23.8 C
Скопје
19 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕГИОН

КУРТИ ЗА ЗСО: СРБИЈА САКА КАФЕ БЕЗ ФИЛЏАН

Косовскиот премиер смета дека не може Белград да бара Заедница на српски општини кога секој ден повторува дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово. Да бараш формирање на каква било заедница во држава која не ја признаваш, вели тој, е исто како да побараш кафе без филџан. А, кафе без филџан не е можно, порачува Курти

Покрај исполнување на договорот за ЗСО, косовскиот премиер инститира подеднакво да им се даде значење и на другите договори што ги потпишале Приштина и Белград, а се вкупно 39.

Косовскиот премиер Албин Курти во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ порача дека не ја негира Заедница на српски општини (ЗСО), која е едно од клучните барања на Белград во преговорите со Приштина, но порача дека Србија не може да ја бара во ситуација кога секојдневно повторува дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово.

За уставноста на договорот за ЗСО, тој го потенцира тоа што Уставниот суд на Косово утврди дека 23 члена не се во согласност со Уставот на неговата земја.

„Не 2-3 члена туку 23 члена не се совпаднале со него додека првите 6 точки од 15 се за Заедницата, следните точки се за интеграција на паралелните структури на Србија во институциите на државниот систем на Косово, што имаше истакнат регрес од 5 ноември минатата година па наваму кога Белград им даде наредба за колективни оставки на четири градоначалници на север, десет пратеници на Српската листа во парламентот и над 400 полицајци во четири северни општини“, вели Курти.

Тој нагласува и уште една, според него, важна точка која предвидува дека Косово и Србија нема да се попречуваат меѓу себе во евроинтеграциите, за што Курти го обвинува Вучиќ за непочитување.

„Што направи српскиот претседател лани, на 10 декември, иронично, на Меѓународниот ден на човекови права – испрати писма до пет држави што не ја признале државата – Шпанија, Словачка, Грција, Романија и Кипар да не ја прифатат службената апликација на Косово за членство во ЕУ, што јас ја испратив пет дена подоцна, на 15 декември во Прага, бидејќи Чешката Република претседаваше со Советот на ЕУ. Значи, најпосакуваниот договор за нив за кој инсистираат насекаде, од една страна не помина пред Уставниот суд на Косово како тест, а од друга страна, самите го прекршија“, вели Курти.

Заедницата на српски општини, нагласи тој подолу во интервјуто, не може да биде против уставноста и против законитоста на Косово, како и моноетничка.

На констатацијата дека посредникот Мирослав Лајчак понудил модалитети на оваа тема и на прашањето кое би било можното решение што не би се косело со Уставот на Косово, Курти вели дека е подготвен да разговара за моделот.

„Вистина е. И посредникот Лајчак се трудеше да биде креативен, затоа понуди 15 различни модели на правата на малцинствата или немнозинските заедници во земјите на европскиот континент и, се разбира, дека тие се вредни, во смисла дека не поттикнуваат да размислуваме за нови идеи и за стабилни решенија. Освен што сум спремен, јас сум многу заинтересиран да се ангажирам активно да дискутираме за овие модели кои, на некој начин, целат да го направат поконкретно тоа што го имаме во член 7 од основниот договор, кој се вика ’самоменаџирање на српската заедница во Косово‘. Ова е фразата или називот што се користи, зошто да не, да дискутираме“, вели Курти.

Тој истакна и дека Србија треба да ги повлече писмата што ги испратил Вучиќ до петте држави за спречување на евроинтеграцијата на Косово и порача дека не може Белград да бара ЗСО додека, од друга страна, не ја признава независноста на државата каде го бара тоа.

Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

„Не може да има Заедница на општини со српско мнозинство во време кога Белград секој ден повторува дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово. Јас сум истакнал и по средби во Брисел, во Приштина и насекаде дека да бараш каква било заедница, а во меѓувреме да не ја признаваш државата е исто како да побараш кафе без филџан – не е можно кафе без филџан. Постои Република Косово како независна држава и кога ја бара Заедницата ја бара во овој ентитет, со своја внатрешна и надворешна субјективност“, вели Курти.

Во интервјуто тој посочи и дека во периодот од 2 јули 2011 до 25 август 2015 година Белград и Приштина потпишале вкупно 39 договори, од кои само два се однесуваат на ЗСО – првиот (16. по ред од вкупно 39-те) е од 19 април 2013, а вториот е од 25 август 2015. Меѓутоа, Курти смета дека не треба договорите за ЗСО да се ставаат во преден план туку треба подеднакво да се посвети внимание на сите.

„Член 10 на предлогот за основниот договор на ЕУ, со кој веќе сме се согласиле, и на 27 февруари го потврдивме ова во Брисел, каде верувам дека требаше тогаш да се потпише, вели дека треба да се применат сите договори. Јас и во предлогот од 18 август лани, како општа рамка на договорот, реков дека ќе имам сериозен пристап кон досега постигнатите договори и нив треба да ги гледаме со точност и јас ги прифатив тие договори како наследство од моите претходници, ги претставува косовските согласувања кои ќе требаше да се применат. Но, не сум за тоа од 39 договори да се постави еден на чело“, вели Курти.

Не е праведно, вели тој, да се наметне еден како најприоритетен.

„На пример, јас сè уште не сум зборувал, но имам голем интерес за договорите околу заедничкото менаџирање на границите. Имаме гранични премини во Извор во Звечане, меѓу Звечане и Нови Пазар, потоа е граничниот премин Капија, меѓу Каменица и Медвеѓе. Овие два се потпишани, а не се применети. Јас сум многу заинтересиран тие да се применат. Поминаа повеќе од 11 години како не се применуваат, значи пред договорот за Заедницата. Од друга страна, има договори кои веќе 12 години не се применуваат, како што е катастарските книги, Србија не ги дава оригиналите, а одбива да ги даде и копиите“, вели косовскиот премиер.

Related posts

Путин победи на брутално лажирани избори

admin

САД остануваат отворени за пронаоѓање на дипломатско решение со Русија

ninja

НЕМА ОДЛУКА ЗА ВЛЕЗ НА АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ВО ВЛАДАТА, ФОРМИРАН Е ТИМ ЗА ПРЕГОВОРИ

ninja

Се повлекува ли Ердоган од политиката?

admin

Политико: ЕУ, САД и Русија одржаа тајни разговори неколку дена пред кризата во Нагорно-Карабах

admin

ЌЕ ИМА ЛИ ДОВОЛНО СТРУЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗИМАВА?

ninja