Претставници на повеќе меѓународни академски и универзитетски мрежи во Скопје ја усвоија и потпишаа „Скопската декларација: Универзитетите, академиите и училиштата како засолништа на мирот“, документ што повикува образовните и научните институции да бидат заштитени од последиците на конфликтите и поактивно да придонесуваат кон градењето култура на мир.
Декларацијата беше усвоена по повод 20-годишнината на Универзитет Скопје, како дел од иницијативата Глобална мировна офанзива – GPOC.
Иницијативата има цел да ја вклучи академската, научната и интелектуалната заедница во промовирање дијалог, образование, соработка и човечка безбедност како основа за мир.
Заштита на образованието и знаењето
Во документот се нагласува дека универзитетите, академиите, училиштата, научните центри и културното наследство треба да бидат заштитени од последиците на вооружените конфликти.
Потписниците повикуваат знаењето, образованието и академскиот дијалог да останат темели на мирот и човечката безбедност.
Иницијативата ја претстави претседателот на GPOC, Донато Кинигер-Пасили, а Декларацијата ја потпишаа ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, како и претставници на Светската академија за уметност и наука, Универзитетот Алма Матер Еуропеа од Словенија, Светскиот универзитетски конзорциум и Меѓународниот совет на универзитети од Турција.
Според организаторите, во Меѓународниот совет на универзитети членуваат повеќе од 200 високообразовни институции од различни земји.
Декларацијата останува отворена за нови потписници
„Скопската декларација“ останува отворена за приклучување на нови универзитети, академии и други образовни и научни институции.
Целта е документот постепено да прерасне во поширока меѓународна академска платформа за заштита на знаењето, дијалогот и мирот.
Во следната фаза, Декларацијата треба да биде доставена до Обединетите нации, УНЕСКО и други меѓународни организации и академски мрежи, со цел да добие поширока институционална поддршка и меѓународна видливост.
Организаторите оценија дека со усвојувањето на документот Скопје станало место од кое е испратен меѓународен академски повик за поголема улога на универзитетите и научните институции во зачувувањето на мирот.



