Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, на првиот партиски конгрес порача дека ВЛЕН не е создаден за „еден изборен циклус“, туку за „нова епоха“ во политичкото организирање на Албанците во Северна Македонија.
„ВЛЕН е главната сила на политичката мапа на Албанците во Северна Македонија. ВЛЕН не ги подели Албанците, туку ги обедини. Не ја распрсна политичката моќ, туку ја концентрираше. Не го ослаби албанскиот глас, туку го факторизираше“, изјави Меџити.
На конгресот присуствуваше и косовскиот премиер Албин Курти, кој оцени дека обединувањето на повеќе политички субјекти во една партија е редок пример во политиката.
„Навикнати сме во политиката често да гледаме поделби, расцепи и фрагментации на политичките субјекти. Затоа е многу поретко и позначајно кога различни субјекти ќе најдат волја, визија и зрелост да се обединат во едно политичко тело“, рече Курти.
Тој ја нагласи и симболиката на одржувањето на конгресот на 9 Мај – Денот на Европа, поврзувајќи го со вредностите на Европската Унија, како што се мирот, демократијата и спротивставувањето на екстремните идеологии.
Курти говореше и за соработката меѓу Косово и Северна Македонија, посочувајќи дека двете влади веќе имаат заеднички договори и процеси што се во тек на реализација.
На настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, а медиумите објавија фотографии на кои тој и Курти седат еден до друг за време на конгресот.

