21.8 C
Скопје
11 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДРЖАВНИОТ АРХИВ ПРОПАЃА ПО СЕКОЈ ПОРОЕН ДОЖД

Државниот архив кој се грижи за најважните документи од минатото на земјата постојано се соочува со поплави, а штетите се видливи. Водата сега пробила и до една од канцелариите во Уставниот суд, кој се наоѓа во истиот објект на подолните катови. Институциите алармирале до Владата, но безуспешно.

Освен слики, ѕидовите на Државниот архив сега ги „краси“ и мувла. Плафонот е одронет, а некаде има и дупки. Неодамнешните дождови ги поплавија просториите на институцијата, која е чувар на најважните документи на државата. Иако однадвор личи како нов, внатрешноста на објектот на кејот на реката Вардар сведочи за поинаква состојба.

Во објектот кој беше пуштен во употреба во 2014 година, освен Архивот, се сместени и Уставниот суд и Археолошкиот музеј. За неговата изградба беа потрошени 42 милиони евра. Тој е дел од фамозниот проект Скопје 2014 година на претходната Влада, предводена од тогашниот премиер Никола Груевски.

Просториите на Државниот Архив се највисоко во објектот, односно на осмиот, седмиот и на шестиот кат каде се наоѓа депото каде се чуваат документите.

Најалармантна е ситуацијата на седмиот кат каде се сместени вработените, кои со кофи на импровизиран начин ја собираат водата од нивните канцеларии, ходникот и библиотеката. Водата за малку не стигнала до електричната инсталација.

Оштетен плафон и ѕид во ходникот на седмиот кат на Државниот архив
Оштетен плафон и ѕид во ходникот на седмиот кат на Државниот архив

Директорот на Архивот, Емил Крстески вели дека поплавите не се новина и често се случуваат кога има поројни дождови. Сите три институции кои се во објектот, како што посочува, се засегнати од проблемот и постојано има штети.

„Очигледно дека нешто не штима со изградбата на овие објекти што се набрзина правени, неквалитетно и несоодветно за институциите што треба да извршуваат вакви функции во општеството“, вели Крстески.

Библиотеката на Државниот архив
Библиотеката на Државниот архив

Водата го нашла својот пат и во депото каде во метални контејнери се чуваат архивските материјали. Но, според Крстески, ниту еден документ не е оштетен.

Поплавен и Уставниот суд

Два ката подолу се просториите на Уставниот суд, кој имал повеќе „среќа“ од Државниот архив. Дождовите видлива трага оставиле само во една канцеларија во која е сместена секретарката на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

„Со оглед дека во одреден момент после протекувањето се појави и краток спој со електричната енергија, Уставниот суд веднаш испрати информација до СОЗР при Владата и побара помош за решавање на проблемот“, велат од Уставниот суд на Македонија.

Но, одговор се уште не добиле, а во меѓувреме судот сам санирал дел од штетата.

Владата нема на повиците за помош

Директорот на Архивот, Крстески посочува дека проблемот не е од вчера и за тоа повеќе пати е известена Владата.

„Ние практично бараме нова локација еве веќе три, четири години. Ова е проблем кој е решлив со селење, бидејќи овдека нема никакви стандарди и услови за работа“, порачува директорот Крстески и вели дека никаде во светот нема Архив во близина на река или депо на шести кат.

Од невладината организација „Син Штит“ на неодамнешниот форум насловен- Управување со ризици од поплави за заштита на културното наследство, реагираа дека не била направена евалуација на можни кризи пред да се проектира Архивот.

„Се поставува прашањето, дали е среќна позицијата да се одбере веднаш покрај брегот на река која што многу пати поплавила, да се изградат неколку музеи кои што во себе чуваат културно наследство и Државниот архив на Македонија, кој чува наследство од категоријата најранливо во случај на влага и поплава“, изјави Оливера Џартовска Тачевска од невладината организација „Син Штит“ чија основна цел е заштита на културното наследство во криза.

Државниот архив е еден од главните столбови на идентитетот на еден народ и тука се чува цела историја, култура и традиција на една земја и мора итно да се преземат мерки, порачува директорот Крстески.

Првиот чекор, како што додава, ќе биде да се сретне со првите луѓе на Уставниот суд и Археолошкиот музеј за заедно да дејствуваат за решавање на проблемот.

Трите институции иако неодамна издвоиле речиси три илјади евра за чистење на олуците на објектот, тоа се покажало недоволно./RSE

Related posts

НОВ СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ТУРСКО-СИРИСКИОТ ПОГРАНИЧЕН РЕГИОН

ninja

Студија: Учениците во С.Македонија малку читаат, но и возрасните не се за фалење

admin

Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставните измени

admin

Бесими – Автопатиштата на Бехтел и Енка ќе донесат економски развој

ninja

МИНИСТРИТЕ ОД ЕУ ДОГОВОРИЈА ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ГАСОТ

ninja

ВО ЖИВО Ковачевски, Абазовиќ и Брегу: Регионална соработка е предуслов за развој

admin