7.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
НАСЛОВНАРЕГИОН

Тензиите во Косово – постои ли ризик за нова војна на Балканот?

Тензиите меѓу двата соседа на РСМ – Србија и Косово, со внимание се следат во македонската политичка, но и поширока јавност, пишува ДВ. Иако актуелните тензии го носат предзнакот „локални“, некои политички изјави го поттикнаа впечатокот дека допрва може да се случи нешто со големи последици. 

„Ситуацијата на Косово е алармантна, може да се случи голема експлозија во центарот на Европа“, изјавивчера  рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров . 

Но, експертот за безбедност Владимир Пивоваров е уверен дека такво нешто нема да се случи.

„Секако дека постои ризик, но безбедносните служби треба да колекционираат информации, истите да се анализираат за да може Владата да донесе вистински одлуки во вистинско време. Ескалацијата на овие тензии лесно може да го дестабилизира регионот, но убеден сум дека во овој момент тоа нема да го дозволи меѓународната заедница“, уверен е Пивоваров. „Постојните случувања на северот на Косово се само последни во многуте досегашни тензии. Во моментов истите се карактеризираат како локални, но имајќи ги во предвид геополитичките случувања и интересите на големите сили, лесно може да преминат во регионални тензии. Досегашните тензии се решаваа по дипломатски пат со силен притисок на меѓународната заедница. Сегашното толкување од некои званичници е од аспект на интересите на нивните земји, што е и очекувано“.

Тој состојбата ја оценува како тензична, но вели дека мора да надвладее разумот кај двете страни.

„Секако во изнаоѓање на решението силни напори ќе бидат вложени од страна на ЕУ. Во овој момент најмалку е потребено популизирање на црни сценарија со што само се подгрејува и така тензичната ситуација. Инаку блиското минато укажува дека вооружените дејствија во поранешната заедничка држава како во врзани садови се прелеа во секоја земја. Конечно, време е ваквите тензични ситуации во регионот да бидат минато, а Балканот повеќе да не е буре на барут. Во овој момент во овој регион и тоа како е потребен мир и стабилност со придонес кон економски развој на целиот регион“, вели Пивоваров.

Оценки за последните случувања во Косово изнесоа и некои од партиите на Албанците во Северна Македонија. Градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската Беса, Билал Касами, потенцира дека Косово е независна држава и мора да ја прошири нејзината јурисдикција на целата територија.

„Територијалниот суверенитет значи почитување на законите во секој агол на државата, значи и на северот на Косово, во општините каде што има градоначалници кои се избрани легално и легитимно. Без разлика на добронамерните реакции на меѓународните партнери, државата Косово има должност да го прошири суверенитетот на целата територија за нормално функционирање на институциите, врз основа на демократски принципи и почитување на законите. Принципите на владеење на правото и демократските вредности не можат да бидат исклучок за северот на Косово само затоа што Србија има експанзионистички аспирации, а нејзините паравоени банди сакаат да го поткопаат суверенитетот на Косово. Ние безрезервно го поддржуваме проширувањето на јурисдикцијата на целата територија на Косово и ги поддржуваме демократските институции на Република Косово на големиот тест за почитување на правото и демократските вредности“, напиша Касами на неговиот Фејсбук-профил.

Со соопштение се огласи и опозициската Алтернатива.

По ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово, партијата смета дека Република Косово има целосно право да го прошири својот суверенитет на целата своја територија и да го спроведува законот, особено за управувањето со локалната власт, но во исто време смета дека тоа не треба да се прави загрозувајќи ги безбедноста и мирот во тој дел на Косово.

„Организирањето избори за локална власт во општините со српско мнозинство на северот на Косово, и покрај бојкотот на некои партии предводени од Белград, е легитимно право на државните институции на Косово и пред сѐ во интерес на животот на граѓаните од таа област, кои не можат да бидат жртви на ниту една политичка причина. Сепак, Алтернатива повикува на разумност и претпазливост, но и на меѓусебен дијалог, за тоа да не го загрози мирот постигнат со многу труд, но и европската перспектива на Западен Балкан“, се вели во соопштението на Алтернатива.

Критичари на политиките на Александар Вучиќ за последните тензии упатуваат и критики на адреса на косовскиот премиер, Албин Курти, со став дека повлекол погрешни потези со кои му дал голем подарок на српскиот претседател. Слична теза објави и хрватски „Јутарњи лист“.

„Работите повторно зовриваат на северот на Косово. Повторно насилство, барикади, солзавец, судири, пукање. Сè како нарачано. Криза, која дојде ‘како кец на десетка’ во овој деликатен момент за режимот на Александар Вучиќ. Имено, во последните неколку недели, по страшните и трагични масакри во основното училиште ‘Владислав Рибникар’ во Белград и во околината на Младеновац, кои ги поттикнаа најголемите антирежимски протести во последните неколку години, Александaр Вучиќ беше во нокдаун. Режимот се заниша под притисокот на спонтаниот граѓански отпор, но тогаш свесно или несвесно (не)очекувано, појас за спасување му фрли неговиот архинепријател, косовскиот премиер Албин Курти“, коментира весникот.

Она што во моментов се смета за важно, е Албанците од земјите во регионот да повикаат на разум и мирно решавање на тензиите во Косово. Албанскиот премиер Еди Рама доцна синоќа апелираше до косовските државници да ги слушаат сојузниците, со цел ситуацијата да не се влоши уште повеќе.

„Мојот повик е да се слушаат сојузниците и да не се навлезе подлабоко, во, не само опасниот, туку и залуден пат каде Косово е повредено на меѓународно ниво, заедно со војниците на КФОР кои се телесно повредени. Не е меѓународен повик, туку национална потреба”, напиша Рама на социјалните мрежи.

Related posts

Премиерот Ковачевски најави оставка

admin

Ескобар: Сакаме да бидете дел од ЕУ, не сум тука да вршам тортура врз некого

admin

„Кафе“ за Орбан, зелено светло за Киев, разочарување за РСМ

admin

Османи: Му се јавив на Ахмети да му кажам што изјавил Мицкоски, се насмеа и ми рече…

admin

СДСМ ќе ја топи разликата, ВМРО-ДПМНЕ открива црни сценарија

admin

Над 4.1 милиони украинци се засолнети во ЕУ

admin