Бугарскиот претседател Румен Радев остро го осуди последниот инцидент во бугарскиот клуб во Охрид. Македонскиот премиер Ковачевски бара европско однесување.
Бугарскиот претседател Румен Радев го осуди последниот напад врз бугарскиот клуб во Охрид како „апсолутно неприфатлив вандалски чин и агресија“. Радев се закани дека властите во Скопје и македонското општество мора да сфатат дека „патот кон Европската Унија минува преку признавање и почитување на македонските Бугари и бугарското културно-историско наследство.“
Во текот на денот, властите во Северна Македонија и Бугарија го осудија нападот на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, трет по ред за месец и половина од неговото отворање. Скопје оцени дека станува збор за вандалски чин, додека од Софија стигнаа остри реакции дека станува збор за брутален акт на омраза. Протестна нота испрати и бугарското МНР кое најави дека на македонската амбасадорка во Софија ќе и’ врачи остар демарш по повод нападот врз бугарскиот културен клуб во Охрид.
Македонското Министерство за надворешни работи и премиерот Димитар Ковачевски упатија пораки за одговорно однесување, негување на добрососедските односи и почитување на европските вредности кои коишто цели земјата. „Граѓаните да бидат достоинствени, да се однесуваме согласно европските манири“, вели Ковачевски. Од надлежните институции се бара итна истрага за расветлување на инцидентите.
Кој пукаше во клубот?
Полицијата во средата (23.11) информираше дека околу 19:12 часот било пријавено оштетување на стакло на канцеларијата на здружението „Цар Борис Трети“, лоцирана на булеварот „Македонски Просветители“ во трговскиот центар Амам во Охрид. Според бугарските медиуми, во просториите на клубот биле пронајдени 8 чаури. Веднаш по нападот на местото на настанот пристигнал бугарскиот конзул во Битола, Димитар Иванов, а детално за случајот било информирано и раководството на Европската комисија.
„Нападот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ е брутален акт на омраза“, вели бугарскиот копретседавач на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров. Тој пред средбата на историската комисија во Скопје, рече дека инцидентите влијаат на двете страни, но не и на работата на Комисијата. „Ние имаме свој научен пристап. Тоа е нашето решение на проблемите“, порача Димитров.
„Ова кривично дело е трет напад врз клубот Цар Борис Трети за помалку од два месеци. Претходниот напад беше извршен пред само два дена, за што МНР испрати вербална нота до амбасадата на Северна Македонија во Софија. Ја забележуваме реакцијата на македонското МНР, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“, е ставот на бугарското МНР. Тие очекуваат надлежните органи во Македонија во најкраток можен рок да преземат активности за откривање на „сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети“.
„Да покажеме европски манири“
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика граѓаните да бидат достоинствени и да се однесуваат согласно европските манири. Тој порача дека клубовите кои се отворени во земјата, согласно новите законски решенија ќе треба да се усогласат и да ги сменат спорните имиња, но и дека се изготвува сосема нов закон во Министерството за правда со кој, по германски тек ќе се уреди оваа проблематика. Порача дека треба да се воспостави комуникација меѓу двете држави преку официјални културни центри, „за да можеме да покажеме дека регионов е регион на соработка и добрососедски односи“.
МНР претходно го осуди вандалскиот чин, при кој со оружје се оштетени надворешните стакла на клубот во Охрид. „Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава. Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава“, повика МНР./DW