22.8 C
Скопје
30 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

БИХ: КАНДИДАТСКИ СТАТУС ВО ЕУ КАКО НАГРАДА ЗА НЕРАБОТЕЊЕ

Босна и Херцеговина доби кандидатски статус. Честитки доаѓаат и од лидерите на ЕУ кои тоа го гледаат како нова шанса за земјата. Наградата за долгогодишното неработење конечно се исплатеше – прашање е само кому.

Меѓу првите честитки што пристигнаа од врвот на Европската Унија беше онаа на Јоханес Хан, поранешен комесар за проширување, а сега комесар за буџет, кој го изрази своето задоволство што Босна и Херцеговина доби кандидатски статус.

„Многу ми е драго што слушнав дека Босна и Херцеговина ќе добие кандидатски статус на својот пат кон ЕУ. Искористете ја оваа свежа мотивација и моментум за да се справите со значајните предизвици кои претстојат, мои босански пријатели“, напиша Хан на својот профил на Твитер.

Награда за неактивност 

Предизвиците со кои се соочува БиХ во никој случај не беа лесни. Реформите кои требаше да се спроведат во областа на правдата, владеењето на правото, човековите права, јавната администрација – не се исполнети, а 14. приоритети поставени од ЕУ пред неколку години за добивање кандидатски статус, останаа само мртва буква на хартија. Аналитичарите со кои разговаравме се прашуваат дали, со оглед на фијаското на повеќето реформи, кандидатскиот статус е само награда за неактивноста на домашните политичари.

„Работите се сосема јасни“, вели Тања Топиќ, политички аналитичар од Бања Лука.

„Европската Унија сака да покаже дека Босна и Херцеговина припаѓа на европското семејство и покрај фалсификуваните избори и неуспехот на интегритетот на изборниот процес, и покрај тоа што во земјата не постои ниту владеење на правото, и покрај тоа што по корупција сме на самиот врв на Европа и покрај тоа што нашиот Устав е дискриминаторски, бидејќи на секој чекор се кршат индивидуалните права и покрај тоа што овде европските вредности се мисловна именка“, вели Топиќ, нагласувајќи истовремено дека Босна и Херцеговина е само предмет на повисоки интереси.

Босна и Херцеговина Претседателство
Жељко Комшиќ, Жељка Цвијановиќ и Денис Бечировиќ, членови на претседателството на БиХФотографија: Predsjednitvo BiH

„Очигледно е дека треба домашните ‘гаранти на стабилноста’ да се одоброволат во контекст на руската агресија врз Украина, за да ги избегнат можните последици од тие настани и да ја скротат БиХ ставајќи ја под надзор на ЕУ“, заклучува Топиќ.

Неспорно е дека кандидатскиот статус е ветер во грбот на целата држава, која трета деценија не може да тргне од мртва точка кога се во прашање владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, се согласува експертската јавност. БиХ го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2008 година, по што требаше да започне реформскиот процес. Четиринаесет години подоцна, Босна и Херцеговина доби кандидатски статус, а истиот број приоритети што беа поставени претходно се сведоа на осум.

Целосно пропадната земја 

„Тоа е политичка одлука и треба да се прифати“, изјави неодамна за ДВ Осман Топчагиќ, поранешен амбасадор на БиХ во Брисел во европските институции, кој ја поздрави и претходната препорака на Европската комисија.

„За БиХ ова секако не е признание за досега направеното, бидејќи извештајот за напредокот на БиХ што беше претставен е многу критичен. Во него се наведува дека многу малку е направено за исполнување на условите на европскиот пат“, вели Топчагиќ.

Земјата е целосно уништена од корупција и криминал, непотизам, а нефункционалноста на системот е апсолутна, вели Енвер Казаз, професор на Филозофскиот факултет во Сараево. Оваа одлука сега, како што нагласува, секако не е заслуга на домашните политичари.

„Ова треба да се гледа исклучиво како резултат на промена на глобалното политичко поле. Тоа е одговор на Русија и нејзините интереси на Балканот“, вели Казаз, нагласувајќи во исто време дека ЕУ морала да го стори тоа многу порано.

Босна и Херцеговина Кристијан Шмит
Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, неодамна изјави дека се надева оти кандидатскиот статус ќе ги поттикне луѓето да останат во Босна и Херцеговина. Фотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

За кандидатскиот статус да има ефект во однос на подобар живот на граѓаните, тоа требало да се направи пред 20 години, се согласува Емил Караматиќ, новинар од Мостар. Тој потсетува дека БиХ сега е во потешка ситуација отколку пред две децении. „И не сега од тоа да се направи политички успех, а земјата никогаш не била во полоша ситуација. Значи, немаме причина за никаква радост“, вели Караметиќ, додавајќи дека речиси сите се обидуваат да и наштета на државата во последните 20 години.

Шмит очекува помалку иселувања, на Додик ништо не му е јасен

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, неодамна во интервју за весникот „Велт“ изјави дека се надева оти кандидатскиот статус ќе ги поттикне луѓето да останат во Босна и Херцеговина. Тој зборуваше и за намерата на властите во БиХ да работат на реформите, но и дека вистинската работа допрва следи.

„Најголемата пречка доаѓа по стекнувањето кандидатски статус, кога ќе се работи на елиминирање на очигледната дискриминација во земјата“, рече Шмит и објасни: „Според Уставот на Босна и Херцеговина, претседател може да биде само Хрват, Србин или Бошњак. Сограѓаните Евреи, на пример, не смеат ни да се кандидираат. Пред многу години, Европскиот суд за човекови права побара ова конечно да се промени“, заклучува Шмит.

А што се однесува до ставовите на политичарите од Босна и Херцеговина кога станува збор за кандидатскиот статус, интересен е нивниот вечен оптимизам и убедување дека она што го направија во претходните години беше најдоброто што можеа да го направат.

„Тоа е последица на нашиот афирмативен пристап кон она што го правиме, кога е во прашање брзината на формирање влада“, кусо коментираше лидерот на ХДЗ, Драган Човиќ. Неговиот политички партнер и прв човек на СНСД, Милорад Додик, иако ја поздравува одлуката, и самиот не разбира како е можно Босна и Херцеговина после се да добие зелено светло.

„Секако дека го поддржувам, но тоа е различно од она што нè учеа сите овие 20 години. Многу работи ќе ми останат нејасни“, заклучи Додик, осврнувајќи се на присуството на меѓународни претставници во БиХ, по добивањето кандидатски статус.

Related posts

Анализа на РТС: Со уставните измени Македонците стануваат малцинство во сопствената држава

admin

„Најди ме“ како засилување на институциите – Како функционира првата страница за рано предупредување за исчезнати?

admin

ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ВАДИ ОД КАЛ НЕПЛАЌАЧИТЕ НА СТРУЈА

ninja

Русија развива антисателитско нуклеарно оружје

admin

САД остануваат отворени за пронаоѓање на дипломатско решение со Русија

ninja

МЛАДИТЕ БАРААТ РАБОТА И ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА ДА НЕ ЗАМИНАТ

ninja