

admin

Нема простор за зголемување на пензиите, но неприфатливо е и платите да функционерите да растат неразумно – предупредија експертите

admin