Работната група на Советот на ЕУ за проширување, COELA, денеска во Брисел го разгледува Поглавјето 20 – „Претприемништво и индустриска политика“ во пристапните преговори со Албанија, откако Европската комисија оценила дека земјата ги исполнила релевантните критериуми.
Целта на состанокот е 27-те земји членки да ги усогласат позициите и да утврдат заеднички став за можноста поглавјето привремено да биде затворено.
Според информациите што ги објави EU News, Европската комисија оценила дека Албанија го исполнила критериумот поврзан со примената на индустриските стратегии и политиките за малите и средни претпријатија во согласност со европското законодавство.
Доколку COELA даде техничко зелено светло и бидат отстранети преостанатите резерви од земјите членки, досието ќе биде испратено до амбасадорите на ЕУ во COREPER.
Следниот чекор би бил формализирање на меѓувладина конференција ЕУ–Албанија за привремено затворање на Поглавјето 20.
Според информациите на албанските медиуми, меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Албанија се очекува да се одржи на 13 октомври.
Тоа би означило нов чекор во пристапниот процес на Тирана, која во последниот период забрзано ги отвора и обработува преговарачките поглавја.
Во Брисел паралелно се разгледува и напредокот на Црна Гора, со можност за затворање на повеќе поглавја во нејзиниот пристапен процес.

