14.8 C
Скопје
20 ноември, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАУКА

Член 6: Одлуките се засноваат врз докази и научни сознанија

Пишува: проф. д-р Драган Даниловски

ВОВЕД

Во здравството секојдневно се носат одлуки што директно ги кројат човечките судбини. Некои се однесуваат на лекувањето на еден пациент. Други, пак, определуваат кои здравствени услуги ќе бидат достапни, каде ќе се изградат нови капацитети, како ќе се распределат јавните средства или кои мерки ќе се преземат за заштита на здравјето на населението.

Зад секоја ваква одлука секогаш лежи едно клучно прашање што ретко кој го поставува јавно: врз основа на што е донесена?

Дали некој навистина анализирал кои се здравствените потреби на граѓаните? Дали се земени предвид научните сознанија и можните последици? Дали воопшто се размислувало за подобри алтернативи? И, најважно од сè – проверил ли некој подоцна дали таа одлука навистина дала резултат или останала само „мртво слово на хартија“?

Овие прашања нè водат кон еден од темелните принципи на одговорното управување со здравствениот систем: одлуките мора да се потпираат врз најдобрите достапни докази, врз критичко размислување и научно заснована проценка. Не смее да се работи „од око“.

ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА ОДЛУКИТЕ СЕ НОСАТ БЕЗ ДОКАЗИ?

Замислете една здравствена институција да донесе одлука за набавка на скапа медицинска опрема, а притоа никој да не пресметал колку пациенти навистина имаат потреба од неа, постои ли обучен кадар и колку ќе чини одржувањето.

Или замислете регион во кој е одлучено да се отвори нов здравствен капацитет, без анализа на демографските движења, распространетоста на болестите и постоечката мрежа на здравствени услуги.

Ваквите одлуки можат да изгледаат оправдано во моментот кога се донесуваат. Но, вистинската слика излегува на виделина по неколку години, кога станува јасно дека парите отишле таму каде што најмалку биле потребни.

Отсуството на докази не значи секогаш дека недостигаат информации. Податоци може да постојат, но да не бидат анализирани, да се користат селективно или едноставно да бидат игнорирани.

Честопати одлуките се носат по инерција, со она познато оправдување: „така отсекогаш се работело“. Понекогаш пресудна станува личната проценка на раководителот. А понекогаш краткорочните политички интереси добиваат предност пред долгорочните здравствени потреби.

Искуството и професионалната интуиција имаат свое место во одлучувањето. Но, тие не можат да бидат замена за систематска анализа, особено кога се трошат огромни народни пари и кога од еден потпис зависи здравјето на илјадници луѓе.

Во здравството, импровизацијата може да има висока цена. Таа цена не се изразува само во пари, туку и во пропуштени можности за превенција, задоцнети дијагнози, нееднаков пристап до услуги и здравствени исходи што можеле да бидат подобри.

Затоа, пред секоја значајна одлука, институцијата треба да биде способна да одговори на едно едноставно прашање: што знаеме за проблемот и врз основа на што веруваме дека предложеното решение ќе даде резултат?

ШТО НАВИСТИНА ЗНАЧИ ОДЛУКА ЗАСНОВАНА ВРЗ ДОКАЗИ?

Во секојдневната лекарска пракса правилата се јасни: одамна е прифатено дека дијагностичките и терапевтските постапки треба да се темелат врз најдобрите достапни научни сознанија, клиничкото искуство на лекарот и потребите на самиот пациент.

Но, кога се носат одлуки на ниво на цел здравствен систем, равенката станува многу посложена.

Кога државата одлучува дали ќе воведе нова превентивна програма, како ќе ја организира примарната здравствена заштита или кои здравствени услуги ќе ги финансира, научните докази се неопходни, но не се единствениот елемент на одлуката.

При тоа, потребно е да се земат предвид и реалните здравствени потреби на граѓаните, колкави се расположливите ресурси, праведноста, општествените вредности и дали предложените мерки воопшто може да се спроведат во пракса.

Токму затоа во современото јавно здравје сè почесто се користи поимот „креирање здравствени политики информирани од докази“ (evidence-informed health policymaking).

Овој израз содржи една важна поента: науката не ја заменува одговорноста на оние што одлучуваат! Таа само им обезбедува знаење врз кое донесените одлуки треба да се потпираат.

Сепак, не секој доказ вреди исто.

Резултатите од една студија, колку и да изгледаат убедливо, треба да се разгледуваат во контекст на вкупните достапни научни сознанија во моментот, потоа, нивниот квалитет и колку тие се применливи во конкретните околности.

Исто така, од важност е како е спроведено истражувањето, колку се сигурни резултатите, дали се потврдени во други студии и дали можат да се применат во конкретните околности.

Подеднакво важно е да правиме разлика меѓу голи бројки и вистинско знаење.

На пример, официјалната бројка на заболени од некоја болест не ја покажува секогаш реалната состојба на терен. Таа зависи и од достапноста на дијагностиката, начинот на пријавување и способноста на системот да ги открива случаите.

Податоците се од полза дури кога некој правилно ќе ги анализира и протолкува.

Постои и уште една важна околност: научните сознанија не можат никогаш да бидат целосни и конечни.

Понекогаш доказите се ограничени, противречни или недоволно применливи во конкретната средина. Особено за време на нова епидемија или друга здравствена криза, одлуките мора да се носат брзо, дури и кога сè уште не располагаме со сите потребни информации.

Но, постоењето на научна неизвесност не смее да биде оправдување за произволно одлучување!

Напротив, таа неизвесност бара внимателна проценка на ризиците, јасно објаснување пред граѓаните зошто се носи одредена мерка и подготвеност таа одлука да се преиспита кога ќе се појават нови сознанија.

КАКО НАУЧНОТО ЗНАЕЊЕ СТАНУВА ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПРАКТИКА?

Здравствениот систем располага со огромно количество податоци. Секојдневно се регистрираат заболувања, се извршуваат прегледи, интервенции, се трошат средства, се следат здравствени исходи.

Но, поседувањето на тие податоци не значи дека ќе бидат искористени за носење подобри одлуки.

За тоа се потребни институционални механизми, а такви се: епидемиолошкиот надзор, здравствената статистика, регистрите на болести, проценката на здравствените технологии, клиничките упатства и систематската евалуација на здравствените програми. Со нивна помош, знаењето може да стане дел од секојдневното функционирање на системот.

Да земеме еден пример.

Ако одредена превентивна програма со години се спроведува со ист опфат и ист начин на организација, тоа воопшто не значи дека таа е успешна – дека ги постигнува посакуваните резултати.

Некој мора да праша: до кои популациски групи таа програма навистина допира, дали значајно ги намалува заболувањата или компликациите, колкави се трошоците за нејзино спроведување и конечно – дали постојат поефективни начини за постигнување на истата цел.

Без таква евалуација, програмата може да продолжи да се спроведува по инерција, дури и кога одамна престанала да дава резултат, односно, кога постојат сериозни причини за нејзино преиспитување.

Слично е и со организацијата на здравствените услуги.

Податоците за листите на чекање, упатувањата, повторените хоспитализации или регионалните разлики во достапноста на здравствената заштита можат да идентификуваат проблеми што воопшто не се согледуваат од вообичаените административни извештаи.

Арно ама, потребно е некој да седне да ги анализира, да ги поврзе со причините и да предложи решенија.

Затоа, на здравствените институции не им се потребни само сигурни информациски системи, туку и експерти и воспоставен систем на постапки преку кој податоците и научните сознанија ќе се претвораат во аргументирани препораки.

Притоа, една работа е пресудна: експертите мора да бидат независни!

Научните и професионалните тела треба да имаат можност слободно да ги изнесуваат своите заклучоци, без притисок тие однапред да се усогласуваат со политички или институционално посакувани исходи.

Конечната одлука може да биде политичка или управувачка. Но, научната основа врз која таа се темели мора да биде јасна, проверлива и јавно објаснета/образложена.

Токму тука знаењето станува дел од доброто управување (good governance).

ДАЛИ ИНСТИТУЦИЈАТА ИМА ХРАБРОСТ ДА ЈА ПРОМЕНИ ОДЛУКАТА?

Можеби најтешкиот испит за една институција не е донесувањето одлука, туку признавањето дека таа треба да се промени.

Во јавниот живот, кога некоја институција промени претходно донесена одлука, тоа често се толкува како слабост, недоследност или признание за неуспех.

Во науката, меѓутоа, е токму спротивното. Подготвеноста за преиспитување е една од основните претпоставки за напредок.

Може да се појават нови докази кои недвосмислено покажуваат дека некоја мерка е помалку ефективна отколку што првично се очекувало, дека носи непредвидени последици или дека едноставно во меѓувреме се појавило подобро решение.

Ако една институција упорно ги игнорира овие докази само за да го зачува впечатокот на доследност, нејзината претходна одлука се претвора во пречка за подобрување.

Затоа, секоја значајна здравствена политика треба да содржи и механизам за следење на резултатите, за периодична евалуација, како и можност за навремена корекција.

Особено во услови кога постои научна неизвесност, многу е важно јавноста отворено да се информира: што е утврдено, што сè уште не е познато и под кои околности одлуката би можела да биде изменета.

Таквата отвореност не ја поткопува довербата. Напротив, ја зајакнува, бидејќи покажува пред јавноста дека институцијата не се обидува да создаде привид на непогрешливост.

Тука повторно се среќаваме со идејата за здравствен систем што учи (learning health system).

Да се потсетиме: Во таков систем, новите научни сознанија, резултатите од сопствената работа и искуствата на пациентите постојано се користат за подобрување на одлуките.

Но, за тоа е потребно нешто повеќе од технички капацитет.
Потребна е поинаква култура – институционална култура – во која критичкото размислување се поттикнува, несогласувањето засновано врз аргументи се почитува, а признавањето на грешките не се доживува како удар врз авторитетот.

ЗНАЕЊЕТО КАКО ЈАВНА ОДГОВОРНОСТ

Донесувањето одлуки врз основа на докази не е само прашање на методологија, туку и прашање на професионална етика и одговорност кон јавниот интерес.

Кога една институција одлучува за здравјето на луѓето, таа има обврска да го искористи најдоброто знаење што ѝ е достапно, да ги признае ограничувањата на тоа знаење и јавно да ги објаснува причините за своите постапки.

Ова бара и интелектуална чесност! Тоа значи да не се избираат само оние податоци што одговараат на веќе однапред посакувана одлука, да не се прикриваат неповолните резултати и неизвесноста да не се претставува како сигурност.

Во претходните „членови“ зборувавме за професионалната одговорност на раководителите и за принципите на доброто управување со институциите.

Сега на тие принципи им додаваме уште една неопходна димензија, клучен столб: одговорноста секоја одлука да биде рационална, поткрепена со научни аргументи и отворена за проверка од јавноста.

Ниту еден здравствен систем на светот не е совршен – не може да избегне грешки, ниту може да ги предвиди сите последици од своите одлуки.

Но, може и мора да создаде услови во кои одлуките ќе се носат со максимално можна внимателност, нивните резултати постојано ќе се следат, а секое ново научно сознание ќе се користи за подобрување на практиката.

Зашто во здравството одговорноста за користење на знаењето е неразделна од одговорноста за здравјето на луѓето.

(Продолжува)

Related posts

Економска анализа на платите во Македонија

admin

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

admin

АНАЛИЗА: ВМРО-ДПМНЕ загуби речиси пет поени за шест месеци, СДСМ не го користи падот

admin

Паднавме пред целта

admin

Парламент на ботови и Влада на тролови

admin

Психопатите на власт: Зошто токсичните луѓе лесно стигнуваат до највисоките позиции

admin