Сè поатрактивна, особено за младите, а оскудно регулирана со актуелниот Закон за работни односи. Вака накратко од граѓанскиот, но и од бизнис секторот, ја опишуваат состојбата со работата од дома односно работата од далечина.
Пишува: Вања Мицевска
Ковид пандемијата го интензивираше трендот на преселување на канцелариите во домовите на луѓето, но искуството покажува дека и во овој постпандемиски период дел од вработените ги извршуваат задачите на ваков начин додека некои фирми воведуваат и комбиниран или таканаречен хибриден модел.
Како македонската легислатива ја регулира работата од дома и дали со одредени измени таа регулација може да се подобри, се дел од прашањата кои се најдоа во фокусот на денешната анализа.
-Законот за работни односи кој во моментов е во сила не ја уредува до крај можноста за работа од дома и работа од далечина, поточно има недоречености. Развојот на современите технологии покажува дека постои сериозна потреба од законски измени кои ќе овозможат нови форми на вработување и нови можности за младите луѓе – нотираше Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.
Заклучоците на оваа тема, Институтот ги сумираше во извештајот насловен „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Уредникот на овој документ, комуникологот Бојан Кордалов вели дека работата од дома е еден од клучните фактори кои младите ги земаат предвид кога бираат професија.
„Она што е важно да се каже е дека работата од дома е всушност слобода да работите од која било локација каде што вие сакате и вие ќе ја изберете, им овозоможува на младите во исто време и да учат и да работат, но и да патуваат или пак да го исполнат квалитетно својот живот. Денешната технологија веќе подолго време тоа го овозможува“, вели Кордалов.
Според него, секаде каде што може ќе биде сè поважно на луѓето да им се остави можност да избираат и да бидат флексибилни.
„Работењето од дома или од далечина не подразбира да не одите во канцеларија, туку подразбира избор плус за оние кои сакаат да работат од дома, од парк, од друга држава или која било друга локација. Секоја личност која сака да работи во канцеларија си го задржува тоа право и секогаш може да користи канцеларии на своите работодавачи“, објаснува Кордалов.
Прагматичноста како „оправдување“ за работењето од дома
Адвокатот Јован Најденовски, кој е и правен консултант, вели дека работата од дома како правен институт постои уште одамна, но со модернизацијата на општеството се менуваат индустриите и професиите во кои луѓето може да ги извршуваат задачите надвор од просториите на работодавачот.
„Постојат пред сè, прагматични, но и економски причини кои го оправдуваат ваквиот потег. Цената на чинење на трошоците во рамки на просториите на компанијата на дневна основа ја минимизирате бидејќи работникот не е тука. Тој работи од дома и во еден дел троши сопствени ресурси како интернет, електрична енергија и така натаму. Навистина имаше повеќе фирми кои го откажаа дури и деловниот простор кога почна ковидот или ги сменија своите седишта и земаа помали канцеларии затоа што почнаа да користат комбиниран модел на работа. Тоа значи дека вработените сега по правило им работат од дома, а по исклучок доаѓаат на работа во некоја просторија која е помала, поевтина за одржување. Тоа го прават тогаш кога навистина постои потреба за физички контакт“, објаснува Најденовски.
Сепак, посочува дека Законот за работни односи кој го регулира ова прашање треба да се доработи, а државата да им даде можност за поголема слобода на договарање и на работодавачите и на нивните вработени.
-Законот за работни односи треба само малку да се доработи во делот на дефинирањето на работа од дома. Ова е една од работите којашто не бара драматични „резови“, промени и нови регулирања. Значи да се смени името на правниот институт од „работа од дома“ во „работа надвор од просториите на работодавачот“ . Со ова ќе се прескокнат административните чекори дека тоа мора да биде со посебен договор, дека договорот мора да биде пријавен во Трудовиот инспекторат и слично, бидејќи никому реално и не му е јасно која е потребата од екстра отпечатен примерок за работа од дома којшто се депонира во Трудовиот инспекторат – вели Најденовски.
Наместо тоа, тој предлага да се направи анекс на постоечкиот договор за вработување, а работодавачите и вработените сами да се договорат како ќе го организираат работниот процес.
„Наспроти ова, Трудовиот инспекторат сè уште стои на тоа дека треба да се знае од кога до кога се изработени осумте часа, дали имало ноќна работа, дали се работело за празник и така натаму. Значи потребно ни е редефинирање и оставање по принцип на дерегулација максимална слобода во договарањето каде што тоа е можно, намалување на администрирањето, склучување на договор во кој однапред може да биде дефинирано дека е допуштено работењето од дома. Следствено на тоа да може да се договорат критериуми за формирање на плата и одработување на работните задачи во максимално флексибилен модел по избор на работникот“, порачува Најденовски.
Законски измени за поголема слобода на работодавачите и работниците, но со почитување на работничките права
На важноста од слободата на договарање меѓу двете страни, алудира и Кордалов кој порачува дека работниците и нивните претпоставени би можеле самите да се договорат како ќе соработуваат при тоа секако, почитувајќи ги основните работнички права.
„Јас како комуниколог сум љубител на тоа дека прво треба да дефинираме што сакаме да постигнеме, тоа да го искомуницираме, а потоа правото само тоа да го регулира. Ако се договорите со приватните компании може да ја извршувате работата од каде било. Денес е 21 век, век на огромна мобилност, на огромни можности и на дигитализација. Можете огромен процент од работите да ги извршите на кое било место во кое било време и на кој било начин. Тоа е нешто што пред 15 или 20 години го немало“, нагласува Кордалов.
Тој додава дека со можноста за извршување на работата на овој начин луѓето стануваат помотивирани и на тој начин се спојуваат понудата и побарувачката. Адвокатот Најденовски пак, забележува дека ние како држава премногу бавно ги следиме општествените, економските и особено технолошките промени.
Додека се уште траат дискусиите за измените на Законот за работни односи, Најденовски вели дека во новото решение има одредено поместување, но сепак измените треба да бидат полиберални.
„Се воведува и една новина, за која јас лично мислам дека не ѝ е местото во Законот за работни односи. Тоа е работа од далечина. Наведено е дека работата не мора да се извршува во просториите на работодавачот доколку постојат технички, технолошки и комуникациски услови работникот да ја изврши својата работа од далечина. Што е тоа ако не е надвор од просториите на работодавачот и зошто го разграничуваме од работа од дома? Нормално дека и работа од дома и работа од далечина е работа која не се случува во компанијата и се однесува на работни задачи коишто може да се извршат надвор од просториите на друштвото“, додава Најденовски.
Покрај измените кои се предлагаат, останува одредбата според која работодавачот треба да проверува и да се грижи дали работникот таму каде што работи има услови согласно Законот за безбедност и здравје при работа.
„Договорот за работа е договор, што значи дека тој во основа е облигационен акт и треба да има слобода во договарањето. Ако работникот сака да работи од дома во услови такви какви што ги има, зошто работодавачот да го ограничува? И во идеални услови дома и работодавачот да провери, како работодавачот да преземе на себе обврска дека ќе го заштити од повреда или дека тој нема со своето работење да ги вознемирува своите домашни и така натаму“, порачува тој.
Закон заснован на реални факти за подобрување на состојбата на пазарот на труд
Коментирајќи ги фалбите на надлежните дека новиот закон ќе биде Европски, Најденовски е дециден дека на Македонија ѝ треба македонски закон кој ќе се изгради на реални македонски состојби денес, а не за пет или десет години. Тој е скептичен дека во догледно време би добиле концизно законско решение бидејќи како што вели, целиот Закон се заснова на погрешни статистички показатели, а не на факти кои ја отсликуваат реално состојбата со пазарот на труд.
„Оттука, не можете да очекувате ни дека ќе добиете современо решение за работата од дома. На нас ни треба закон којшто низ дерегулација ќе овозможи слобода на договарање, флексибилност во следење на галопирачки промени на пазарот на трудот, организација на работни процеси и нови технологии. Останува традиција која ја влечеме како лоша карма, а тоа е дека државата наша тврдоглаво си оди по патот на обемна и комплицирана норматива наместо да го избере патот на дерегулација и промовирање на слободно договорање таму каде што е тоа можно“, додава Најденовски.
Овозможувањето на поголема слобода за договарање според него, е дотолку повеќе потребно што работата од дома е одлична опција и за луѓето со попреченост кои преку ваквата флексибилност би заработиле за себе. Најденовски нагласува дека тоа е модел кој овозможува инклузивност за цела една група на вредни и работоспособни луѓе кои имаат објективни пречки да работат на друго место надвор од својот дом.
-Тоа се луѓе кои имаат тешкотии во движењето, луѓе кои имаат телесен хендикеп, кои имаат пречки во интелектуалниот развој, но имаат капацитет да извршуваат определени видови работа. Ако почнеме да ги гледаме само овие луѓе и во однос на нив да поставуваме некакви стандарди па од тука да почнеме да ја креваме „летвичката“ за тоа кои услови треба да се исполнуваат за некого да поттикнеш да почне да работи од дома ќе видиме дека има многу простор каде на огромна група луѓе ќе им овозможиме да влезат во светот на бизнисот и можеби да направат голема приказна – заклучува Најденовски.
Комуникологот Кордалов се надоврзува на ова и вели дека државата мора да внимава на правото на избор.
-Јас би посочил еден пример преку едно прашање, а тоа е „дали знаеме колку курсеви, колку часови за вежбање и здрава исхрана се одвиваат онлајн, колку луѓе се клиенти и ги добиваат посакуваните информации, а колку луѓе заработуваат на овој начин“? Дали знаеме колку часови по јазици, компјутери и друг вид на настава се одвиваат онлајн? Некако, во формално-правните аспекти се заглавивме премногу и на младите кои денес растат покрај технологијата не им дозволивме да ја видат ширината на можностите коишто нивните врсници во светот па дури и во регионот, ги имаат како поволност – забележува Кордалов.
Тој потенцира дека во овој дел мора да се менуваме, да ги прифаќаме позитивните аспекти кои се пред нашите очи наместо премногу да се фокусираме на негативното.
-Едноставно, треба да се трудиме секоја професија да ја направиме подостоинствена и со повеќе избор и дигитализацијата за првпат тоа ни го дава – порачува нашиот соговорник.
Несомнено, подобрената законска регулатива ќе биде поттик и за домашното претприемништво, односно мотив за луѓето да отпочнат бизниси кои би ги воделе од своите домови. За ова неодамна се дискутираше во Скопје на настанот кој го организираа Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Центарот за австриска економија од Виена. Експертите кои беа дел од дебатата порачаа дека претприемачите кои го водат бизнис надвор од канцеларија може да се стекнат со почетен капитал и да придонесат за локалната економија, но наспроти ова тука се законските пречки и обемните бирократии.
-Претприемништвото во домашни услови, односно основањето и водењето бизнис од дома има низа предности, а тоа уште подостапно го прават новите технологии, постоењето на бројни бизнис платформи каде може да се пласираат домашни рачни изработки, слики, накит, домашно произведена храна… Овој вид бизниси е и многу погоден како дополнителен извор на приходи, покрај регуларната работа. За отпочнување со домашен бизнис не се потребни многу средства, дава можност да се експериментира, овозможува самостојно управување со времето прилагодено на личните потреби – беше заклучокот од дебатата.
Инаку, предлагач на измените на Законот за работни односи е Министерството за труд и социјална политика од каде сооштија дека тие ќе бидат согласно европските и согласно стандардите на Обединетите нации.
Ресорната министерка, Јованка Тренчевска во едно од телевизиските гостувања на оваа тема, изјави дека можноста за работа од дома и работа на далечина е особено значајна за младите. Во обемното законско решение, меѓу другото новина е и тоа што е тргната горната граница во времетраењето на годишниот одмор што ќе ја утврдуваат заедно синдикатот и работодавачот преку колективно преговарање. Придобивка, според Тренчевска, е и тоа што се воведува обврска на работодавачот доколку му е прекинат договорот за работа на работникот, да му биде исплатен годишниот одмор.