Владата очекува следната недела да има намалување на малопродажните цени на горивата, при што бензините би поевтиниле за 1,5 денари по литар, а дизелот за 2,5 денари, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во обраќање до јавноста, Мицкоски рече дека проценките се направени врз основа на владините анализи по затворањето на берзите и движењата на цените на нафтата и нафтените деривати во текот на изминатата недела.
„Очекуваме на следната седница на Регулаторната комисија за енергетика да се донесе одлука со која ќе имаме намалување на цените на дизел горивото, односно бензините“, рече Мицкоски, извинувајќи се што се обраќа во пресрет на велигденските празници.
Според владините пресметки, максималната цена на бензинот од 95 октани би изнесувала 82 денари за литар, додека бензинот од 98 октани би достигнал 84 денари. Цената на дизелот, пак, би се намалила на 95,5 денари за литар.
Во тие износи не се вклучени комерцијалните попусти што ги одобрува Окта за своите партнери, кои изнесуваат два денари за бензините и три денари за дизелот.
Мицкоски изјави и дека и следната недела ќе продолжат постојните мерки, вклучително и намалениот данок на додадена вредност од 18 на 10 проценти, како и приспособувањето на акцизите во зависност од берзанските движења.
Премиерот додаде дека државата располага со доволни количини горива и дека снабдувањето останува стабилно, и покрај зголемената потрошувачка, која во одредени денови достигнувала и до 30 проценти над вообичаениот дневен просек.
Најавата доаѓа во време на зголемена чувствителност на домашниот пазар поради нестабилноста на меѓународните енергетски пазари и растечките ценовни притисоци врз домаќинствата во пресрет на празниците.

