5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

Политичките лидери не се договорија за уставни измени со кои ќе се исполни условот за продолжување на преговорите со ЕУ. Власта гледа позитивно што воопшто се седнале на маса лидерите, додека опозицијата смета дека власта нема слух за реалните проблеми на граѓаните и бара предвремени избори.

По четири часа разговори во Собранието лидерската средба заврши без консензус за уставни измени со кои требаше да се вметнат Бугарите и други националности во Уставот, услов за продолжување на преговорите со ЕУ. Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја свика оваа средба, вели дека поминала во позитивна атмосфера на дијалог, но без заеднички заклучоци.

„Не е време за поделби, никој нема корист од тоа. Сега е вистински момент да се искористи шансата и со полн капацитет да ја реализираме поставената цел. Затоа и напоменав дека од корист ќе е формирање собраниска група за европски реформи која врз основа на Извештајот на Комисијата и скрининзите ќе се погрижи реформите поврзани со ЕУ преговорите да не бидат блокирани и да не доцнат. Националниот совет за евроинтеграции претседаван од опозицијата треба да биде вистинското место за тоа“, рече, меѓудругото, Ковачевски.

Мицкоски – Мнозинство за уставни измени нема, логично е сега да се оди на предвремени избори

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски по средбата обвини дека власта нема слух за вистинските проблеми на граѓаните како што е инфлацијата, и дека сака да дефокусира со наметнување на темата уставни измени. Тој додаде дека после оваа средба која заврши без консензус е време за предвремени избори.

„Она што можам да го заклучам, а тука се и останатите претседатели на политичките партии кои се дел од нашата коалиција, е дека мнозинството нема мнозинство за уставни измени и водејќи се од овој заклучок, логичен след на настаните е парламентот да се распушти, да формираме техничка влада и да одиме на предвремени парламентарни избори. Тоа беше и од наша страна побарано на денешниот состанок откако стана очигледно дека немаме мнозинство кое би гласало за евентуални уставни измени кои ги предлага владиното мнозинство. Констатиравме дека ова е задоцнета средба и дека консензус и консултации со парламентарни политички партии се прави пред да се носат одлуки“, рече Мицкоски.

Мицкоски кажа и дека нема потреба да присуствува на евентуални наредни средби во иднина на кои би се разговарало за уставните измени. Тој додаде дека на средбата го поддржале предлогот на лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов да се бара од бугарската влада признавање на македонското малцинство во Бугарија, но и за тоа немало консензус.

„Самото тоа што го поддржав барањето на Павле Трајанов за признавање од бугарската влада на македонското малцинство во Бугарија е еден од тие услови. Втор услов е дека нема да има хегемонистички барања од страна на Бугарија – разговараме за историја како услов, негирање на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик итн. И уште многу други услови кои за жал отсуствуваат, ги нема. Бидејќи не се исполнети тие очекувања, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата нема да гласа за уставните измени“, додаде тој.

Ахмети – Отварање на минатото нема да и служи на иднината

Владиниот коалиционен партнер , лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека на лидерската средба се разговарало и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, но како што вели, приоритет биле уставните измени.

„И секое минато кое што ќе се отвори не служи на иднината и не служи на идните генерации. И поколенија. Ние имаме потреба од повеќе конкретни чекори кон Европската унија, и ние сме тие кои што бараме да бидеме дел од оваа унија, затоа што нам ни се поставуваат услови за членство – владеење на правото, судски реформи, борбата против криминалот и корупцијата и никој над законот. Доколку ги исполниме овие услови, не само на телевизиските екрани говорејќи поетски изрази, туку делувајќи институционално до целосен вистински ветинг за нашата држава да зачекори и да напредува напред“, изјави Ахмети.

Досега дополнителна неизвесност околу овој процес внесуваа и дел од албанските парламентарни партии кои, пак, отворањето на Уставот го условуваат со барање при внесувањето на Бугарите и другите народи, да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански народ, албански јазик.

Лидерите на Беса и на Левица не присуствуваа на оваа лидерска средба.

Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Рамковниот договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година, со што беше прифаено дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.

Трајанов – Со мене и без мене владиното мнозинство топ не го бие

За отворањето на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници и е услов којшто го прифатија Бугарија и Македонија како дел од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Владејачката коалиција во Собранието која е составена од СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива имаат вкупно 64 пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 38 пратеници, Алијанса за Албанците 8 пратенци, Беса има 4, Левица 2. Левица исто така соопшти дека нема да присуствува на лидерската средба.

Пратеникот Павле Трајанов повтори дека е против уставни измени без реципроцитет .

„Со мене и без мене владејачкото мнозинство топ не го бие, една партија осум пратеници чека да влезе во Владата“ изјави Трајанов.

Претходно и претседателот на државата Стево Пендаровски упати апел да не се брза со процесот на уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата. Според него, до завршувањето на процесот на скрининг со ЕУ има уште 14 месеци и вели дека во тој период треба да се детектираат и поправат работите во однос на потребните реформи.

„Кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното дотретинско мнозинство“, рече Пендаровски.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

Related posts

Хирургот, пациентот и Кочо на тераса

admin

Евроинтеграциската теленовела

admin

Демократите стравуваат дека ова едноставно прашање ќе му пресуди на Бајден

admin

Загрижувачкиот тренд на намален кредибилитет кај граѓанското општество во Северна Македонија

admin

Без ЕУ, С.Македонија ќе се дави во сопствениот корупциски измет

admin

Бавната смрт на македонските телевизии

admin