28.8 C
Скопје
15 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Софија одговори на вербалната нота од македонското МНР

Додека бугарското МНР ги повикува политичарите од двете страни на границата да ги насочат напорите кон јакнење на добрососедство, во бугарското собрание пак се слушна старата и неприфатлива реторика

По вербалната нота што пред два дена ја упати  македонското МНР  преку амбасадата во Софија, со која изрази незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката паријата ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, вчера бугарското Министерството за надворешни работи објави свој „став во врска со неодамнешните јавни изјави, односно Северна Македонија“.

„Бугарија секогаш се стремела кон зајакнување и продлабочување на пријателството и добрососедството во односите со Северна Македонија. Бугарската држава инвестира многу напори за реализирање на таа цел во последните години“, се вели во ставот на бугарското МНР.

„Во таа насока, МНР одново потенцира дека секакви јавни изјави кои ја навредуваат или провоцираат другата страна се апсолутно неприфатливи. Тие не ја претставуваат официјалната позиција на бугарската држава, и обиди да бидат претставени како такви се некоректни и знак на недобронамерност. Независно од мноштвото провокации против Бугарија и особено против Бугарите во Северна Македонија во последните месеци, го сметаме таквиот говор за неприфатлив и исклучително контрапродуктивен. Таквите изјави не се во интерес на Бугарите во Северна Македонија. Тие го оттргнуваат општественото внимание од правичниот и легитимен стремеж на бугарската заедница за еднакви граѓански права, особено за слободно здружување и одбрана на нивното културно и историско наследство“, се наведува во соопштението.

На крајот, бугарското МНР „во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, ги повикува политичарите и јавните личности од двете страни на границата да ги насочат своите напори и пораки кон потпомагање на процесот за враќање на довербата и зајакнување на добрососедските односи“.

Пак по старо

Но, истиот ден кога е објавен ставот на бугарското МНР (19-ти октомври), од пратеници во Народното собрание, но и бугарски европратеници, повторно беа искажани ставови, слични на оние поради кои македонското МНР претходно реагираше до Софија.

Пратеникот и лидер на партијата „Преродба“, Костадин Костадиниов, во говорот во Народното собрание, посочувајќи го клучните национални интереси кои Бугарија мора да ги заштити, даде изјава која недвосмислено рефлектира територијални претензии.

„Должни сме да го заштитиме бугарскиот национален интерес во втората бугарска држава во Европа – Македонија, или како што е позната од скоро, Северна Македонија“, порача пратеникот Костадинов.

Пратеничката и лидерка на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, од собраниската говорница даде предлог како да се заштити достинството на бугарскиот народ.

„Има едно прашање, кое некако набрзина го решивме на крајот од минатиот парламент. Ние од ‘БСП за Бугарија’ не ја поддржавме одлуката на парламентот за давање зелено светло за членство на Република Северна Македонија. Имавме свои аргументи. Гледате ли што се случува во последните денови и месеци? Во име на заштитата на достоинството на бугарскиот народ, предлагаме и ќе поднесеме декларација, со која, ако прифатите да ја одобриме, да го осудиме јазикот на омразата, агресијата, понижувањето на бугарското знаме и симболи,  на  бугарската химна,  на името на Бугарија и на достоинството на бугарскиот народ. За сето ова да се случи, ние сме свесни дека мора да има функционален парламент“, порача Нинова.

Корнелија Нинова, претседателка на бугарската Социјалистичка партија
Корнелија Нинова, претседателка на бугарската Социјалистичка партијаФотографија: BGNES

Џамбаски со истата реторика

А  европратеникот Ангел Џамбаски,  чии изјави беа и конкретен повод за вербалната нота на македонското МНР до Софија, во дебата на студиото на „Еуроњуз Бугарија“ во Стразбур, посветена на пристапувањето на Бугарија во Шенген, разговорот повторно го насочил кон – „омилената тема“.

„Само да споредиме каков беше притисокот и какво огромно лицемерие имаше и во оваа сала и во институциите – каков беше притисокот Бугарија да се откаже да ги заштитува своите интереси во Македонија, Бугарија да се откаже да ги заштитува човековите права во Македонија и да даде ‘зелено светло’ за некакви процеси во PCM, која вчера во своето законодавство внесе жесток антибугарски закон. Тој е крајно опскурен, болшевички, сталинистички, титоистички – има за цел да ги забрани  бугарските здруженија.  Толку од европската вредност наречена ‘слобода на здружување’, ‘слобода на мислење’, ‘слобода на самоопределување’. Оттука натаму тоа не е Северна Македонија – тоа е Северна Кореја“, ја пренесе „Факти.бг“ изјавата на европратеникот Џамбаски.

Единствениот кој не припаѓа на пратеничкото друштво, нема функција и политичка тежина во бугарското општество, а настапува со слични ставови, е Слави Трифонов, лидерот на „Има таков народ“ – партијата која не доби ниту едно пратеничко место во 48-то Народно собрание. Тој пред два дена се заложи за ново бугарско вето за РСМ.

„Ако Европската Унија сè уште ги цени човечките вредности што ги прокламира, веднаш треба да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија да стане членка на Унијата (…) Второ, и најважно – откако ќе почне со работа, новото Народно собрание е должно да го врати ветото на Бугарија против Северна Македонија. Бугарија е таму каде што има и само еден Бугарин“, порача Трифонов.

Related posts

Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директорите

admin

ЗА НАС Е ПОРАЗИТЕЛНО ОТИ НЕ СМЕ СИ ГИ ЗАВРШИЛЕ ДОМАШНИТЕ ЗАДАЧИ, ВЕЛИ ​​​​​​​ДКСК ЗА ТИМОТ ЗА САНКЦИИ ОД ВАШИНГТОН

ninja

Како посетата на Албин Курти го разбранува регионот

admin

Армијата ќе се поднови со хеликоптери „агуста“ од Италија

admin

Ќе паѓаат цените на основните производи

ninja

Петте општини со најголем број на нелегални објекти

admin