12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Околу 200 илјади луѓе ни работат, ни бараат работа

На пазарот на труд не се вклучени речиси 200 илјади луѓе од 25 до 54 години. Упатените велат дека тие сепак имаат активности. Или сезонски работат во странство, па не им се исплати да бараат работа во Македонија, или велат дека повеќе им се исплати да чуваат деца отколку да работат за малку пари.

Платите во Македонија се многу ниски, па воопшто не сум барал работа тука, вели 40-годишниот Борис од еден мал град во внатрешноста. Повеќе од 10 години, тој сезонски работи на туристички бродови кои крстарат по Карипското Море. Неколку месеци е на брод, а потоа неколку месеци се враќа дома и живее со заработените пари.

„Македонската плата е два дена работа во странство“, вели тој.

Борис е само еден од илјадниците луѓе во полна работна сила кои не се иселени, но не бараат работа во Македонија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, околу 190 илјади луѓе во Македонија на возраст од 25 до 54 години не се вработени, ниту пак бараат работа, односно се водат како неактивно население. Според последните податоци на државната статистика, кои се од 2021 година, има уште 130 илјади вакви луѓе на возраст од 55 до 64 години и уште над 20 илјади помлади од 24 години, кои не се ученици или студенти. Тоа се вкупно 340 илјади луѓе помлади од 64 години, кои не се вклучени во пазарот на труд, односно немаат вработување, но не ни бараат работа.

Стопанствениците подолг период се жалат дека нема работници, а владата веќе почна да размислува за увоз на работна сила од странство за да го пополнува недостигот. Сепак, официјалните податоци покажуваат дека освен околу 120 илјади невработени луѓе, има уште три пати по толку кои воопшто не ни бараат работа.

Податоците на Европската статистичка агенција Еуростат покажуваат дека Македонија има многу пониска стапка на активност на работоспособното население од Европската унија (ЕУ). Според нивните податоци, помалку од 79 отсто од македонското население на возраст од 25 до 54 години работи или бара работа. Просекот во ЕУ е скоро 85 отсто, а во земји како Литванија, Шведска, Швајцарија или Словенија над 90 отсто од работоспособните луѓе помлади од 54 години се вклучени во пазарот на труд.

Илјадници работат сезонски во странство

Зоран Кочовски од агенцијата Коузон, со повеќе од дведецениско искуство во посредување при вработување, вели дека бројките во Македонија се преувеличени. Има десетици илјади луѓе кои сезонски работат во странство, а во Македонија се водат како неактивни, вели тој. Луѓе работат на брод, на нафтени платформи, сезонски во угостителство во Хрватска, Црна Гора и Грција, берат грозје и јаболка во Италија, чистат риба на Аљаска, или работат на црно во земјите од ЕУ додека не им истече туристичката виза.

„Ако сето ова се земе предвид, доаѓаме до една бројка која надминува 25 илјади работоспособни луѓе, кои не се активни во барањето работа во Македонија, поради тоа што ги уживаат бенефитите од работата во странство и минимален период на престој во Македонија во вакуум периодот кога немаат работни активности во државите во кои престојуваат“, вели Кочовски.

Податоците на државната статистика покажуваат дека две третини од неактивното население се жени, кои најчесто се домаќинки.

Жените се две третини од оние кои не бараат работа

Илустрација
Илустрација

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска пред две недели рече дека е потребна поголема вклученост на жените на пазарот на труд и оти тоа носи и поголем економски раст.

„Во основа се смета дека на тој начин се адресира и прашањето за недостигот на работна сила, којшто е всушност глобален феномен, поголемото учество на жените значи поголема продуктивност во општеството, а сето тоа поттикнува и повисоки стапки на економски раст… и тоа околу 10 проценти во поразвиените економии, а овие придобивки се уште поголеми во помалку развиените економии, каде се проценува дека таму економскиот раст може да биде повисок за околу 30 проценти“, рече Ангелоска Бежоска.

Како до поголеми плати?

Дел од луѓето кои не бараат работа чуваат деца, внуци или постари родители, се грижат за домот, садат мала бавча за да произведат храна за домашни потреби. На други, иселените деца им праќаат пари за живот, а тие повремено одат во странство да ги чуваат внуците. Професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје вели дека квалитетот на живот не секогаш зависи од парите.

„Не значи дека ако имаш повеќе пари ќе имаш и повисок квалитет на живот. Одреден процент на македонски граѓани едноставно решаваат да се потпираат на една плата во семејството и на таков начин да имаат подобар квалитет на живот. И тука, без подобрување на платите и работните услови, нема шанси тие да се вратат на пазарот на труд“, вели Савески.

Скоро 40 отсто од неактивното население во Македонија од 25 до 54 години, односно 73 илјади луѓе, се со средно образование, околу 7 отсто, односно околу 15 илјади луѓе се со високо образование, половина се со основно, а другите без основно образование.

Сепак, Македонија не стои најлошо во Европа. Убедливо најмал процент активно население има во Турција, а помалку од Македонија имаат уште и Црна Гора и Италија.

Државниот завод за статистика ги смета за работоспособни сите луѓе на возраст од 15 до 79 години. Сепак, се задржавме на возрасната група од 25 до 54 години, зашто се доволно возрасни да се надвор од образовни процес, а не се доволно стари за да бидат во пензија.

Related posts

Има ли надеж за забрзана интеграција со новиот пристап за проширување на ЕУ?

admin

Олеснување за функционерите: Ќе можат са поднесат изјава за имотна состојба по електронски пат

admin

Намалени акцизи, укинат данок и субвенции – Владата со пакет мерки за справување со кризата

ninja

Зошто молитвата на планината Арафат е духовен врв на муслиманските аџии

admin

ПАРНОТО ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК, ЈОРГАНИТЕ АЛТЕРНАТИВА

admin

Ковачевски: Границата со Албанија само со едно застанување

admin

Leave a Comment