Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави за американската мрежа Си-Ен-Ен дека српската страна ги исполнила сите меѓународни обврски кои произлегуваат од Бриселскиот договор, а Косово не исполнило ниту една од нив – формирање на Заедница на општини со српски мнозинство, пренесува Инбокс7.
Косово и Србија ги започнаа преговорите за нормализација на односите, со посредство на Европската унија, во 2011 година.
Партиите имаат потпишано десетици договори, но не сите се спроведени.
Вучиќ тврди дека од доаѓањето на премиерот на Косово, Албин Курти на власт, извршени се 353 напади врз Србите, мотивирани на ентитетска основа и дека ова е најголемиот број на вакви инциденти од прогласувањето на независноста на Косово.
„Само оваа година имаше пет напади со пукање врз цивили од српска националност. Србите сакаат само безбедност за себе и за своите семејства“, рече Вучиќ.
Тој ги отфрли обвинувањата на Курти дека ги уценувал Србите да не учествуваат на локалните избори во Косово и го праша дали некогаш видел легитимни демократски избори со нешто повеќе од 3 отсто излезност.
Вучиќ рече дека Србија е задоволна од изјавите на американскиот државен секретар Антони Блинкен и францускиот претседател Емануел Макрон за кризата во Косово.
Секретарот Блинкен рече дека остро ги осудува постапките на Владата на Косово, кои, според него, ги ескалираат тензиите на север и ја зголемуваат нестабилноста, додека Макрон рече дека Косово е одговорно за предизвиканите немири.
Според него, Србија не прекршила ниту еден меѓународен договор во одговорот на кризата.
„Ги почитувавме кумановскиот договор и резолуцијата 1244 на ОН. Во Косово не влеговме со војници. Досега имавме професионална соработка со трупите на НАТО на Косово и убеден сум дека оваа соработка ќе продолжи“.
Запрашан како ги коментира протестите на граѓаните на северот на Косово, претседателот на Србија рече дека е многу важно да се одржат мирот и стабилноста.
„Знам дека се решени да ги заштитат своите огништа и ги повикувам на мирен протест“.