„Многу сме близу од лажна дојава да дојдеме во ситуација на сериозни закани, поради што мора да се преземат мерки за да се делува превентивно“, укажува воено – безбедносниот експерт Благоја Марковски.
Хибридните закани од регионот полека се прелеваат и во Северна Македонија. По серијата дојави за лажни бомби во соседните земји (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина), во изминативе две недели и македонската јавност е вознемирена по информациите за наводни подметнати експлозивни направи во автобуси на ЈСП и во осум скопски средни училишта. Иако и едната и другата дојава се покажаа како лажни, тие предизвикаа вознемиреност меѓу жителите на главниот град.
Во меѓувреме на интензитет добија и хакерските напади на државни институции, кои повеќе од еден месец се обидуваат да „застанат на нозе“. Иако според Марковски, станува збор за сосема различни закани со кои што се соочува земјата, сепак и бомбите и сајбер-нападите се безбедносен ризик за земјата.
„Станува збор за безбедносен ризик, закана за безбедноста, со оглед на тоа дека се прелеваат влијанијата од Западот во Северна Македонија. Ова што ни се случува сега е одраз на незадоволство од животот, средината, од нерешавањето на проблемите. Но, се плашам дека ако продолжи вака може лесно да ескалира“, вели за ДВ, Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност.
Превенција
Тој е дециден дека „многу сме близу од лажна дојава да дојдеме во ситуација на сериозни закани, поради што мора да се преземат мерки за да се делува превентивно“. Во однос на превентивата, според него, потребна е поголема соработка на образовните, воспитните институции, како и надлежните за труд и социјала со безбедносните институции.
Хибридните напади се закани кои се продуцирани со цел да поткопаат или наштетат на нечиј углед и статус, независно од тоа дали станува збор за индивидуа, колектив, институција, држава. Тие се комбинација од воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер-напади, економски притисок… Брзината, обемот и интензитетот на хибридните закани е зголемен последните години, поради што и отпорноста, превенцијата и подготвеноста за одговор на хибридните закани станува еден од врвните приоритети.
Македонија, како НАТО членка има обврска да ги подготви институциите и да ја зголеми отпорноста на хибридните закани, па за таа цел во 2021 година беше донесена Национална стратегија за градење отпорност и справување со хибридни закани. Но, поради специфичноста и сложеноста на овој тип на закани, безбедносните структури треба координирано да реагираат со цел превенција на ваквите појави, децидни се експертите.
Претпоставки
„Масло на огнот“ изминативе две недели долеаја и заканите за бомби во неколку скопски училишта. Полицијата истражува кој во средата и во четвртокот(26 и 27.10) на мејл адреса на осум средни училишта во главниот град испратил закана за подметната бомба. Училниците веднаш беа испразнети, а учениците евакуирани. Специјалци на МВР вршеа проверки, по кои утврдија дека се работи за лажна пријава. Минатата недела лажна дојава за бомба го блокираше и градскиот сообраќај, откако вработен во ЈСП испратил закана по мејл поради неисплатената плата.
„Ако станува збор за некаква политичка пресметка, таа не смее да се прави врз грбот на граѓаните“, вели првиот човек на МВР, Оливер Спасовски, кој смета дека казните за ваквите дојави, коишто предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните, треба да бидат најстроги.
„Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките“, порача денеска министерот за внатрешни работи.
Тој е дециден дека без разлика на што се однесува, никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас. „Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија“, рече Спасовски во интервју на Националната телевизија МРТ.