31.8 C
Скопје
9 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Нула денари“, но преку Државна лотарија: Кој всушност ги платил Гета, Карерас и прославите?

Организацијата на дел од прославите за 35 години независност не одела преку класична постапка за јавна набавка, туку преку јавен повик за спонзорирани настани што го распишала Државна лотарија, покажуваат јавно достапни документи објавени од БИРН.

Владата на 28 април донела одлука задачата за организација на прославите да ѝ ја додели на Државна лотарија, а два дена подоцна државната компанија распишала јавен повик за реализација на спонзорирани настани по повод 35-годишнината од независноста.

Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, за БИРН изјавил дека постапката била спроведена според Законот за спонзорства и донации и затоа повикот не бил објавен во системот за јавни набавки.

Рок од пет работни дена

Повикот бил објавен на веб-страницата на Лотарија и во дневен весник, со рок од пет работни дена за доставување понуди.

Во него биле наведени конкретни барања за типот на настани што требало да се организираат.

Меѓу нив бил настап на светски артист од „А класа“, со продукција од исто ниво и гарантирана посетеност од најмалку 30.000 луѓе. На ова барање подоцна одговараше концертот на диџејот Дејвид Гета.

Повикот предвидувал и настап на „интернационална светска ѕвезда од А класа“ со македонски артисти, што се совпаѓа со концертот на Хозе Карерас, како и најмалку 12 настани низ земјата со концептот „35 години независна Македонија“, реализирани под насловот „Силно светнал ден“.

Само една понуда

Според Климовски, на јавниот повик се јавила само една компанија – фирмата „Стардаст“, преку која настапил организаторот „Авалон“.

За тоа дали понудениот концепт ги исполнува условите од повикот одлучувала надворешна комисија составена од уметници, изјавил директорот на Лотарија.

Пет дена по истекот на рокот, на 12 мај, претставникот на „Авалон“ Бобан Милошески и владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција ја претставија програмата и го најавија настапот на Гета.

Сумата сè уште не е објавена

И покрај тоа што најголемиот дел од манифестациите веќе се одржаа, вкупната финансиска конструкција не е јавно соопштена.

Митева во мај изјави дека јавноста ќе биде информирана кога ќе бидат финализирани програмските, продукциските и договорните елементи.

На прашање на БИРН за сумата, директорот на Лотарија упатил одговорите да се бараат од Владата. До објавувањето на текстот, Владата не доставила одговор.

Ниту „Авалон“ досега јавно не ја објави вкупната вредност на договорот.

„Нула денари“ од Буџетот, но Лотарија била дел од механизмот

Документите добиваат дополнителна тежина откако премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека манифестациите ги чинеле граѓаните и државниот Буџет „нула денари“ и дека биле финансирани од општествено одговорни компании.

Фактот дека Државна лотарија, компанија во државна сопственост, го распишала повикот за спонзорирање на настаните отвора дополнителни прашања за тоа каква била нејзината финансиска улога и дали дел од средствата потекнувале од државен субјект.

Од јавно достапните информации засега не може да се утврди колкав износ обезбедила Државна лотарија, колку платиле приватните спонзори и колкава била вкупната вредност на програмата.

Вкупно 16 настани

Досега биле организирани 16 настани поврзани со јубилејот, меѓу кои серијата „Силно светнал ден“, концертите на Хозе Карерас и Дејвид Гета и настапи на познати диџеи како Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд.

Концептот „Силно светнал ден“ го развила продукцијата ОХО со режисерот Дејан Пројковски.

На дел од настаните биле наведени и приватни спонзори, но целосна листа со сите компании, износи и договорни обврски сè уште не е јавно објавена.

 

Related posts

Со пари за меѓуетничка интеграција – приредба за УЧК

admin

Бектеши: Власта дала инструкции за следење на опозицијата

admin

Се разгорува битката меѓу ДУИ и ВЛЕН – двата табора најавуваат победа

admin

Маѓар најави суспензија на државните медиуми во Унгарија, ги нарече „пропагандна машина“

admin

Курти: Предлозите во Брисел, штит за спроведување на договорот од Србија

admin

Случајот „Гостиварска вода“ пред Обвинителството: СДСМ бара кривична одговорност

admin