Вертикалниот гасен коридор не е напуштен и веќе пренесувал ограничени количини гас до Украина, но неговата долгорочна комерцијална одржливост ќе зависи од обезбедување доволни количини, стабилна побарувачка, инфраструктурни инвестиции и пониски транзитни трошоци, оценува грчкиот професор Константинос Филис.
Во анализа за „Катимерини“, Филис ги отфрла шпекулациите дека проектот се распаѓа по смената на американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл и по наводите дека Романија и Украина го намалиле интересот.
Вертикалниот коридор првично го започнаа Грција, Бугарија и Романија во 2014 година, по руската анексија на Крим, со цел да се овозможи транспорт на природен гас од југ кон север и да се намали зависноста од Русија.
Унгарија се приклучи во 2016 година, а иницијативата подоцна се прошири и денес опфаќа девет земји.
Капацитет до 10-12 милијарди кубни метри
Според Филис, Коридорот во целосен капацитет би можел да пренесува меѓу 10 и 12 милијарди кубни метри гас годишно.
Тој наведува дека проектот не е замислен само за американски течен природен гас, туку за гас од различни извори што би ја зголемиле енергетската сигурност на Европа.
Во меѓувреме, европскиот крак на „Турски тек“ продолжува да снабдува значителен дел од Југоисточна Европа со руски гас, со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри.
Филис посочува дека Вертикалниот коридор веќе бил користен за транспорт на помали количини гас кон Украина, при што снабдувач била БП.
Рускиот гас останува поевтин
Еден од најголемите проблеми е цената.
Филис наведува дека 45 отсто од увозот на природен гас во Грција во септември дошол од Русија, која и натаму има силна позиција поради пониските трошоци, постојната инфраструктура и долгорочните договори.
Тоа, според него, е една од причините зошто дел од земјите во регионот не сакаат однапред да се обврзат на големи количини гас од алтернативни извори.
Дополнителна конкуренција доаѓа од Турција, која може да понуди гас од повеќе извори, како и од полските ЛНГ-терминали.
Европа воедно мора да се натпреварува со азиските пазари за течен природен гас, каде купувачите традиционално се подготвени да платат повисоки цени.
Тесни грла и високи транзитни трошоци
За Коридорот да стане целосно функционален, потребни се инвестиции во интерконекторите и отстранување на инфраструктурните тесни грла, оценува Филис.
Тој посочува дека засега не се обезбедени доволни количини гас и долгорочни купувачи, а проблем претставуваат и кумулативните транзитни такси долж рутата.
Потребна е и подобра координација меѓу земјите за системот да функционира како единствен комерцијален коридор, а не само како збир од одделни национални гасоводи.
Филис ја опишува ситуацијата како парадокс: нестабилноста на енергетските пазари ја зголемува стратешката важност на Вертикалниот коридор, но истовремено ја намалува неговата комерцијална исплатливост.

