15.8 C
Скопје
23 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кос: Само еден чекор ја дели Македонија од продолжување на преговорите со ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени за да го продолжи процесот на европска интеграција, оценувајќи дека потоа може да се оди напред без дополнителни политички одлуки.

По средбата со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали во Брисел, Кос упати директен повик до Владата да ја исполни преземената обврска.

„Не се многу работите што треба да се направат. Станува збор за еден чекор – уставните измени“, рече Кос.

Според неа, по усвојувањето на измените, Северна Македонија би можела да продолжи напред во пристапниот процес без дополнителни политички одлуки.

Еврокомесарката оцени дека сегашниот момент е можност Северна Македонија повторно да го забрза својот европски пат, посочувајќи го напредокот на други земји од регионот.

Таа рече дека очекува наскоро договор за пристапување со Црна Гора и оцени дека и Албанија напредува добро.

„Ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“, рече Кос.

Од Министерството за европски прашања соопштија дека на средбата се разговарало и за Планот за раст за Западен Балкан, спроведувањето на Реформската агенда и можностите за постепено вклучување на земјата во Единствениот европски пазар.

Сали по средбата рече дека процесот на проширување треба да биде попредвидлив и да се темели на заслуги и мерливи резултати.

„Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат корист“, рече тој.

Како конкретни придобивки ги посочи учеството во СЕПА, можноста за проширување на моделот „Roam Like at Home“ и соработката во дигиталната трансформација.

Уставните измени остануваат централното прашање во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

Според европската преговарачка рамка, нивното усвојување е услов за преминување кон следната фаза од преговорите.

Владата досега инсистира дека процесот мора да има поголема предвидливост и гаранции дека нема да следуваат нови билатерални условувања.

 

Related posts

Игнорирани критики за европското знаменце

admin

Северна Македонија доби „заштитена соба“ која ќе помогне и во надзорот над тајните служби

admin

Борел со јасна порака до Дачиќ: Прорускиот став и евроинтеграцијата не одат заедно

admin

Украинските пилоти почнаа со обука на Ф-16 во САД

admin

Нема зелено светло од ЕУ: Албанија заглавена на најважниот тест

admin

Германија подготвува најголема промена на Законот за слободен пристап до информации – новинарите предупредуваат на чекор назад

admin