Американската политика кон Западниот Балкан влегува во нова фаза, покажува најновиот извештај на Стејт департментот доставен до Конгресот, пренесува „Дојче веле“.
Според документот, приоритетите на Вашингтон се поместуваат од класичниот модел на демократизација и институционално градење кон стратегија базирана на економија, инфраструктура и директна заштита на американските интереси.
Северна Македонија во новиот пристап сè повеќе се третира како геостратешки и економски партнер, а сè помалку како проект за политичка трансформација.
Во извештајот се наведува дека „ерата на градење држави предводена од САД заврши“, додавајќи дека американската политика повеќе не е насочена кон „спас или реконструкција“, туку кон „стабилност и заемно корисни партнерства“.
Документот нагласува дека економијата станува централна оска на американскиот ангажман во регионот. САД сакаат „да се натпреваруваат за американските комерцијални интереси“ и да обезбедат „фер и реципрочна трговија“.
Се открива и дека Вашингтон преговара за трговски договори со Северна Македонија и Србија, со цел да се обезбеди „невиден пристап“ за американските извозници на тие пазари.
Инфраструктурата е означена како клучен геополитички инструмент. Во тој контекст експлицитно се споменува Коридорот 8, каде САД сакаат да обезбедат значајно присуство на американски компании.
Американската стратегија силно се фокусира и на енергетиката. Во извештајот се нагласува дека диверзификацијата на снабдувањето со енергенси, вклучително и американски течен природен гас, нуклеарна технологија и обновливи извори, е дел од пошироката политика за стабилност и економско влијание.
Русија и Кина се посочени како главни конкуренти на Вашингтон во регионот. За Москва се наведува дека „ги поттикнува етничките тензии“ и користи енергетски притисок, додека за Пекинг се вели дека влијанието го шири преку кредити, трговија и инфраструктурни проекти.
Во документот речиси целосно отсуствуваат референци за европската интеграција на земјите од регионот, како и за политиката на проширување на Европската Унија.
Посебен акцент е ставен и на организираниот криминал. Според извештајот, криминалните групи од Западниот Балкан претставуваат „директна закана за националната безбедност на САД“, особено преку врски со наркокартели и нелегални финансиски мрежи.

