Коалицијата ВЛЕН соопшти дека односите со Албанија, институционалната комуникација и меѓуалбанската соработка не смеат да станат жртва на теснопартиски интереси, обвинувајќи ја ДУИ дека преку политички конструкции и дезинформации создава недоверба и конфузија.
По седницата на Централното претседателство, ВЛЕН оцени дека на Албанците во Северна Македонија, Албанија, Косово и регионот им се потребни повеќе единство, доверба и заедничка одговорност, а не, како што наведува, политички интриги и инсинуации.
Коалицијата ја обвини ДУИ дека, поради недостиг од резултати и визија, повторно се обидува преку „оркестрирани конструкции“ да создаде лажна перцепција и недоверба.
„Тоа не е патриотизам, туку политичка нервоза која му штети на заедничкиот интерес на Албанците“, се наведува во соопштението.
ВЛЕН соопшти дека ја почитува Амбасадата на Република Албанија како институција и секоја институционална комуникација меѓу двете држави, додавајќи дека институциите се поважни од дневната политика и дека меѓудржавните и меѓуалбанските односи не смеат да бидат сведени на интересите на поединци или политички групи.
Коалицијата најави дека ќе продолжи со, како што наведува, одговорна, достоинствена и институционална комуникација со Албанија, во интерес на Албанците, граѓаните и регионалната стабилност, истовремено порачувајќи дека нема да дозволи партиските интереси да бидат ставени пред интересите на Албанците.
Соопштението следува по неодамнешниот инцидент на граничниот премин Ќафасан каде на функционери на ВЛЕН не им беше дозволено влез во Албанија.

