Секој кој ја играл Тетрис знае колку е заразна. И тоа не само затоа што во времето кога се појави, 1980-тите, немаше ни некоја голема конкуренција на пазарот на компјутерски игри, туку затоа што механиката на редење линии со придвижување делчиња со различни форми кои паѓаат „од небо“ е толку едноставна што одговара за широка популација – и за деца и за службеници во јавна администрација, како подинамична алтернатива на Солитер (онаа со картите).
Она што не сме го знаеле, а го научивме од новиот филм посветен на оваа игра е дека таа е дело на советскиот софтверски инеженер Алексеј Пајитнов. Ова „советски“ игра голема улога во времето кога е создадена, 1984, само пар години пред распадот на големата држава. Тој тогаш работел во компјутерскиот центар на Академијата за науки на СССР. Кога таму пристигнала тогаш нова компјутерска опрема, требало да се напише мала програма за да се тестираат нејзините можности. Ова му послужило како изговор за правење видео игрици, кои го фасцинирале бидејќи според него тие нуделе начин да се премости јазот помеѓу логиката и чувствата.
Исто како што е прикажано во филмот, Пајитнов дошол на идејата за Тетрис сеќавајќи на своето детско играње со пентоминоа – дрвени делчиња со пет страни кои се користеле за правење различни слики. Поточно, инспирација била неговата мака по играњето да ги врати делчињата назад во кутијата за тие да се вклопуваат. Така се родил првиот прототип на Тетрис, во кој единствената разлика е што делчињата имаат четири страни. Името е всушност комбинација на грчкото за „четири“ и името на омилениот спорт на Пајитнов, тенис.
Први страсни играчи станале неговите колеги, кои му помогнале да направи пософистицирана верзија во боја и со вистински форми (првичната верзија била само со апстрактни делчиња формирани од големи загради). Додадени се и нови опции, како бодување и звучни ефекти. Работата дошла до таму што играта се нашла на компјутерите на целата администрација која тогаш ги имала – читај на сета советска бирократија. И тогаш почнале проблемите.
Тетрис му била практично одземена на Пајитнов и лиценцирана на име на советската компанија ЕЛОРГ, која имала монопол на увозот и извозот на компјутерски хардвер и софтвер во СССР и се рекламирала со слоганот „Од Русија со љубов“. Бидејќи тој веќе бил вработен од советските власти, не добивал никаков процент од продажбата.
Тука влетува Хенк Роџерс, Американец со холандско потекло, кој има своја компанија за дизајн на игри во Јапонија, каде станува соработник на Нинтендо. На саем за игри во Лас Вегас ја открива Тетрис, тогаш презентирана како руска игра лиценцирана за САД од компанијата Спектрум Холобајт. Роџерс ја купува дозволата за јапонскиот пазар од нив, но набргу влегува во комплицирана правна и бизнис приказна за тоа кој навистина ги поседува правата и како да се дојде до нив. Така, филмот не е само за борбата на комунизмот наспроти сè поагресивниот капитализам, туку и за внатрешните тензии на нов пазар на видео игри во формирање на самиот запад.
Иако приказната е интересна, филмот ја сведува на канцелариски преговори и по некоја трка со автомобили, сведувајќи ги ликовите, особено од советска страна на стереотипните „добри“ и „лоши“. Многу подобра опција место правење на игран филм би бил сето ова да било преточено во документарец. Засилен со појавата на Горбачов, кој наводно лично ги надгледувал преговорите.
Пајитнов се преселил во САД во 1991 и заедно со Хенк Роџерс ја формирал компанијата Тетрис, конечно заработувајќи од играта.