Социјалдемократскиот сојуз се обидува да наметне наратив на рестарт и внатрешна мобилизација по серијата оставки во извршните органи, додека лидерот Венко Филипче одбива да се повлече и најавува само делумно освежување на раководството.
На предлог на Филипче, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки до Централниот одбор — потег што партијата го оцени како „одговорен и морален чекор“ што треба да отвори пат за кадровско зајакнување и нова организациска поставеност.
Во соопштението се наведува дека „следува период на кадровско освежување, вклучување нови лица и внатрешна мобилизација“, а Филипче ќе предложи нови членови за органите на партијата на една од следните седници на Централниот одбор.
Реакции од членството: поздрави, но и скепса
По поразот на локалните избори во повеќе општини, вклучително и во традиционално силните упоришта, дел од долгогодишните членови ја поздравија оставката на раководството, но предупредија дека вистинската промена ќе зависи од изборот на новите кадри.
Поранешниот струмички градоначалник Костадин Костадинов, кој го замрзна своето членство по изборниот пораз во градот што СДСМ го контролираше две децении, оцени дека чекорот отвора простор „вистинските луѓе“ да се вратат во структурата.
„Иако дел од претходните одлуки беа нетактични, денешниот чекор е движење напред. Ова отвора простор за вистинска промена“, напиша тој.
Други поранешни функционери предупредуваат дека реформите треба да вклучат и идеолошко преиспитување и враќање кон вредностите на социјалдемократијата, посочувајќи дека и по претходните изборни порази имало слични најави — без резултат.
Бранoт започна кога потпретседателката Ана Чупеска се повлече уште пред вториот круг од локалните избори, најавувајќи дека анализата на изборниот резултат ќе ја изложи пред Централниот одбор. Кратко потоа, оставка поднесе и Костадин Ацевски, кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров и локален партиски лидер, кој оцени дека „СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива“.
Ацевски побара оставка и од Филипче и од целото раководство, наведувајќи дека проблемите не се само во изборниот резултат, туку и во „начинот на кој партијата дејствувала во изминатиот период“.
Филипче останува: делумни промени и теренска мобилизација
Филипче, кој ги нарече резултатите „колективна одговорност“, не планира да поднесе оставка. Тој најави „парцијално освежување“ на раководните тимови — а не целосна смена — и интензивна теренска активност со цел регрутирање нови членови и „генерациски трансфер“ во партијата.
„Не би шпекулирал со имиња, но не станува збор за целосна реконструкција“, рече тој во гостување на ТВ Телма, најавувајќи и ширење на опозициската платформа како клучен заклучок од локалните избори.
Консолидацијата ќе бара време
Членови на партијата велат дека процесот на консолидација ќе биде долг и ќе зависи од тоа дали ќе се изберат „искрени и квалитетни кадри“ кои можат да ја вратат довербата на разочараните членови и да привлечат нови.
Според нив, само силно кадровско јадро може да обезбеди поверодостојна реформирана партија во период кога СДСМ се обидува да ја задржи улогата на главна опозициска сила.

