21.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

МАКЕДОНИЈА РИЗИЧНА ЗОНА ЗА НОВА ЕПИДЕМИЈА СО МОРБИЛИ

Македонските здравствени власти се обидуваат да го зголемат опфатот со вакцинација за да спречат нова епидемија со морбили. Лани 209 родители добиле казна за невакцинирање на своите деца. Лекарите предупредуваат дека станува збор за заразна болест, која може да донесе тешки компликации кај децата.

На Македонија и се заканува епидемија со морбили ако не се зголеми опфатот на вакцинација, предупредуваат здравствените власти.

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во 2021 година опфатот со прва доза МРП вакцина изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто додека во преходната 2020 е исклучително низок, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво. За 2022 година се уште не се обработени податоците, но очекувањата се дека ќе биде повторно околу 70%.

Податоците се загрижувачки и вакцинацијата мора да се зголеми, оценува претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Александар Петличковски.

„Овие податоци апсолутно не се задоволителни бидејќи се далеку од посакуваните 95% опфат со оваа вакцина која што може да ни гарантира безбедност од епидемија со морбили. Овој опфат веројатно и за 2022 година ќе биде околу 70% и мора да се подобрува бидејќи гледаме дека и во околината, но и пошироко во Европа и во светот се случуваат изливи на морбили, од кои голем

дел завршуваат со компликации“, вели д-р Петличковски.

Малите сипаници се сметаат за високо заразно заболување и можат да предизвикаат пневмонија, енцифалит и други сериозни и тешки компликации кај децата кои што не се вакцинирани. Македонија во 2019 се соочи со епидемија во која четири деца починаа како резултат на компликации. И тогаш опфатот беше околу 70%.

„Моментално не сме во безбедна зона и реална е заканата од нова епидемија со морбили особено што во околината, во Србија ги гледаме случаите и гледаме дека активност има, само еден случај е доволно во средина каде што опфатот не е задоволителен да направи вистински пожар“, вели д-р Петличковски.

Лекарите ги повикуваат родителите за сите дилеми да се јават кај нив

Во меѓувреме, од Министерството за здравство започнаа и со теренска работа за следење и детектирање на деца кои пропуштиле навремено вакцинирање.

Но, и покрај тоа одзивот кај родителите не е задоволителен, велат дел од лекарите од вакциналните пунктови.

„Најчесто родителите се под влијание на некои антивакцинални ставови или чекаат детето да прооди и прозбори, па после тоа го носат на вакцинација после две годишна возраст, но ние апелираме дека во ситуација кога ни се зканува епидемија со морбили ваквиот став е опасен и со тоа го загрозуваат здравјето на сопствените деца“, вели доктор Дијана Коцева Миланова од Центарот за јавно здравје во Штип

Таа е категорична дека децата треба да се носат на вакцинација како што е предвидено во календарот за имунизација.

„Ние сме секогаш отворени како медицински лица за консултации. Доколку родителите имаат дилеми околу вакцинацијата стоиме на располагање за пружање на релевантни информации и при донесувањето на одлуките родителите да се базираат на информациите што им ги пружат медицинските лица“, нагласува докторката.

Инфографика - Процент на имунизација на деца од морбили (мали сипаници) во регионот 2018 - 2021
Инфографика – Процент на имунизација на деца од морбили (мали сипаници) во регионот 2018 – 2021

Казнети 200 родители за невакцинирање на своите деца

Законот за заштита на населението од заразни болести предвидува и казни за родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Казните се движат од 350 до 650 евра. Според податоците на Државниот здравствен и санитарен инспекторат лани 209 родители добиле казни за невакцинирање на децата.

Вакцината против мали сипаници се дава со комбинирана МРП (мали сипаници, рубеола, паротит) вакцина, во две дози, првата доза со навршени 12 месеци, а втората доза (ревакцинација) на 6 години односно при почнување на основното образование.

Алармот е вклучен и во регионот

Ризикот од малите сипаници расте и во регионот. Во Србија веќе се регистрирани 14 лица морбили. Српскиот Институтот за јавно здравје соопшти дека станува збор за десет невакцинирани лица (помлади од две години) и четири возрасни лица со непознат и нецелосен статус на вакцинација. Компликации во вид на пневмонија имало кај две болни деца. Епидемија и се заканува и на Црна Гора каде здравствените власти исто така се мобилизираат за вакцинација на децата.

Според податоците на УНИЦЕФ и СЗО , во 2021 година, Црна Гора имала најмал процент на деца вакцинирани против сипаници во регионот односно 18%. Во истата година, Босна и Херцеговина имала 68%, Македонија 70%, а опфатот на имунизација во Србија бил 78%, што е под глобалниот просек.

Related posts

Расте притисокот на САД кон Курти, Ховениер: Нашите барања се легитимни

admin

Двајца израелски министри повикаа на иселување на Палестинците од Газа

admin

Мицкоски – Брисел да даде гаранции дека нема да има идно вето

ninja

Србија купи слика со албански мотиви, ќе биде дел од белградскиот музеј

admin

БАЛКАНОТ СЕ ОБЕДИНУВА ОКОЛУ ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА

ninja

Иран започна одмазднички напади против Израел

admin