Координаторот за антикорупција во Стејт-департментот на САД, Ричард Нефју, интервју за Албанскиот сервис на Гласот на Америка, рече дека прогласувањето на градоначалникот на Струга за „персона нон грата“ е заради негова вмешаност во голема корупција, пренесува Инбокс7.
„Одлуката е донесена затоа што државниот секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека г-дин Мерко бил вмешан во голема корупција. И така според законите, кога секретарот ќе дојде до тој заклучок, нечија определба е правно обврзувачка, како што се случи денес“, изјави Нефју.
Стејт департментот во вторникот го прогласи Рамиз Мерко, градоначалникот на општина Струга во Северна Македонија, за лице „нон грата“, како што се наведува во соопштението, поради неговата вмешаност во значителна корупција, проневера на средства, мешање во судските постапки и наштетување на довербата на јавноста во демократските институции.
Спред Нефју, информациите што беа објавени како дел од соопштението укажуваат дека се работи за злоупотреба на средства и мешање во судските постапки.
„И знаете, со оглед на природата на определбите и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај“, истакнал тој.
На прашањето дали се очекуваат политички влијанија по оваа одлука, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во истото интервју вели дека „оваа одлука ќе и помогне на владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата“.
Ричард Нефју, пак, вели дека „една од главните цели на овие ознаки, главната цел на Конгресот што го усвои законот, е да ја покажеме нашата поддршка за владеењето на правото во напорите за борба против корупцијата ширум светот“. „И со јавно идентификување, одредување нив според Законот 7031C и негирање на можноста да дојдат во Соединетите Држави, мислиме дека помагаме да се поддржи принципот на владеење на правото“, додава тој.
Според него, Вашингтон исто така верува во зајакнување на антикорупциските норми во активностите и практиките ширум светот.
„Секогаш кога се зборува за визни ограничувања или санкции, секогаш се поставува прашањето за нивната ефикасност и влијание. Генерално, имавме многу добри резултати помагајќи им на граѓанските здруженија и другите активисти, да им покажеме дека не се сами, дека кога ќе се сретнат со корумпирани поединци имаат поддршка од меѓународната заедница“, вели Нефју.
Нефју објаснува дека Законот наведува дека кога државниот секретар има веродостојни информации кои укажуваат на вмешаност во голема корупција, секретарот е должен да воведе санкции со тоа што ќе им одбие виза на овие лица.
„Значи од правна страна постапуваме кога имаме информации. Ова е дел од истрагите кои се спроведуваат за да се дојде до нечија определба. Ако некој е функционер, или поранешен функционер, навистина не е важно што налага законот да правиме. Од практична гледна точка, идентификувањето и реагирањето на поранешен функционер инволвиран во коруптивни дела има свои заслуги. Дел од причината зад нашите постапки е да го поддржиме граѓанското општество, да ги поддржиме оние кои се обидуваат да бараат одговорност од корумпираните поединци. Така што и откако ќе си заминат од власт нема да можат да имаат корист од тоа што го правеа кога беа на власт“, истакнал Нефју.