Задржувањето на бродови под панамско знаме од страна на Кина предизвикува сериозна загриженост за почитувањето на владеењето на правото во Панама, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот.
Американската Федерална поморска комисија минатата недела соопшти дека внимателно го следи зголемениот број задржувања на панамски бродови во Кина, што, според неа, е поврзано со одлука на суд во Панама против компанијата CK Hutchison, со седиште во Хонг Конг.
„Неодамнешните постапки на Кина предизвикуваат сериозна загриженост за користењето економски средства за поткопување на владеењето на правото во Панама, суверена држава и важен партнер во глобалната трговија“, рече Рубио.
Врховниот суд на Панама во јануари ја поништи правната рамка што ја поддржуваше концесијата од 1997 година, со која Panama Ports Company, во сопственост на CK Hutchison, управуваше со терминалите Балбоа и Кристобал на Пацификот и Атлантикот на Панамскиот канал.
Одлуката уследи по зголемениот притисок од САД за ограничување на кинеското влијание околу стратешкиот канал, низ кој минуваат околу 5% од светската поморска трговија.
Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгју, ги отфрли американските обвинувања, оценувајќи дека тие се обид на САД да преземат контрола врз каналот.
Пекинг претходно ја осуди судската одлука против концесиите на Hutchison, нарекувајќи ја „акт на лоша намера“.
Компанијата CK Hutchison, која управуваше со пристаништата речиси три децении, ја отфрли пресудата, обвинувајќи ги панамските власти за незаконско одземање имот и покрена меѓународна арбитража со барање за отштета поголема од 2 милијарди долари.
„Оваа суверена одлука ја потврдува транспарентноста и владеењето на правото и ги повикува приватните оператори на одговорност кон јавниот интерес“, рече Рубио.
САД „цврсто стојат“ зад Панама и очекуваат продлабочување на економската и безбедносната соработка, додаде тој.
Според податоци на Lloyd’s List Intelligence, бројот на задржани бродови под панамско знаме во Кина достигнал речиси 70 од 8 март, значително над историскиот просек.

