Движењето ЗНАМ очекува да добие уште едно заменик-министерско место во Владата, додека неговиот лидер Максим Димитриевски тврди дека по две години учество во извршната власт функционерите на партијата немаат ниту една корупциска афера.
ЗНАМ во саботата го претстави својот двегодишен отчет под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, во кој ги презентира активностите на своите избрани и именувани функционери.
Димитриевски пред почетокот на настанот изјави дека партијата очекува дополнително заменик-министерско место, но не откри за кој ресор се преговара.
„Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниот месец“, рече Димитриевски.
Според него, се разговара за неколку ресори, а конечната информација треба да ја соопшти премиерот.
Димитриевски тврди: „Нулта корупција“
Претседателот на ЗНАМ на настанот ја истакна и борбата против корупцијата како едно од достигнувањата на неговата партија.
„За ЗНАМ нема ниту една единствена афера, нулта корупција“, рече Димитриевски, зборувајќи за претставниците на партијата во извршната власт.
Станува збор за политичка оценка на лидерот на ЗНАМ, а не за независна проценка на степенот на корупција во институциите со кои раководат функционери на партијата.
Димитриевски рече дека приоритетите на ЗНАМ остануваат подобрувањето на социо-економската состојба, еднаквоста пред законите и правдата.
Тој оцени и дека резултатите од инфраструктурните и капиталните проекти не треба да си ги припишува една партија, туку се резултат на работата на целата владина коалиција.
„Нека го читаат и нека го критикуваат“
Претставувајќи ја публикацијата, Димитриевски рече дека отчетот треба да биде достапен за јавна проверка и критика.
Тој ги повика граѓаните да ги споредуваат резултатите и да посочат каде функционерите на ЗНАМ можеле да работат подобро. Партијата најави дека отчетот нема да заврши со централниот настан во Скопје, туку функционерите ќе ги презентираат резултатите и на средби со граѓани низ земјата.
Димитриевски рече дека ЗНАМ се залага за европска и реформирана Македонија, истовремено нагласувајќи го зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.
Опозицискиот СДСМ, пак, истиот ден го нападна отчетот на ЗНАМ, обвинувајќи ја партијата за „предавство“ на своите гласачи и за поврзаност со тендерски интереси.

