4.8 C
Скопје
18 април, 2024
Inbox7.mk
НАСЛОВНА

Нови задоцнувања во изградбата на автопатот Скопје-Блаце

Изградбата на првиот дел од автопатот Скопје-Блаце доцни речиси шест месеци. Во јануари 2020 година, властите на Северна Македонија потпишаа договор со градежно претпријатие за започнување на првиот дел од работите, поточно за изградба на два, од вкупно 12 километри, но рокот не се почитува.

„Точно е дека врз основа на договорот, реализацијата на овој проект беше до крајот на оваа година, но мораме да нагласиме дека поради одолговлекувањето до декември 2020 година, експропријацијата не беше извршена на целата патека, тогаш во тоа време ние ја извршивме експропријацијата и започна интензивната работа, и поради тоа имаме доцнење од пет месеци“, изјави за медиумите Ејуп Рустеми, директор на ЈП „Државни патишта“.

Следствено, властите велат дека наместо да заврши во декември 2021 година, доколку не се појават други проблеми, првиот дел ќе заврши по април 2022 година.

„Очекувањата се првата фаза од изградбата да заврши кон средината на следната година и да се распише тендерот за изградба на втората делница, со што ќе продолжи овој дел до влезот на Скопје“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Во мај 2019 година, Косово свечено го отвори автопатот „Арбр Џафери“. 60-километарски автопат кој се протега од Приштина до Генерал Јанковиќ, на границата со северна Македонија. Граѓаните на двете земји со години чекаат властите на Северна Македонија да го завршат останатиот дел, односно автопатот Скопје-Блаце, со што се очекува дека ќе се поврзат главните градови на двете земји, Приштина и Скопје.

Од ЈП „Државни патишта“ велат дека покрај експропријацијата доцнења има и поради одредени проблеми кои настанале во градежниот дел, а кои не се предвидени во првичните проекти од страна на изведувачот.

„Имаме уште некои други проблеми, го имаме за потпорниот ѕид кој не беше предвиден во проектот и од градежниот дел има некои проблеми кои не беа предвидени во проектот и се надевам дека во овој зимски рок ќе ги решиме сите овие проблеми, од аспект на проектирање и ревизија на проектите“, истакна Ејуп Рустеми, директор на ЈП „Државни патишта“.

 

ЕКСПРОПРИЈАЦИЈАТА НА ЗЕМЈИШТАТА ЗА ПРВИОТ ДЕЛ, НА СУД

 

Првично, доцнењата на изградбата на првиот дел од овој автопат беа оправдани со постапката за експропријација на 68 парцели, сопственост на жителите на Блаце. Иако надлежните органи изјавија дека експропријацијата за првиот дел е завршена, има жители кои веќе го оспорија вреднувањето на нивните земјишта.

„Пред шест месеци општината го процени истото земјиште на 50 евра за квадрат од општината, додека кога е до државата… за експропријација нуди 400 денари. Сега предметот го поднесовме на суд бидејќи не сме согласни за цената. Сега чекаме нова понуда која се уште не е стигната“, рече еден од сопствениците на земјиштето во населбата Барди во Блаце, со кого контактиравме.

Во разговор со Мефаил Арслани, адвокатот на десетици сопственици на овие земји, тој потврдува дека неговите клиенти не се задоволни од процесот на експропријација.

„Имавме рочишта со Имотно-правната комисија и во присуство на државниот правобранител дадовме негативни изјави, и сега Законот предвидува предметот да се проследи до Граѓанскиот суд. Граѓанскиот суд, имено, вонпарничниот оддел, мора да го решава овој судски спор.

Аслани нагласува дека е извршено вештачење и дека според него имотите се потценети од надлежните.

„Ние извршивме и вештачења. Го зедовме и ценовникот од Агенцијата за катастар, каде се забележува голема разлика во цената, односно со понудената цена и со цената што ја нуди државата. Сега чекаме судското рочиште за да ги покажеме овие пропусти направени од Министерството за финансии при процесот на експропријација на овие земјишта“, изјави адвокатот Арслани.

Иако со бавно темпо, работите веќе продолжуваат за првиот дел, директорот на ЈП „Државни патишта“ вели дека незадоволните жителите од процесот на експропријација во првиот дел, ќе добијат паричен надоместок, согласно проценката на Судот.

„Штом судот ќе донесе одредена цена за соодветните парцели, ние ќе ја извршиме исплатата врз основа на одлуката што ќе ја донесе судот. Имаме некои делови од некои парцели за кои сопствениците на парцелите не беа задоволни од цената што им ја понуди државниот проценител. За сите кои не се согласија со цената на експропријацијата на тој дел, судските процеси продолжуваат и во моментот кога ќе заврши судскиот процес и судот ќе ја одреди цената на тоа земјиште, кога ќе дојде судската одлука, ќе ја извршиме исплатата врз основа на судската одлука“, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП „Државни патишта“.

Се уште не се знае дали доцнењето во првиот дел ќе ја одложи работата за вториот дел од овој автопат кој се протега од селото Блаце до Стенковец, завршувајќи на влезот на Скопје, со должина од над 10 километри. Надлежните велат дека подготвуваат проект за вториот дел. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека би било успех доколку кон средината на следната година успеат да најдат договорна фирма за изградба на вториот дел.

„Идејните проекти се завршени. При крај се студиите за животна средина. Кон средината на следната година ќе се потпише тендерска постапка за изградба и на овој втор дел. Втората фаза ќе се финансира со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој)  и инвестициски грант од ВБИФ“, изјави Благоја Бочварски, министер за транспорт и врски.

Првиот дел од автопатот се очекува да чини околу 15 милиони евра. Вториот дел кој е подолг над 10 километри ќе ја чини државата над 100 милиони евра. Иако ги контактиравме неколку пати, од Министерството за транспорт и врски, но и од Јавното претпријатие „Државни патишта“ одбија да дадат подетални одговори, а пред се да одговорат на главното прашање, кога ќе се случи свеченото отворање на овој автопат, конечното поврзување со Приштина преку автопатот „Арбр Џафери“.

ПАТНАТА ИНФРАСТРУКТУРА, ПРЕЧКА ЗА ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ

Од Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) велат дека изградбата на автопатот Скопје-Блаце е многу важен економски елемент за нашата земја, имајќи предвид дека нашата земја има трговски суфицит со Косово.

„Со изградбата на овој автопат домашното стопанство би се стимулирало уште повеќе за извоз во Косово, но и во земји до кои можеме да имаме подобар пристап преку Косово, каде за жал се уште го користиме тој канал и за излез во Република Албанија и Јадранот. Исто така, би го подобрил и движењето на работната сила, со што би можеле да го елиминираме големиот јаз меѓу понудата и побарувачката на работна сила“, вели Дурим Зекири од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека во последните три години извозот во Република Косово забележува намалување, а увозот од таму е зголемен, додека изградбата на овој автопат би бил дополнителен поттик за косовските бизниси да се приближат до нашиот пазар.

 „Во 2019 година сме извезле околу 338 милиони долари, во 2020 година 267 милиони долари, додека до деветтиот месец од 2021 година сме извезле 256 милиони долари. Увозот од Косово во 2021 година е двојно зголемен, од 33 милиони во 2019 година на 67 милиони долари до септември 2021 година “, изјави Дурим Зекири од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Нашата земја бележи застој во изградбата на речиси сите нови патишта и автопатишта, како и поправка на постојните кои не поврзуваат со нашите соседи.

 

Подготви: Валон Мани

 

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Related posts

Германија мора да реши многу проблеми – но како?

admin

Рустеми: Со „Бектел и Енка“ промовираме нов, ефикасен и модерен концепт на проектирање и градба

admin

ДКСК со иницијатива да се укине “балснсерот”

admin

Кемал Киличдароглу – човекот кој сака да го собори Ердоган

admin

Познато име се поврзува со убиството на Вања, тој е надвор од државата

admin

Ќе претседава ли Северна Македонија уште една година со ОБСЕ?

admin