Регионот на Блискиот Исток, особено историски ранливиот дел меѓу Сирија и Турција, на површина го извади сиот геополитички неуспех, на кој ќе му ја припишеме и нефункционалноста на односите меѓу големите сили, нарушувањето на меѓународниот поредок и нерамнотежата на глобалното владеење, сето ова придружено со природна катастрофа.
Пишува: Катерина Топалова
Сакале или не, катастрофите нè потсетуваат дека сме граѓани на светот… Затоа, ја носиме со себе својата хуманост и не смееме да го дозволиме нејзиното потиснување или деактивирање. Тоа е она што не прави луѓе – хуманоста! Затоа, „големината на човештвото не е во тоа да се биде човек, туку во тоа да се биде хуман.“ – ќе рече Махатма Ганди.
Силните земјотреси што во понеделникот се случија во југоисточна Турција и северниот дел од Сирија, предизвикаа големи жртви и уништувања со апокалиптични последици. Соочени со сериозни природни катастрофи, човечкото општество ги откри своите кревки и издржливи страни, а токму земјотресите се едно од најлошите искуства, оставајќи смрт и уништувања насекаде наоколу.
Шокантните сцени, како последица од огромните катастрофи, секогаш создаваат силно чувство на емпатија и зедништво, како и повик за човечка солидарност. И токму ваквото разбирање на несреќите и трагичните сцени се непроценливи и препорачливи за практикување.
Ако последниот извештај на Центарот за истражување на епидемиологија на катастрофи, даде предупредувачки податоци за штетите и жртвите на светско ниво, истите тие бројки денес изгледаат прилично шокантно и застрашувачки. Последниот извештај прикажува податоци за влијанијата на природните катастрофи (човечки и економски) на светско ниво за последните 20 години. Анализите се фокусираат на трендовите и моделите на влијанија и како тие варираат во однос на нивото на приход или географската локација. Земјотресите (вклучувајќи го и цунамито, како последица) убиле повеќе луѓе од сите други видови катастрофи заедно, одземајќи речиси 850.000 животи помеѓу 1994 и 2019 година до појавата на Ковид пандемијата, што би значело во просек 79 смртни случаи од 1000 луѓе.
Иако од неодамна човештвото се соочи со заеднички предизвици, почнувајќи од Ковид пандемијата, климатските промени и регионалните конфликти, сепак останува впечатокот, дека недостигаше вистинската солидарност со цел справување со глобалните прашања. Регионот на Блискиот Исток, особено историски ранливиот дел меѓу Сирија и Турција, на површина го извади сиот геополитички неуспех, на кој ќе му ја припишеме и нефункционалноста на односите меѓу големите сили, нарушувањето на меѓународниот поредок и нерамнотежата на глобалното владеење, сето ова придружено со природна катастрофа. Знаејќи дека Турција, а особено Сирија, долго време се места на конфликт во меѓународната геополитика. Па така светските весници непосредно пред земјетресот излегоа со загриженост дека нема многу простор за оптимизам. За потоа да се дојде до состојба – од геополитички до природен земјотрес. Дел од западните земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство, Германија и Франција, привремено ги затворија своите конзулати во Истанбул или издадоа безбедносни предупредувања за Турција повикувајќи се на „безбедносна загриженост“, предизвикувајќи жестоки протести во Турција, кои може да се наречат и „дипломатски земјотрес“. Притоа да не ја заборавиме Сирија, земја која страда од војна повеќе од една деценија, војна која предизвикува поголема штета отколку земјотресот.
Двете земји со тешкотии сè уште се опоравуваат од катастрофалните последици, не можејќи да дојдат при себе… Досега во земјотресите загинаа 11.200 луѓе, а бројката континуирано се зголемува, притоа да не ги заборавиме десетиците илјади повредени. Илјадници згради и објекти кои исто така станаа урнатини.
Но, земјотресите не се невообичаени за Турција и Блискиот исток, почнувајќи од библиски времиња, па се до ден – денес. Поголемиот дел од земјата се наоѓа на анадолската плоча, која се граничи со две главни раседни линии: раседот на северна Анадолија, кој се протега низ целата земја од запад кон исток, и раседот на источна Анадолија, кој се наоѓа во источна Турција, каде што и се случи последниот земјотрес.
Иако се егзистенцијални, земјотресите сепак се локализирани настани. Без разлика што можат да бидат погубни, нивното влијание е регионализирано. Но пред се човештвото мора да застане исправено пред себе и да се запраша: Може ли еден земјотрес да го доведе целото човештво во ризик? Во нашиот сè поповрзан свет, дали земјотресот може доволно да ја влоши биотехнолошката, нуклеарната или економската опасност, предизвикувајќи каскаден сет на околности што би можеле да доведат до пропаст на современото општество? Легитимно поставени прашања, чии одговори допрва со доза на загриженост ќе ги бараме, особено по девастирачките слики кои ни дојдоа од Турција и Сирија.
Секој пат по катастрофа, луѓето сочувствуваат со жртвите од се срце и искрено се надеваат дека ќе пружат помош колку што можат. Гледањето на работите низ очите на другите луѓе, одење во нивните чевли и чувство на она што тие го чувствуваат – тоа е врската што произлегува од заедничките искуства кои нè зближуваат како човечки суштества. Тоа е сјаен дел од универзалното човештво… Најголемата суровост е нашето случајно слепило за очајот на другите. Затоа неопходно е да ја видиме длабоката сила на градењето заедница со заедничка иднина за човештвото и да бидеме уверени дека светот на крајот ќе стане подобро и потопло место.