Москва шири своја пропаганда со благонаклонетост на властите во Белград. Немањето одговор од Западот може да доведе до војна, пишува германскиот весник „Рајнише пост“.
3 август 2023Москва шири своја пропаганда со благонаклонетост на властите во Белград. Немањето одговор од Западот може да доведе до војна, пишува германскиот весник „Рајнише пост“.
„Русија засега е во дефанзива во Украина, но Кремљ на располагање има и друго оружје за да го зголеми своето влијание низ светот“, оценува, меѓу другото, весникот Рајнише пост. Авторот Мартин Кеслер пишува дека рускиот претседател Владимир Путин со сите сили се обидува на дипломатската сцена да ги придобие земјите кои не се изјасниле јасно во украинската војна и дека „московската медиумска машина шири пропаганда со полна пареа“.
Како што се наведува, пример за тоа е Србија, кандидатка за членство во ЕУ. „Се интензивираа и трговските текови со Западот. Добри 60 проценти од надворешнотрговските активности на Србија се одвиваат со земјите од Европската унија. Две третини од сите странски инвестиции доаѓаат од западна Европа. За само две децении, Брисел ѝ префрли на Србија околу три милијарди евра државна помош, најмногу од германската каса“, пишува Рајнише пост.
„Вучиќ го гледа Путин како пример“
Но, колку и да се грижи Западот за Србија, „нејзиниот претседател, Александар Вучиќ, води нетранспарентна политика на клацкалка помеѓу традиционалниот сојузник Русија и ЕУ и САД – тој се чувствува идеолошки поврзан со Путин“, оценува авторот. „Тој ги споделува неговите амбиции за голема моќ и сонува за великоспрско царство.“
„Вучиќ го гледа Путин како пример“, го цитира Кеслер германскиот новинар Томас Бреј, кој, како што се наведува, повеќе од 40 години известува од регионот за германската новинска агенција ДПА, а сега направил и студија за влијанието на руските медиуми во Србија.
Според таа студија, наведува германскиот весник, медиумите во Србија кои се под контрола на Вучиќ се целосно во канџите на руската пропаганда, која е поттикната од агенции како Спутник Србија и РТ Балкан (поранешна Раша тудеј). „Пред сè, телевизијата – четири национални, приватните ТВ-станици, како и државната телевизија РТС – речиси без исклучок го шират рускиот став кога станува збор за конфликтот во Украина, но и кога се работи за економските и геополитичките спорови помеѓу Москва и Западот. Од овие извори редовно се информираат две третини од населението во Србија. И најтиражните дневни весници и онлајн портали, кои, со неколку исклучоци, се блиски политички пријатели на претседателот на Србија, исто така ги оценуваат светските политички настани од гледна точка на Кремљ“, пишува Рајнише пост и ја пренесува оценката на новинарот Томас Бреј: „Известувањето е агресивно антизападно и речиси исклучиво ги зазема ставовите на Русија и Кина“.
„Западот мора конечно да се разбуди“
Медиумите под контрола на државата и оние кои се под влијание на Русија особено ја истакнуваат улогата на „словенска жртва“, стои натаму во текстот. „Наративот е дека Западот сака Русија и нејзините словенски сојузници да бидат слаби или дури сака да ги уништи, како и дека војната на Москва во Украина и војните на Србија на територијата населена со сонародници во Босна и Херцеговина и Косово се акти на самоодбрана и самопотврдување. Западниот свет тоне во мочуриште на декаденција, во кое доминираат поп-култура од низок квалитет, неприроден феминизам и ‘глобалистичка цивилизација’, додека целта на Русија е да ги брани словенските, христијанските и традиционалните вредности. Во тој ‘судир на цивилизации’ Западот ќе пропадне“.
Водечките српски медиуми наголемо посегнуваат по вакви приказни, пишува Рајнише пост и додава: „Има информации дека (германската министерка за надворешни работи) Аналена Бербок е поранешна проститутка, дека на Германија ѝ се заканува глад или дека доларот и финансискиот систем на САД се на раб на колапс. Колку и да е преувеличена и клишеизирана индоктринацијата во Србија, таа сепак влијае на населението. Независните американски институти за истражување на јавното мислење утврдија дека две третини од Србите го гледаат Западот како воен хушкач во конфликтот во Украина. Половина ја гледаат Москва како свој политички партнер, а само 30 отсто сакаат посилни врски со земјите од ЕУ. Најпопуларен странски политичар е Путин, а по него е кинескиот претседател Ши Џинпинг“.
Во текстот се заклучува дека Србија е мала земја која не може сериозно да го предизвика Западот, но дека е во интерес на Москва да ја поремети политиката на ЕУ на Балканот и да сее конфликти. Рајнише пост на крајот го пренесува и заклучокот на Бреј: „Западот мора конечно да се разбуди и да направи нешто за да се спротивстави на руската пропаганда во Србија. Само бизнис и дипломатија нема да помогнат“.
Извор: Дојче веле