5 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

СТРАЗБУР ЗАСЕГА НЕ ГИ ОСЛОБОДИ ОД ГОНЕЊЕ ГРУЕВСКИ И ДРУГИ ЕКС-ФУНКЦИОНЕРИ

Судските предмети Транспортер , Тортура, ТНТ и Титаник не потонаа иако се повикуваа на аболицијата на екс претседателот Ѓорѓе Иванов. Европскиот суд за човекови права ја отфрли жалбата на осуммина поранешни функционери како преуранета. Сепак имаат право повторно да се жалат пред истиот суд. За Обвинителот Јовески ова е доказ за доверба во македонските институции.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур не ги ослободи од гонење поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се жалеа на оспорено право за правично судење. Судот не ја оценуваше поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов од 2016 година, која беше доставена како аргумент во жалбата. Со неа беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, а произлегоа од големата афера за масовно прислушување на над 20 илјади луѓе.

До Стразбур се жалеа поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, секретарот на Владата Кирил Божиновски, првиот човек на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков и неговиот поранешен шеф на кабинет Тони Трајковски, поранешните градоначалници Владимир Талевски и Едмонд Темелко.

Европскиот суд одлучи да не ја прифати жалбата на екс – политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што оцени дека не се искористени сите правни лекови што ги нуди македонскиот правен систем. Тоа значи дека не пропаѓаат судските процеси и пресуди против осуммината потписници на жалбата. Судењата продолжуваат, а осудените остануваат да ги одлежат затворските казни.

Од друга страна, тоа значи и дека не им ускратено правото повторно да се жалат до Европскиот суд за предметите за кои им се суди или се осудени и повторно да се повикаат на аболицијата. Но откако за тоа ќе ги поминат низ сите домашни судски можности на жалби.

Работата не е завршена

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова Трајковска вели дека ова сега ќе значи жалителите прво да преиспитаат кои правни лекови им се на располагање, зависно во која фаза се постапките.

„Доколку има можност да покренат редовен или вонреден правен лек овде, тоа им отвара врата повторно да покренат постапка, но сега следното прашање е дали за некои од тие лекови се истечени роковите, дали за други постапки се уште има можност и после тоа повторно по исцрпувањето на националните правни лекови имаат право да покренат постапка пред Европскиот суд за човековите права“, вели Лазарова.

Реакции по одлуката на Стразбур

Јавниот обвинител Љубомир Јовески за радио Слободна Европа вели дека одлуката на Европскиот суд за човекови права е очекувана.

„ Судот очигледно покажува доверба во македонските правосудни органи да ја донесат правдата. Постапките ќе продолжат пред надлежните судови согласно сите домашни и меѓународни прописи“, вели Јовески.

Владејачката СДСМ која ја откри аферата со прислушувањето, задоволна од одлуката на Судот во Стразбур со која продолжуваат судењата на екс функционерите од опозициската партија.

Претседателот Стево Пендаровски очекува сега македонското судство да си ја заврши работата.

„ Сите засегнати со постапките поведени од страна на Обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур,“ се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Поранешните функционери до Стразбур се жалеа дека им биле прекршени правото за правично судење и правото на слобода и безбедност. Нивните адвокати во жалбата ги оспоруваа предметите на СЈО повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.

На што се жалеа бившите функционери

Пресудата на Европскиот суд во Стразбур го носи името „Талески и останати против Северна Македонија“ затоа што прв кој повлече нога со жалба во 2017 година беше поранешниот градоначалник на Ботола застапуван од сопругот на Јанкуловска, Влатко Илиевски.

Поранешните градоначалници Талески и Темелко се жалеле дека притворот им бил произволно одреден од Основниот кривичен суд, нешто на кое судот во Стразбур не се согласува.

Во одлуката е наведено дека Судот за човекови права смета дека нема потреба да ја испитува постапката во врска со неговиот домашен притвор по помилувањето кое го изрече Иванов во 2016 година, затоа што тој бил ослободен од него повеќе од шест месеци пред да поднесе барање до Судот.

Во однос на жалбата за прекршување на правото за правично судење Судот ги зел за валидни тврдењата на македонската Влада дека тоа е преурането барање со оглед на тоа што дел од случаите се уште не се во целост завршени односно не се правосилни.

За дел од случаите уште траат постапките пред Апелацониот суд. Дополнително законот за кривична постапка дозволува вонредна ревизија од Врховниот суд . Европскиот суд за човекови права, во денешната одлука наведува дека такво барање би било ефикасен правен лек на кој поранешните функционери би можеле да се потпрат и како аргумент да се повикаат на нивното помилување од Иванов.

Аболицијата на Иванов

Иванов во 2016 година донесе одлука за аболиција на 56 осомничени, но под притисок на јавноста ја повлече. Причината за неговата одлука да помилува толкав број на функционери лежи во аферата за масовно прислушување која предизвика политичка криза во 2015 година. Одлуката за аболиција предизвика масовни протести во земјата под мотото “Нема правда, нема мир“ и овој силен притисок од домашната, но и од меѓународната јавност доведе до тоа Иванов 10 дена по нејзиното донесување, да ја поништи својата одлука.

Со таканаречениот „Пржински договор“ беше формирано Специјалното јавно обвинителство чија задача беше да ги истражува наводите за криминалното однесување на челниците на власта за предмети кои произлегоа од незаконското прислушување. Беа поднесени 17 обвиненија против 94 луѓе.

Кривичните дела за кои дел од нив се осудени, а други чекаат пресуда, се однесуваат на самата афера со прислушување, на изборни измами, на уривањето на објектот „Космос“ и за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола./RSE

Related posts

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

admin

Касами: Груби се залага Груевски да го врати во Македонија!

admin

Русија развива антисателитско нуклеарно оружје

admin

Струјата може да поскапи 13 проценти

admin

ОСМАНИ: НИТУ ЕДНА ВЛАДА, НИТУ ЕДНО ОПШТЕСТВО, НЕ МОЖЕ ДА ИЗДРЖИ ЗАКОЧЕНИ ДОЛГОРОЧНИ ЕУ-ПЕРСПЕКТИВИ

ninja

Сајбер нападот на МЕПСО: Што остана по хакерите?

admin