Силните инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција го одржуваат глобалниот економски раст на околу 3 отсто, при што значителен дел од придобивките ги чувствуваат азиските економии вклучени во производството на хардвер и инфраструктура, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева.
На годишните средби на ММФ и Светска банка во Бангкок, Георгиева рече дека бумот на инвестиции во ВИ веќе создава „шок на побарувачката“ и „инвестициски шок“.
Според неа, ефектот би можел да го зголеми растот во развиените азиски економии за меѓу 0,5 и еден процентен поен, а во економиите во развој во Азија за 0,2 до 0,8 процентни поени.
„ВИ – сакале или не – веќе е тука“, рече Георгиева.
ММФ во јули прогнозираше глобален раст од 3 отсто за 2026 година, а новите прогнози треба да бидат објавени во вторник.
„Бавно цунами“ за пазарот на труд
Георгиева предупреди дека ВИ ќе има далекусежни последици врз работните места, образованието, економскиот раст и даночните системи.
Таа ја опиша технологијата како „бавно цунами“ кое постепено ќе го менува начинот на кој луѓето работат и живеат.
Според проценката на ММФ, околу 40 отсто од работните места со текот на времето би можеле да бидат надградени, деградирани или целосно елиминирани поради употребата на вештачка интелигенција.
Првичните анализи на Фондот покажуваат дека околу 10 отсто од работните места во САД веќе бараат вештини поврзани со ВИ.
Во исто време, рутинските и повторливи работни места се намалуваат, додека расте побарувачката во некои пониско платени сектори, меѓу кои градежништвото и дата-центрите.
Најранливи се почетните работни позиции
Претседателот на Светска банка Аџај Банга рече дека институцијата посебно се фокусира на т.н. „мала ВИ“ – алатки што не зависат од големи јазични модели, а можат значително да ја зголемат продуктивноста кај земјоделците, здравствените системи, образованието и други сектори во земјите во развој.
Претседателот на Сингапур, Тарман Шанмугаратнам, предупреди дека најголем непосреден ризик е намалувањето на побарувачката за почетни работни позиции.
„Првото скалило во вработувањето, вашата прва работа по дипломирањето, сега се соочува со помала побарувачка“, рече тој.
Тој предупреди и дека ВИ може дополнително да ја продлабочи разликата меѓу развиените и земјите во развој доколку владите не интервенираат со политики за образование, продуктивност и нови работни места.
Азија меѓу најголемите добитници
САД, Кина и Индија се најважните производители во синџирот за ВИ, но голем дел од компаниите што ја градат потребната инфраструктура се наоѓаат во Азија, рече Георгиева.
Тоа им дава дополнителен поттик на земјите што произведуваат чипови, сервери, електронски компоненти и друга опрема неопходна за експанзијата на ВИ.

