Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави во вторник дека Европската унија влегува во „нова ера“ на целосна енергетска независност од Русија, откако земјите членки постигнаа договор за постепено запирање на увозот на руски гас до есента 2027 година.
„Денес е историски ден за Унијата. Постигнавме начелен договор за постепено укинување на руските фосилни горива. Го затвораме тоа поглавје засекогаш“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција, наведувајќи дека планот REPowerEU донел резултати во намалувањето на зависноста и ублажувањето на енергетската криза.
Таа додаде дека запирањето на увозот ќе го огранични „воениот фонд на Путин“, ќе испрати сигнал на солидарност со Украина и ќе отвори простор за нови енергетски партнерства.
Комесарот за енергетика Дан Јоргенсен рече дека привремениот политички договор меѓу Европскиот парламент и Европскиот совет предвидува трајно запирање на увозот на руски LNG до 31 декември 2026 година и гасот од цевководи до 30 септември 2027 година. Државите членки можат исклучително да го продолжат рокот за еден месец ако нивото на складиштата е под потребните стандарди.
„Оваа одлука ќе ја стави точка на зависноста од непредвидлив добавувач кој повеќепати ги дестабилизираше европските енергетски пазари“, рече тој, додавајќи дека целосното укинување на руските фосилни горива е „клучен чекор“ за енергетска безбедност и стабилен пазар.
Според договорот, измените на постојните договори ќе бидат дозволени само за строго дефинирани оперативни цели и нема да смеат да го зголемат обемот или цената на увозот.
Европската комисија соопшти дека ЕУ најдоцна до ноември 2027 година трајно ќе го прекине увозот на руски гас.

