Не се знае колку чини патувањето на премиерот и на владината делегација во Њујорк. Но, познато е дека за тендерот за саемот за вино во Белград на кој присуствуваа половина министри од владиниот кабинет се издвоени речиси 400 илјади евра. Повеќе се штедело на настаните и прославите дома.
Традиционално македонска делегација секоја година учествува на Генералното собрание на ОН во седиштето на организацијата во Њујорк заедно со лидерите од целиот свет. Ниту годинава не е исклучок, па така премиерот Димитар Ковачевски придружуван од неговата сопруга веќе цела недела е во САД. Секој негов чекор и средба е забележан, но она што не е познато е колку точно брои владината делегација и колку чини ова службено патување.
Од Владата се повикуваат на соопштението во кое е наведено дека премиерот е заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи и советникот за надворешни работи Едмонд Адеми, а друштво им прави и постојаниот претставник на земјава при ОН, Љубомир Фрчковски. Но, не е споменато името на министерот за образование Јетон Шаќири, кој ,исто така, учествуваше на самитот.
На 28-та седница во март годинава Владата усвои антикризни мерки за намалување на трошоците во јавниот сектор.
„Сите буџетски корисници и единки корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство“, беше една од донесените препораки од страна на Владата.
По само неколку месеци од оваа одлука, на почетокот на септември Владата потроши стотици илјади евра за учество на првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам во Белград како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, која ја предводат Македонија, Србија и Албанија.
Од штанд до штанд и насмеан Ковачевски дегустираше вино заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама. Ова задоволство е познато колку чинеше, бидејќи беше спроведен тендер.
За „Храна и вино“ речиси 385 илјади евра
Во услови кога Владата упати препораки и мерки за штедење поради енергетска криза, зголемена инфлација и трошоци за живот, за учество на саемот, како и за дополнително осмислување и реализација на еднодневен фестивал на храна и вино во земјава издвоила околу 385 илјади евра.
Тендерот го доби агенцијата Рејтинг СП-М од Скопје, а за што конкретно се наменети парите во документацијата на договорот не е наведено.
Премиерот Ковачевски, како што ни одговорија од Владата, го придружувале 9-мина вработени во неговиот кабинет и двајцата национални координатори за Отворен Балкан.
„Додека од останатите институции секоја делегираше според сопствени потреби зависно од форматот и бројот на состаноци“, велат од Владата од каде додаваат дека дале поддршка и на 40 претставници на медиуми да го пренесат настанот.
Ковачевски во Белград со пола Влада
Македонија на саемот беше претставена со вкупно 42 винарии и 3 дестилерии, а претставувањето, како што беше најавено го реализираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Очекувано беше во свитата на Ковачевски да се најде и министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Но, дел од владината делегација беше и вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за правда Никола Тупанчески, за култура Бисера Костадинова Стојчевска, за одбрана Славјанка Петровска и за транспорт и врски Благој Бочварски.
Ковачевски во Белград им беше и домаќин на своите министри, бидејќи организираше „Македонската вечер”, каде, според најавите, присуствувале претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија.
Од Владата не добивме одговор колку чинела „Македонската вечер“ и колку луѓе присуствувале на неа, туку само кое било значењето на саемот.
„Бенефитот за домашниот бизнис сектор е огромен посебно во услови на светска криза кога повеќе од секогаш е потребно да ја поддржиме домашната економија и нашите граѓани“, велат од Владата.
За илустрација 400 илјади евра не може да заработи еден човек за цел работен век ако месечно зема просечна плата, која во моментов изнесува 500 евра.
Меѓу другото, освен за винската визија, саемот во Белград им послужи на лидерите да испратат порака дека заедно ќе ја презимат зимата која ќе биде тешка, оти енергенсите се скапи, а тоа доведе и до низа поскапувања. Македонија не произведува доволно ни храна, ни струја.
Владата не ги штеди ни странските домаќини
Ковачевски не го „штедел“ ниту неговиот поранешен бугарски колега Кирил Петков. За официјална вечера со Ковачевски и неговата бројна придружба во јануари, како што јавија бугарски медиуми, Петков потрошил 9.000 евра. Поскромни од македонскиот премиер биле германскиот канцелар Олаф Шолц и холандскиот премиер, Марк Руте, бидејќи дружењето на Петков со нив чинело по 1.800 евра.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска неодамна во интервју за Макфакс изјави дека сите функционери имаат обврска да кажат како ги трошат јавните пари.
Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции на која толку се гордееше сегашната власт не функционира од 2019 година. На неа можеше да се види поединечно колку Владата, министерствата и секој функционер поединечно потрошиле пари и за која се намена.
Помалку пари за настаните дома
За разлика од странство, помалку пари се трошеле за настани дома, покажуваат податоците од спроведените тендери и документацијата на Бирото за јавни набавки.
Владата годинава потрошила 40 илјади евра помалку за прославата за Денот на независноста за разлика од претходната 2021, но тогаш се славеше 30 годишнината. Договорот со Скопје филм студио, според тендерот, е околу 57 илјади евра.
Но, оваа година Владата издвоила околу 17 илјади евра за прославата на Илинден. Лани нема спроведено тендер за оваа намена. За хотелски услуги дома и во странство на претставници на Владата, како што покажуваат тендерите, е предвидена истата сума и за 2021 и за 2022 година од околу 191 илјада евра.
Кои други министерства трошеле пари
Владата за саемот во Белград и прославите на празниците и хотелските услуги годинава вкупно потрошила околу 652 илјади евра. Останатите министерства за настани за кои има спроведено тендери потрошиле речиси 550 илјади евра.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во моментов заедно со премиерот Ковачевски е во Њујорк. Османи беше организатор на Преспа форумот за дијалог кој се одржа во Охрид во јуни. За форумот вкупно биле издвоени 75 илјади евра. И лани и годинава за подготовка и кампања за форумот се грижела маркетинг агенцијата Њу Момент за идентична сума од 29 илјади евра.
Министерството за надворешни работи речиси за три пати повеќе пари годинава потрошило за хотелски и ресторански услуги, како и за конференциски сали, односно 94 илјади евра. За истата намена лани се издвоиле 35 илјади евра помалку. Ова Министерство секогаш има поголеми трошоци за патувања со оглед на функцијата што ја врши, а веројатно се забележува зголемување по Ковид Пандемијата.
Министерството за финансии предничи во трошоците
Владата истовремено на сите буџетски корисници им наложи да скратат по 10 отсто од трошоците и да го известат Министерството за финансии на што ќе штедат.
Но, токму Министерството за финансии кое е задолжено да ја врши контролата, годинава воопшто не штедело на настани и пропратните услуги за нивно организирање. Маркетинг агенцијата Њу момент го добила и овој тендер.
За своите услуги на министерството е предвидено да му наплати до 238 илјади евра. Во 2021 немаше мерки за штедење, но тогаш за истата намена со истата агенција Њу момент, министерството издвоило три пати помалку пари или околу 80 илјади евра.
Прославите за независноста поскромни од тие за рамковниот
Ако Владата годинава најмногу го одврзала ќесето, лани тоа го направи Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое потроши речиси половина милион евра за прославата на 20 годишнината од Рамковниот договор. Годинава прославата беше далеку поскромна и чинеше речиси 100 илјади евра, при што не изостануваа странските и домашни пејачи, а тетовската фирма Арбериа Десигн беше задолжена за организацијата.
Настани годинава организирале и Министерството за одбрана кое за Меѓународна НАТО конференција за комуникатори потрошило околу 36 илјади евра и МВР кое за угостителски услуги за Состанок на комитетот за министри на конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа во Скопје издвоило речиси 6500 евра. Останатите министерства немаат спроведено тендери за ваква намена.