14.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

МЕШАЊЕ ВО ПАЗАРОТ ИЛИ БОРБА ПРОТИВ ПРЕХРАНБЕНИ КАРТЕЛИ?

Владата донесе одлука за поевтинување на млечните производи и тестенините. Претходно ја замрзна цената на лебот. Опозицијата реагира дека со ова се нарушува пазарната економија, што е услов за ЕУ. Министерот Бектеши, пак, ги обвини скопските пекарници за картелско здружување.

Макароните од 50 денари, од 16 март ќе се продаваат за максимум 43 денари, млекото од 78 поевтинува на 70 денари.

Владата донесе одлука за намалување на цените на шпагетите и макароните за минимум 15 отсто од цената по која во продавниците се продавале на 1 март, а млекото и млечните производи поевтинуваат за минимум 10 отсто.

Мерката ќе важи од 16 март до 31 мај.

Владата исто така ја укинува и царината за увоз на шпагети и макарони од 13 март до 31 мај.

Веќе се замрзнати маржите за основните прехранбени производи и во големопродажба и во малопродажба на 5 до 10 проценти во зависност од производот. Претходно, владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека владата е подготвена да им помогне на индустриите кои уште повеќе ќе ги намалат цените, но не соопшти како конкретно.

„Ние сме донеле одлука намалувањето на биде минимум 10 отсто, но ако има желба од производителите намалувањето да биде и 20 отсто во наредните денови, тогаш ќе седнеме и ќе разговараме како ние да им излеземе во пресрет за тие дополнителни 10 отсто што би ги намалиле, зашто наша цел е граѓаните да не плаќаат повисоки цени“, рече Бектеши.

Илустрација
Илустрација

Поранешниот министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески неодамна изјави дека владата не успеа да ја намали инфлацијата со стандардни мерки, па со ова ја подрива пазарната економија, која е услов за членство во ЕУ.

„Оттука владата е принудена на вакви популистички мерки кои ни носат подеднакво штета како нерешеното прашање и блокадата од Бугарија. Верувајте некој ова го бележи и ќе биде забележано во извештајот за напредок на Република Македонија“, рече тој.

Цените на храната на светските берзи се намалуваат 11 месеци по ред, според Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), а во Македонија храната е за 25 отсто поскапа во однос на лани.

Професор Марјан Петрески вели дека генерално мерки за владина контрола на цените треба да се напуштаат, но од друга страна храната на глобално ниво поевтинува, а во Македонија тоа не се случува. Веројатно имаме определени дејства на трговците и преработувачите коишто го оневозможуваат тоа, вели тој.

„Тука евентуално можам да најдам оправданост да се оди со мерки коишто значат поставување максимални вредности на цените и на маржите со цел на таков начин државата или регулаторот да се спротивстават на такви потези коишто се налик на картелски здружувања“, вели Петрески.

Тој вели дека дури и да се оправдани, таквите мерки треба да траат кратко само за да го стабилизираат пазарот.

Бектеши не се согласува дека ја нарушуваат пазарната економија и обвини за картелско здружување на скопските пекарници.

„Јас сум убеден, ова е мојот личен став, дека во градот Скопје, во делот на производството на леб, четири, максимум пет компании се здружени и утврдуваат цени“, вели Бектеши во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го објавиме в недела.

За разлика од замрзнувањето на цената на лебот од минатата недела на максимум 33 денари, сега не се оди на фиксна цена, туку на поевтинување во проценти. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека во овој случај има различни производи, дел се увозни, а дел се домашни, па е тешко да се утврди точна цена, па затоа се оди на поевтинување во однос на цените по кои се продавале. Според него, анализите покажуваат дека и покрај поевтинувањето, фирмите ќе работат со пристоен профит.

Бектеши ги повика производителите да не ги намалуваат откупните цени на млекото од сточарите, зашто пресметките дека со овие цени ќе имаат профит се правени според сегашните откупни цени. Очекуваме солидарност од стопанствениците за кризата да не биде на грбот на граѓаните, рече тој.

Министерот за економија најави дека ова не е последна мерка. Наредната недела владата ќе ги анализира и цените на шеќерот, јајцата и оризот, и ако компаниите сами не ги поевтинат, тогаш владата ќе донесе нови мерки.

Пекарниците претходно жестоко реагираа на одлуката за замрзнување на цените на лебот и неколку дена не носеа леб во продавниците во Скопје.

Во Стопанската комора на Северозападна Македонија на замрзнувањето на цените на храната гледаат како на ад-хок мерка која само привремено ќе им помогне на потрошувачите, а на долг рок може да им наштети на бизнисмените како најголеми работодавачи.

Related posts

Внимавајте со лажните наградни игри на социјалните мрежи: Со еден клик станувате мета на фишинг напади

admin

Работа или смрт – Заштедата на компаниите преку здравјето на работникот е на штета на газдите

admin

Русија ја нападна Украина

ninja

Ердоган го повика Путин да дејствува со здрав разум

admin

Што се касетните бомби што САД планираат да испратат во Украина? (ВИДЕО)

admin

Алијанса за Албанците – колку е клучна за влада по изборите?

admin