18.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Министерствата штедат струја со темни ходници

Гасење на светилките и соработка со колегите е рецептот за заштеда на струја од 43% во Министерството за локална самоуправа. Во Правда, до заштеда од 12% стигнаа преку промена на светилките и повеќе ограничувања, додека ЕСМ во септември и без фасада заштеди над 70% со исклучување на греењето.

Нови штедливи светилки. Лифтот заменет со скали. Нема вклучување клими и дополнителни греалки. Темни ходници. Ова се само дел од мерките што министерствата ги презеле за да ја намалат потрошувачката на струја.

Како дел од мерките за справување со последиците од енергетската криза, Владата го задолжи целиот јавен сектор да ги намали трошоците за струја за 15 отсто во однос на лани. Штедењето на струја започна да се применува од 1 септември и ќе трае до 31 март следната година.

Во Министерството за локална самоуправа овој септември потрошувачката на струја е намалена за 43 отсто во споредба со истиот месец лани. Минатиот месец потрошиле околу 4700 киловатчасови електрична енергија, а лани во септември – 8245.

Нуредин Исмаили, е задолжен за спроведување на мерките во Министерството за локална самоуправа. За Радио Слободна Европа вели дека и пред владината одлука за штедење, тој ги гаснел светилките во Министерството, оти последен си одел дома.

Нашето мото, и со колегите кога правиме муабет, сме кажале дека треба и Министерството да го чувствуваме како наш дом“, вели тој.

Навиките од работа Исмаили ги пренел и дома, па сега и таму гаси сè.

Од 16 министерства, колку што има македонската Влада, десет министерства во своите згради ја намалиле потрошувачката на струја за повеќе од 15 проценти, три министерства се околу границата, а три се под 10 проценти. Од оние кои најмалку ја намалиле потрошувачката на струја се Министерствата за одбрана и за надворешни работи со заштеда од по осум проценти и Министерството за здравство кое ја намалило потрошувачката на струја за два отсто.

Од Министерството за здравство на прашањата на РСЕ за тоа што прават за да заштедат, одговорија дека во постапка е смена на ссветилките со штедливи, но тоа не им помогнало многу во штедењето.

Помала потрошувачка, три пати повисоки сметки

Министерството за правда има енергетски ефикасна фасада, сменета како дел од проектот Скопје 2014, кога беше реконструиран изгледот на центарот на главниот град, при што зградите во центарот на Скопје добија барокни фасади. Министерството има барокна фасада однапред и обична од задната страна на зградата, а има и нови прозорци. Сепак тоа не беше доволно за намалувањето на потрошувачката на струја.

Министерството во септември ја намалило потрошувачката за 12 отсто во својата административна зграда, некој процент помалку од потребните 15. Зградата во која е сместено, заедно министерството и Информатичкиот центар, кој е во посебен објект, во септември имале за околу 2000 киловатчаса помалку потрошена струја во споредба со септември лани, но со оглед на повисоката цена, сметката за струја годинава им е за над трипати повисока од лани.

Арсим Нуредини надгледува како се спроведуваат мерките во ова министерство.

Тој за РСЕ вели дека се исклучени сите бојлери во зградата, исклучени се и феновите за сушење на раце во тоалетите, старите светилки се заменети со нови, а во салите за состаноци климите се користат само по потреба.

„Дел од препораките се – рационално користење на лифтот на прв и втор спрат, рационално трошење на клима уредите, да не се пушта светло во текот на денот, по завршување на работното време да бидат исклучени светлата во сите канцеларии, системот за греење да не е вклучен на температура повисока од 21 степен“, објаснува Нуредини.

За тие кои нема да заштедат беа најавени санкции, но сè уште не се знае дали и како ќе се казнат оние кои не ја намалиле потрошувачка на струја за 15%. Од Владата упатуваат на изјава на министерот за економија Крешник Бектеши, кој на минатонеделната прес-конференција рече дека премиерот не бил во Македонија кога во Владата ги добиле пресметките за струјата, па го чекаат да се врати.

„Откако ќе се врати, тогаш ќе го кажеме ставот како Влада што се однесува за оние што не заштедиле електрична енергија согласно мерките кои ги донесовме сите заедно“, рече тогаш Бектеши.

Премиерот брзо се врати, ама од Влада се уште нема информации за тоа што какви ќе бидат казните.

Заштеда од 75% во зградата без фасада на ЕСМ

Министерството за надворешни работи лани во јули набави електрични тротинети за вработените, како дел од проектот „Зелена дипломатија – новото нормално“. Министерството не ги исполни потребните 15 отсто заштеда на енергија.

Тие велат дека службените тротинети набавени за користење од страна на вработените во министерството, без разлика на зголемената цена на струјата, сепак се неколкукратно поисплатливи од возењето автомобили.

Министерството за транспорт, пак, им забрани на вработените да ги полнат електричните тротинети, велосипеди и веспи по канцелариите, а септември го заврши со заштеда на струја од 30 проценти.

Помалку струја потрошиле и во зградата на Владата, кај Претседателот на државата, во Собранието, судовите. Најголема заштеда на струја минатиот месец, по донесувањето на одлуката за рационално трошење струја, направила административната зграда на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со вкупно 75 отсто.

ЕСМ, државното претпријатие за производство на струја, како и на парно за скопјани, е сместено во зграда без фасада. Повеќе од девет години зградата во строгиот центар на Скопје, која некогаш ЕСМ ја делеше со ЕВН, стои недоправена.

Некогашната стаклена фасада беше отстранета во 2013 за да добие барокна, како дел од проектот Скопје 2014, но објектот не доби фасада и така си стои со години.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, вели дека треба да бидат пример како се штеди енергија.

„Намалено сосема на нула греењето, намалени осветлувањата, намалена другата потрошувачка. Максимално се придржуваме кон мерките на штедење што ги препорача Владата, меѓутоа не само препораката од Владата, ние имаме и дополнителни мерки“, рече Ковачевски.

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, печатење само потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од обврските кои државните институции мора да ги спроведат.

Related posts

ЗЕЛЕНСКИ ВО КОНГРЕСОТ: „ЌЕ ПОБЕДИМЕ БИДЕЈЌИ СМЕ ЕДИНСТВЕНИ“

ninja

Републиканците во Сенатот го блокираа нацрт-законот за помош на Украина и Израел

admin

Русија и Лавров изолирани во Скопје

admin

Физички нападната екипата на Алсат

admin

Путин победи на брутално лажирани избори

admin

Ердоган и Киличдароглу одат во втор круг, кои се нивните стратегии?

admin