16.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Едгар Џозеф: САД да понуди „историска вистина“ за Северна Македонија, поинаква од таа на Бугарија

„За да се избегне катастрофа, Соединетите Држави мора да го обезбедат она што ЕУ не може: темелното уверување дека јадрото на македонскиот идентитет нема да биде нагризано од дополнителните бугарски барања. Постои начин да се постигне ова без да се меша во бугарските внатрешни работи, да се бара Бугарија да прифати поинаква ‘историска вистина’ или да создаде опасен преседан“.

Овој став е дел од опширната колумна на Едвард Џозеф, добар познавач на Балканот и предавач на Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс (SAIS), која предизвика голем интерес во македонската јавност, јавува Дојче веле на македонски јазик.

Во колумната многу прецизно се елаборираат актуелните состојби во РСМ по францускиот предлог и обврската за уставни измени, придружени со осврт на сличноста меѓу патерналистичката руска и бугарска реторика, посегање по апсолутна ексклузивност во историјата, како и на бугарските тврдења за 1944 година како почеток на „етнички инженерски проект за градење македонски идентитет“.

Како илустрација за неоснованост на тој приод, Џозеф посочува белешки од состанокот во септември 1919 година помеѓу пратеникот на претседателот Вилсон на Париската мировна конференција, Френк Лајон Полк и францускиот премиер Жорж Клемансо – транскрипт кој содржи референци за „Македонците“ и „македонското население“, со јасна дистинкција од „Бугари“, „бугарски државјани“ и „бугарски интриги“.

Според него, тоа не е единствен пример, а имајќи го предвид бугарскиот ексклузивизам, потребни се само докази од официјални американски материјали – дискутирани и дебатирани од експерти со добра волја – за македонската национална свест пред Титова Југославија.

„За да го надоградат меѓусебниот стратешки дијалог САД и Македонија треба да формираат Заедничка комисија за историски и образовни прашања, според образецот од договорот со Бугарија. Тоа ќе биде јасна порака за Софија“, сугерира Џозеф.

Едвард Џозеф, познавач на Балканот и професот на школата за напредни меѓународни студии на универзитетот Џон Хопкинс
Едвард Џозеф, познавач на Балканот и професот на школата за напредни меѓународни студии на универзитетот Џон ХопкинсФотографија: privat

„Со директно повикување на Договорот за пријателство и со задржување на еднострана контрола врз свикувањето на македонско-американската мешовита комисија, Вашингтон ќе испрати јасна порака до двете страни. Целта не е да се докаже дека Бугарија греши. Тоа е да се вратат Бугарија и Северна Македонија на патот на фер, професионално и објективно истражување опишано во Договорот за пријателство и во согласност со вредностите на ЕУ“, оценува Џозеф.

Корисно од повеќе аспекти

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања следната средба ќе ја одржи на 19-ти и 20-ти октомври во Софија, а главна тема на разговор се бугарските забелешки на македонските учебници за VII одделение.

Како во македонскиот дел од Комисијата го коментираат ставот на Џозеф?

„Сметаме дека идејата на Едвард Џозеф за македонско-американска комисија која историски ќе ги разгледува минатото кое е од интерес на двете држави, посебно на она од пред Втората светска војна, може да биде корисна иницијатива од повеќе аспекти, посебно за нас“, вели копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев.

„Првин, таа може да придонесе за подобрување на научната соработка меѓу американските и македонските историчари и за размена на искуства и знаења преку обработка на разни теми. Потоа, тоа може да придонесе за размена на архивска граѓа меѓу двете држави, посебно на граѓата која се чува во американските архиви поврзани со нашата историја. Тоа секако би помогнало во подобро разбирање на историјата на развојот на македонскиот идентитет и во разбивање на тезите за некаков егзактен датум на неговото „раѓање“. Конечно, остварувањето на една ваква иницијатива на извесен начин би овозможило да се прави споредба со работата на македонско-бугарската комисија и можеби би помогнало во надминување на недоразбирањата“, оценува Ѓоргиев.

Влијанието на Кремљ 

За сугестијата на Џозеф – како историјата на САД може да ја спаси Македонија и да го победи путинизмот на Балканот – засега нема коментари во бугарската јавност. Но, официјални лица и во изминатиот период посочуваа дека пропагандата на Кремљ таму е многу силна.

Деновиве кон ова прашање се осврна и бугарскиот премиер Николај Денков во интервју за австрискиот весник „Стандард“. На забелешка на новинарката дека Русија создава не само воена опасност, туку исто така води хибридна, Денков отворено се осврнува на таа состојба.

Бугарскиот премиер, Николај Денков
Бугарскиот премиер, Николај ДенковФотографија: BGNES

„Поради историски и културни причини, пропагандата на Кремљ е многу силна овде. Ние можеме да направиме само едно: секогаш да ја кажуваме вистината. Потребна ни е довербата на луѓето и затоа секогаш мораме да ги користиме вистинските аргументи. За жал, тоа не е доволно. Луѓето се сомничави затоа многу, многу години биле лажени. Хибридната пропаганда се потпира на емоциите, а како резултат на тоа луѓето не ги слушаат аргументите“, вели Денков.

Во тој контекст посочува и некои актуелни примери, меѓу кои и случајот со санкционираните претставници на т.н. „руската црква“ во Софија, за кои бугарските надлежни институции постапуваа дури откако еден од нив (архимандритот Васијан Змеев) доби забрана за влез во Македонија.

„Што се однесува до шпионите, лани протеравме 70 од нив, а годинава имаме конкретен проблем со тројца проповедници од таканаречената „Руска црква“ во Бугарија. Навистина, откривме дека тие активно работат против интересите на Бугарија и Северна Македонија“, изјави бугарскиот премиер.

На прашањето – што може да се направи, со оглед дека Северна Македонија го нема потребното мнозинство да ги вклучи Бугарите во Уставот – Денков одговара: „Најлесното нешто е да се ескалира дебатата меѓу општествата и меѓу политичарите. Ние сакаме да го избегнеме тоа. Ние сме проевропски настроени, влеговме во една влада со нашиот главен политички противник“.

Related posts

Олеснување за функционерите: Ќе можат са поднесат изјава за имотна состојба по електронски пат

admin

Излегувањето од државата ќе биде невозможно по 12 февруари доколку не бидат заменети документите

admin

Што се касетните бомби што САД планираат да испратат во Украина? (ВИДЕО)

admin

Зошто Индискиот Океан може да биде кинеската “Ахилова пета” во војната со Тајван

admin

Украина се согласи да разговара со Русија на белоруската граница, соопшти кабинетот на Зеленски

ninja

Северна Македонија: Дали ќе се опорави културата по пандемијата?

ninja