14.8 C
Скопје
10 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Варга: Украина нема да го признае Косово, Вучиќ се договори со Зеленски во Атина

Борис Варга, политиколог и новинар од Војводина, вели дека Западот ја толерирал руската анексија на Крим пред десет години, што во 2022 година доведе до тотална војна за окупација на Украина, пренесува Инбокс7.

Во ексклузивното интервју за Политичкиот дебатен клуб (kdp.mk), познатиот аналитичар вели дека Украина во блиска иднина нема да ја признае независноста на Косово.

“За Украина ова е сложено и чувствително прашање, не поради Србија и односите со Белград, туку поради Русија и Путин, кој постојано зборува дека за него Косово било преседан за анексија на Крим. Доколку Западот реагираше адекватно и строго во 2014 година, кога Путин всушност ја започна оваа војна, ќе отидеше многу подалеку во решавањето на проблемот со признавањето на Косово, барем што се однесува до земјите од ЕУ, што досега не го признале. Мора отворено да се каже дека Западот речиси ја толерираше анексијата на Крим, што дополнително доведе до тотална војна во 2022 година. Покрај санкциите кои не ја погодија толку Русија, речиси беше прифатено мотото на Москва – Крим мене, на вас – Косово. Наместо веднаш да се инсистира дека овие два случаи немаат ништо заедничко и дека не може да има споредби и причински процес. Независно Косово се роди од заштитата на Албанците од меѓународната заедница поради етничко чистење и обид за геноцид, додека Крим беше едноставно нападнат и украден од Украина од соседната земја, како што се фалат Русите, „без испукан ниту еден куршум“. Оваа нежна фраза беше стапица”, вели Варга.

Украина, според него, тоа добро го знае, но во случајот со Косово, секој опасен чекор може да го чини Киев поддршка од своите сојузници, додека оваа поддршка, повторно, зависи од внатрешно-политичките околности. “Киев вешто раководи со својата надворешна политика и нема да биде консумиран од проблеми кои не му се приоритет.”

“Во моментов за Украина е важно да се заштити земјата и да се зачуваат старите сојузници и да се обезбедат новите, дури и оние кои не ги делат целосно позициите со Киев. Од друга страна, другите и западните земји не очекуваат Украина во овој момент да го признае Косово, бидејќи тоа би било само предност за Путин во неговата политика и пропаганда. Мислам дека и Приштина е свесна за тоа, бидејќи во спротивно немаше да учествува и немаше да ја поддржи декларацијата на привремениот самит во Атина. Колку што можеме да видиме, расположението во Приштина е целосно проукраинско, и покрај непризнавањето”, вели Варга.

Според него, суштината на самитот во Атина е поддршката на балканските држави на мировниот план на претседателот Володимир Зеленски, попознат како „Украинската формула за мир“.

“Медиумите во Србија, некои од нив не ја знаеја важноста на овој документ, додека други прорежимски успеаја да ја сокријат суштината дека Вучиќ всушност го поддржал планот, кој детално ги прикажува условите под кои Киев ги прифаќа мировните преговори и прекинот на непријателства со Русија, а тоа се, меѓу другото, ослободување на сите територии од рускиот окупатор, судење и казнување на одговорните за агресијата и воените репарации против Украина.”, вели  Варга.

Мировната формула на Зеленски, потенцира тој,  беше претставена минатиот ноември на самитот на Г7 и е главната платформа околу која Западот се обидува да ги собере сојузниците со цел прво да ја порази, а потоа да ја потресе Русија. “И, не оди се добро. Арапската лига се согласи да разговара за формулата за мир на Зеленски и е отворена нејзините членки да ја прифатат, додека Алијансата на државите од Латинска Америка и Карибите (CELAC) одби да разговара за неа на својот самит.”

Варга смета дека нема да има некоја поголема пресвртница во односите меѓу Србија и Украина, толку колку во „корекција“ на лојалноста на Белград кон Западот. “Со барикадите и српските судири со КФОР на Косово, црвената линија беше помината. Фотографијата од ранети војници на НАТО се рашири низ светот и сега Вучиќ мора да го смени пристапот. Од почетокот на сеопфатната руска агресија против Украина, Белград ги поддржа повеќето резолуции на Генералното собрание на ОН, со што се добива впечаток дека го поддржува Киев. Но, Србија, всушност, не сака да ги прекине односите со САД, кои се вратија во Европа како заштитник на Европа. Исто така, Србија не сака да ги раскине односите со Русија и затоа не воведува санкции против неа.”

Сепак, вели Варга, српската реторика дека го почитува територијалниот интегритет на Украина, а во исто време не воведува санкции кон Русија, територијалниот окупатор, не стивнува во Киев. “Ваквото лицемерно однесување на Белград во официјален Киев се толкува како јасна поддршка за агресорот во војната против Украина. Токму така може да се разбере потписот на Олександар Мережко, украинскиот пратеник и претседател на Комисијата за надворешни работи во парламентот, во писмото на парламентарците на европските земји и на САД, со кое се бараат Вашингтон, Брисел и Лондон да ја заострат политиката на нивната кон Србија, во контекст на Косово. Можното признавање на Косово неофицијално се споменува и во Киев.”

Варга вели дека во Атина се случи политичка трговија, во која Украина победи: ако вие не сакате да воведувате санкции кон Русија – ние ќе го признаеме Косово; нема да го признаеме Косово, ако вие ја поддржиме Формулата за мир на Зеленски. “Всушност, мислам дека во овој момент поддршката на Србија за украинскиот мировен план на Зеленски е веројатно тактички поважна од санкциите против Русија, кои се прашање на стратешка определба.”

“Вучиќ рече дека Украина ќе ги загуби сите свои адути доколку го признае Косово. Мислам дека не, но тоа не и е приоритет во моментов. Пред тоа, Србија е таа која полека губи сојузници и во двата вектори на својата надворешна политика. Србија може да го загуби својот лојален сојузник Украина по прашањето за почитување на територијалниот интегритет, но Белград поради лојалноста кон Москва може да го загуби сојузот со Западот и европските интеграции, што е многу поголема загуба за Србија. Затоа Вучиќ го погоди потписот на Мережко и зборува со заканувачки тон, а такви изјави може да се очекуваат уште повеќе доколку државите од ЕУ кои не го признале Косово, со текот на времето ја ревидираат својата политика. Всушност, ова е еден од западните планови за поддршка на Косово.”

Варга ја коментира и веста дека рускиот шеф на Вагнер, Евгениј Пригожин, загинал во авионска несреќа во близина на Москва.

“Загубата на животот на Пригожин, што секако се случи, е логична последица на Вагнеритското востание на крајот на јуни. Многумина очекуваа вакво финализирање на обидот за воен удар, додека Путин не само што не одобрува такво нешто, туку таков е методот на работа на институциите на грубиот наследник на КГБ. Ритуалното убиство на Пригожин е пресметување со непослушните, но пред се е порака до сите оние кои не му се покоруваат на Путин. Во исто време, ликвидацијата на Пригожин не е само дисциплина на елитите, туку и подготовка на руското општество за подолга војна и поголеми жртви. Со оглед на тоа што Русија од фазата на инвазија и напад премина во фаза на одбрана во која полека губи територии, не е исклучено да се очекуваат нови бранови на мобилизација во Русија. А, за такво нешто треба да сееш страв и да влезеш во нова репресивна тоталитарна фаза.”

Варга подвлекува дека Путин, ако планира да се кандидира за апсолутистички претседател на изборите во март следната година, мораше да го ликвидира тој што го понижи и сериозно му го загрози угледот. “А, ова е веќе почеток на предизборното шоу. Меѓутоа, меѓу руските елити има и такви кои не се задоволни од начинот на кој тој ја води војната, повикувајќи да биде поодлучен или да си замине. Путин не успеа со планот А и брзата окупација на Киев, операциите на југот и на истокот на државата не го дадоа целосно посакуваниот резултат. Русија може да му прости на својот лидер сè – внатрешни чистки, тортура и кампови – освен загубена војна. Во овој контекст и во руското империјално сфаќање на војната, Путин е губитник. Се додека трае војната, таков е и Путин. Кога војната ќе престане, рускиот претседател и неговиот круг ќе бидат изложени на ризик.”

Претседателските избори во Русија следната година, според Варга, се добра шанса да се стави крај на владеењето на Путин на елегантен, мирен начин и да се најде замена за него меѓу елитите, но ликвидацијата на Пригожин покажува дека тоа можеби нема да се случи .

“Во тешкиот авторитаризам и тоталитаризам нема решение. Дури и бунтот на Пригожин не се смета за обид за државен удар, туку за предупредување. Ова сега е чувствително место во неговиот режим, а Путин мораше да го казни Пригожин, за да им даде пример на другите.”, вели Варга.

Related posts

КОВАЧЕВСКИ И ШОЛЕ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА СТАБИЛНОСТА, ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ И ПОДДРШКАТА ОД САД

ninja

Ројтерс: Локалните жители стравуваат од катастрофа поради повлекувањето на Преспанското Езеро

admin

ЕУ се бори за солидарност во енергетската криза

ninja

Расте притисокот за оставка на Љубомир Јовески

admin

„РЕФОРМИ“: Власта со една рака затвора институции, со двете отвора нови

admin

Се „гуши“ ли Скопје од трговски центри среде беспарица и бетон

admin