12.8 C
Скопје
16 мај, 2024
Inbox7.mk
НАСЛОВНА

Како ќе го изградиме идниот еко систем на иновативни вештини?

Кои се тие знаења и вештини кои ќе ни донесат подобри работни позиции, како ние како мала економија ќе фатиме чекор со светскиот тренд на вмрежување на компании, стартапи и други ентитети за заеднички развој, како ќе го изградиме идниот еко систем на иновативни вештини во земјава беа само дел од прашањата кои беа во фокусот на панелот: „Еко системот и идните вештини кои се бараат на пазарот на труд“ во организација на УНДП.

Пишува: Катерина Топаллова

Аналитичкото размислување и иновативниот мајндсет, активното учење, критичкото размислување како и способноста за решавање на комплексни проблеми се наоѓаат помеѓу топ бараните и важни вештини кои што се идентификувани од Светскиот економски форум како сет од идни иновациски вештини кои треба да ги поседуваат работниците. Кои се тие знаења и вештини кои ќе ни донесат подобри работни позиции, како ние како мала економија ќе фатиме чекор со светскиот тренд на вмрежување на компании, стартапи и други ентитети за заеднички развој, како ќе го изградиме идниот еко систем на иновативни вештини во земјава беа само дел од прашањата кои беа во фокусот на панелот: „Еко системот и идните вештини кои се бараат на пазарот на труд“ во организација на УНДП.
Инаку, Светскиот економски форум, во последниот извештај за новите работни места констатира дека 50 проценти од луѓето ќе мора да ги обноват своите вештини и знаења во следните 10 години поради двојното пореметување кое што настана -глобалната пандемија и поради интензивираната технолошка автоматизација на работните процеси.

Како Фондот за иновации и технолошки развој работи на поддршка на нови компании, дали е вклучен и во развојот на нови вештини говореше директорот Фестим Халили. Тој  истакна дека како институција, Фондот постои 7 години и досега поддржале околу 800 проекти како поттик на технолошката револуција на малите и на средните претпријатија. Нивната цел во иднина е да го подигнат нивото на поддршка за компаниите. Тој откри дека Фондот добил нови 5 милиони евра од „Хоризонт Европа“ со кој ќе се поддржат нови мали и средни претпријатија и нивниот развој.

 

– Ние сакаме Фондот да ја игра главната улога како институција на Западниот Балкан која ќе ги спои останатите вакви институции од регионот и ќе работи на зајакнување на меѓусебни решенија. Морам да се пофалам дека сите компании што досега добија поддршка од Фондот, вработуваат 8.500 луѓе. Нашите програми за стартапи, за спин оф програми им помагаат на новите компании да се зајакнат, но имаме и програми за коперцијализаџија на продукти, акцелератори, но работиме и на тематски програми, како на пример програми за социјално претприемништво. Работиме и на програми за  вештачка интелигенција, а имаме и национален стратешки план, со кој планираме да ги воспоставиме контурите на вештачката интелигенција во нашата земја. Верувам дека ова ќе помогне да се привлечат инвеститори од оваа сфера, како на пример од автомобилската индустрија. Досега обучиваме и многу млади лица како и студенти, а даваме поддршка за обуки за  вработените во компаниите. Фондот и понатаму ќе продолжи да дава поддршка на компаниниите – рече Халили.

Азир Алиу, проект менаџер на FutureSkills Центарот во Тетово во своето излагање истакна дека преку обуки наменети за вработени и невработени лица работат на три столба, градежната индустрија, текстилната како и обновливите извори на енергија, а во тек е развивање на иницијатива и во сферата на земоделството.
– Досега имаме многу лица кои се обучени во овие столбови и обезбедивме експерти од регионот и земјата кои ги држат обуките. Сакаме да ги следиме трендовите и да дадеме поддршка на сите. Не е добро само една институција да ги решава проблемите со идните вештини, затоа овој центар е потребен поради целата динамика – истакна Алиу. Во FutureSkills Центарот во Тетово досега се направени обуки за 400 илјади граѓани.


Андреа Шепарац, извршен директор на развојната агенција „Симора“, од Сисачко-мославинската жупанија од Хрватска во која се развиваат вештини поврзани со гејминг-индустријата истакна дека доаѓа од еден од 20 -те региони во Хрватска кои имаат вакви агенции. Секоја од нив има задача да придонесе во развојот на локалната економија.
– Доаѓам од еден од најголемите региони, но и од најсиромашниот во нашата земја.  Имаме 30 проценти невработеност. Како што знаете и самите, рафинериите, прехрамбената индустрија колабираа и баравме излез од оваа ситуација. Симора се истакна со една идеја, отворивме гејминг центар. Во 2016 година гејмингот беше нешто непознато, не гледаа како да сме луди. Можеби бевме, но исто така бевме и визионери. Денеска се знае дека гејминг индустријата вреди повеќе од Холивуд и Боливуд заедно – рече таа.
Шепарац истакна дека за да го постигнат резултатот вовеле 6 чекори, меѓу кои воведување на часови по англиски јазик за децата од градина, неформално образование, нова програма за средните училишта, инкубаторот Писмо, изградиле 2 згради, купиле, гејминг опрема и почнале со тренинзи за невработените кои траат 6 месеци. Тие добиваат минимална плата за да ги покријат основните трошоци и сите живеат во истиот град.
Потоа, објасни таа, започнале со проектот за гејминг кампусот, а сега резултатите се 66 стартапи во рамки на Писмо со околу 100 вработени кои секојдневно смислуваат многу иновативни идеи.
– Ние не ги напуштаме традиционалните индустрии туку им помагаме при дигиталната трансформација. Индустријата за видео игри ни покажа дека е добра визија, која го придвижи и заживеа регионот и обезбеди нови работни места – рече Шепарац.

Јован Деспотовски, директорот на технолошко развојната зона Бунарџик истакна дека во земјава во моментов има 14 развојни индустриски зони во кои оперираат 34 големи компании кои вработуваат 14.500 наши граѓани. Тој објасни дека еден од главните предизвици со кои се соочиле било развивање на пазарот на тудот, прво во самите тие компании, но и за сите оние што сакаат да прошират капацитети, или да влезат на пазарот.
– Важно ни беше и да видиме што нуди нашата земја како потенцијална работна сила. Целта ни е што поголем број на граѓани да ги почувствуваат бенефитите од странските инвестииции, но не само во поглед на добро работно место, туку и добра плата. Една од работите што мене ме изненади, секако не во добра смисла е што просечната плата што компаниите ја исплаќаа во  зоните беше пониска од просечната во државата. Тоа значи дека и покрај силната државна поддршка, државата не успеала да содаде механизам, ниту разбирање кај големите компании, луѓето да ги наградат соодветно на својот труд. Наша цел секако е покрај стабилни работни места да обезбедиме и повисоки плати за вработените – рече Деспотовски.

Тој исто така објасни кои мерки се преземаат за подобрување на состојбите преку реорганизирање и иновации како нов пристап на државата во кој бенефитите ќе ги почувствуваат сопствениците, работниците и нашата држава. Деспотовски говореше и за проблемот со реалната состојба за работната сила во земјава и дека ќе се развиваат механизми со кои не само што ќе знаеме каков кадар имаме во секоја индустрија, туку ќе се обидеме и да ги вратиме оние што заминале надвор и сега имаат желба и мотив знаењето да го пренесат тука.
– Работиме на концепт да ги поттикнеме луѓето преку поинаква форма да се пријават во одредена база и ќе може да црпиме попрецизни податоци, за да имаме што да им понудиме на индустриите на 21 век. Фокусот ни е насочен кон млади луѓе, дуалното образование во средно, студентите на факултетите, но и да допреме и до сите кои се работно ангажирани и кои се подготвени да го променат работното место – истакна Деспотовски.

Пранвера Кастрати од Регионалниот коопреративен центар од Истанбул кажа дека инвестираат многу во вештините на иднината и дека се соочуваат со многу предизвици на ова поле како и секоја земја.
– Денеска луѓето мора да се опремени со разни вештини, од најбазичните како писменост, до дигитална писменост, напредни технолошки вештини, но и претприемачки и јазични. Сето тоа подразбира личен развој и учење за да се научи. Сето ова бара од нас да се вклучиме во работните места на иднината преку жонглирање со многу вештини. Но, брзиот технолошки развој ни носи брзи промени и им прави позитивен притисок врз луѓето да стекнуваат нови вештини и да се гледаат како соодветни за идните работни места – рече Кастрати.
Таа истакна дека Ковид на сите нам ни покажа дека имаме проблем со дигиталните предизвици и дека не секој можеше да се снајде во тој наметнат виртуелен свет во кој моравме да работиме и да живееме. Таа рече дека решавањето на овие проблеми бара холистички пристап од самите држави, како и институциите, преку поддршка на многу програми за преквалификации.
Кастрати говореше и за тоа дека државите од Западен Балкан се далеку под просекот за разлика од ЕУ граѓаните кога е во прашање користењето на владините услуги, но позитивно е тоа што во сите земји од Западен Балкан, граѓаните сѐ повеќе користат Интернет, а неки се дури и над европскиот просек, како на пример Косово со 96 проценти.
– Ова ни кажува дека имаме потенцијал да ги користиме дигиталните вештини многу подобро – рече Кастрати.
Младен Фрчковски, раководител на одделението за активни мерки и програми за вработување при Министерството за труд и социјална политика рече дека во последните години неколкукратно е зголемен фондот за опфат на лица со активните мерки за вработување и потенцираше дека не се занимаваат со лесно вработливите лица, туку со оние лица кои што имаат потешкотии да влезат на пазарот на трудот.
– Проблем е нивната инклузивност, тие се ранливи категории на луѓе. За нив е многу потешко да се креираат ефективни мерки кои ќе придонесат кон нивно вклучување на пазарот на трудот, но сепак, од година во година сѐ повеќе се усовршуваме и ги адаптираме мерките на потребите кои се рефлектираат од страната на побарувачката – рече тој.
Програмата за самовработување со грант е една од најударните мерки, рече Фрчковски во своето излагање, која сега изнесува 5.000 евра, што е зголеување за 2.000 од пред некоја година.

– 70 проценти од сите бизниси кои се отворени преку оваа програма за самовработување се сѐ уште активни на пазарот на трудот. Тоа значи дека не само што уште опстпојуваат, туку дел од нив вработиле уште луѓе. Инаку поддржуваме иновативни бизниси, го следиме трендот што го налага пазарот на труд – рече тој.
Обуката за напредни ИТ вештини е исто така нова мерка која се сропведува, а Фрчковски рече дека на луѓето што се обучат ќе им донесе добра и платена работа.
– Голем е интересот за оваа обука и секоја година го зголемуваме опфатот. Трета мерка која ни е значајна е обука за занимања кои се барани и атрактивни на пазарот на труд. Правиме листа секоја година во соработка со стопанството од 10 топ занимања кои ќе бидат атрактивни во иднина и се нудат обуки – рече Фрчковски.
Како да се подобрат знаењата и вештините кај постоечката работна сила, како полесно да се трансфоирмираат нивните вештини и тие да влезат на пазарот на труд говореше и Зоран Мартиновски од консултантската куќа Primepoint Partners. Тој предупреди дека поради брзината на промените која ни се случува, особено со дигиталната трансформација, 85 милиони работни места во иднина ќе исчезнат, и тоа за многу краток период. Но, ќе се отворат нови 95 милиони работни места кои не знаеме какви ќе бидат, ниту пак какви вештини ќе ни бидат потребни.
– Тие промени можеме само да ги предосетиме. Тие нѐ упатуваат на тоа дека мора да се подготвиме за иднината. Извештаите говорат дека 40 проценти од сите вработени во светот мора да поминат низ нов процес на преквалификација и доквалификација. Ако ја земеме состојбата со Македонија и последните податоци, околу 400 илјади луѓе треба да се преквалификуваат и доквалификуваат, односно да се дообучат за постојното или да се стекнат со сосема нови вештини за ново работно место – рече Мартиновски.
Тој истакна дека прашањето на континуирано учење треба да биде стратегија на секоја компанија и тоа на највисоко ниво. Совладување на вештини кои ќе нѐ држат конкуренти постојано, според него е еден од најважните сегменти. Исто така изјави дека е добро што компаниите сѐ повеќе ја препознаваат оваа нужност да ги менуваат вештините на своите вработени.
– Образовниот систем во вакви услови никогаш нема да биде доволно брз да воведе програми кои ќе може да одговорат на пазарот на труд. Ние како земја сме упатени, нашата постоечка сила, оние категории од 35 до 50 години, што ќе правиме со нив, тоа е клучното прашање што треба да го решиме – рече тој.

Related posts

Тестовите ПИСА се аларм за итни реформи во образованието

admin

Германскиот канцелар Шолц го осуди терористичкиот напад во Москва

admin

Министер на Курти допатува на средба кај Ахмети, реагира Касами

admin

Таравари ќе бара Северна Македонија да излезе од „Отворен Балкан“

admin

Владата бара да се штеди дома, а се расфрла во странство

ninja

Меџити за АЛФА: Четворица пратеници на „Европскиот фронт“ може да преминат во ВРЕДИ

admin