15.8 C
Скопје
10 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕУ-интеграција: Малку напред кон 2030, малку назад кон 2018

пред 8 ч.

Најновиот повик на Макрон, Еврoпа да разгледа форми на интеграција различни од членство – како „Европа во повеќе брзини“ – не е ништо ново ни од Макрон ни во ЕУ, вели Малинка Ристевска Јорданова.

До 2030 година, двете страни – и ЕУ, и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на вчерашниот Бледски стратешки форум. Истиот ден францускиот претседател Емануел Макрон од годишниот состанок со француските амбасадори порача дека Европската унија треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето, и дека треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации и да изгради консензус со повеќе од 30 земји-членки.

Eвропа во повеќе брзини и досега беше слушната идеја околу барањето модалитети како процесот на проширување да продолжи без натамошно одлагање, и тоа уште пред да се случи промена на геополитичката реалност со руската агресија во Украина.

Словенија | Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, зборува на Бледскиот стратешки форум, 28.08.2023Фотографија: Daniel Novakovic/Slovenian Government Press Service/AP/picture alliance

Што значи најновиот повик на Макрон?

„Макроновиот најнов повик Еврoпа да разгледа форми на интеграција различни од членство како ‘Европа во повеќе брзини’ не е ништо ново ниту од Макрон ниту во Унијата“, вели Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ.

„Макрон истата идеја ја промовираше уште во 2018 година, и тоа во контекст на неговиот концепт на стратешка автономија на Унијата. И во оваа прилика контекстот е сличен – Макрон во истиот говор опоменува поради намалувањето на влијанието на Европа во светот. Логиката е дека ако ЕУ сака да биде повлијателна во светот, мора да биде поефикасна, а тоа не е случај ни сега, а се оценува дека уште помалку би било случај со нови членки“, посочува Ристевска.

Таа потсетува дека идеите за различни форми на интеграција станувале актуелни при секоја нова реформа на Унијата – „варијабилна геометрија“, „концентрични кругови“, „Европа на клубови“ или „Европа со повеќе брзини“ се веќе промовирани модели за диференцирана интеграција во Европската унија, а веќе подолго време се води дискусија и за моделот за „фазна интеграција“.

Франција | Емануел Макрон
Макрон: Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзиниФотографија: Ludovic Marin/AFP/AP/picture alliance

„Дека нема да има проширување без реформа на ЕУ веќе потврдија сите релевантни претставници на ЕУ. И тоа го повторуваат конзистентно подолго време. Од друга страна, реформата досега требаше да започне, по завршената Конвенција за иднината на Европа минатата година, но тоа не се случува. Јасно е дека европското предизборие не е најсоодветното време за дискусија за реформите. Макрон сепак најавува повеќе детали за идејата за ‘Европа во повеќе брзини’ пред изборите во ЕУ идниот јуни, што значи дека е можно ова прашање да биде дел од темите на кампањата. При ваков изборен контекст и ваква дискусија во ЕУ, аргументот на македонската влада – брза промена на Уставот на ЕУ за брзо членство во ЕУ – е во најмала рака, несоодветен и неумесен“, вели Ристевска.

Покомплексен процес

Францускиот претседател вчера не објасни како ќе функционира Европа со повеќе брзини, но рече дека е неопходна ревизија на процедурите на ЕУ за блокот да ја продлабочи и задржи „својата привлечност“.

„Ризично е да мислиме, дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа ѝ е доволно тешко, да напредува на чувствителни теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки нема да биде полесно. Ќе ни треба смелост да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини“, рече Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори.

Овој став на францускиот претседател демотивирички одекна во регионот на Западен Балкан, каде неговата изјава беше доживеана како нов сигнал дека проширувањето прво ќе чека на внатрешното реформирање на Унијата, и тоа на неодредено време, и покрај охрабрувачките изјави на Бледскиот стратешки форум.

„Погрешна е проценката дека Макрон е против проширувањето на ЕУ со државите на Западен Балкан“, оценува поранешниот амбасадор Нано Ружин.

„Доволно е да го ислушате двочасовниот говор, во кој искажа загриженост, но и оптимизам за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина, но исто така и комплименти упатени кон ЕУ, Западните и останатите сојузници, мислејќи на Западен Балкан во однос на војната во Украина. Впрочем, и како што заклучи на крајот – ‘зборував премногу и предолого, опфатив повеќе теми и тоа само површно, но во следниот период ќе има можности да размениме мислење за сето тоа што не беше продлабочено на оваа средба’“, посочува Ружин.

Нано Ружин
Нано Ружин: Францускиот претседател настојува да ја хиерархизира одлучувачката процедура во ЕУФотографија: DW/F. Musliu

Според него, францускиот претседател во суштина настојува да ја хиерархизира одлучувачката процедура во ЕУ:

„Една стара француска синтагма за дипломатијата подучува дека ‘таа е уметност преку која најгрдите нешта треба да се кажат на најелегантен начин’. Во двочасовното империјално обраќање до амбасадорите на Франција, Макрон искажа многу ‘елегантни проценки’, но и отворени предупредувања за ‘антиоксидентализацијата’ и ‘ризикот со кој се соочуваат Европа и Западот’. Барајќи терепeвтски методи за опасностите со кои се соочуваат членките на ЕУ, како со надворешните предизвици, така и во внатрешните односи, ја повтори тезата од 2018 година, но овојпат наместо слоганот ‘прво реформи на ЕУ, а потоа проширување’, се заложи за ‘повеќе интеграција’! Патем го употреби не баш елегантниот израз ‘дрскост’ и ‘луцидност’ како методи за да се прифати ‘повеќе интеграција во најзначајните политички домени’. Верен на неговиот скептицизам кон функционирањето на ЕУ од 27 и 32 до 35 членки, истакна дека процесот на договарање и менаџирање ќе биде уште покомплексен. Во тој контекст, а можеби и во контекстот на постојните 27 членки, Макрон повторно ја лансираше тезата за ‘Европа во повеќе брзини’. Во суштина францускиот претседател настојува да ја хиерархизира одлучувачката процедура во ЕУ, но тоа е комплексен и речиси невозможен иверзибилен процес, бидејки бара промени на Основачкиот Договор од Рим“, смета Ружин.

Македонија како пример

Освен што тоа е комплексен процес, а не е ни започнат, следната година е изборна година за Европската унија, така што до почетокот на 2025 година практично ќе се работи само на формирањето на новите институции. На овој аспект предупреди хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на вчерашниот (28.08) Бледски стратешки форум, сугерирајќи дека од овие причини Европскиот совет во декември треба да донесе конкретни одлуки поединечно за секоја земја, врз основа на препораките на Европската комисија.

Вчера Пленковиќ на форумот порача и дека билатералните проблеми кои не се поврзани со правната легислатива на ЕУ не смеат да бидат поврзани со процесот на проширување, а како пример за земја која трпи последици ја посочи РСМ.

„Сите билатерални прашања што не се формално, стриктно правно поврзани со легислативата на ЕУ, треба да бидат елиминирани од пристапниот процес. Тоа е единствениот пат напред и јас зборувам од искуство. Примерот со Северна Македонија е индикативен. Чекаа 15 години да се реши грчкото прашање, штом беше решено, сега имаме ново прашање. Тоа не е фер, тоа е штетно за имиџот на ЕУ, јас го велам тоа јавно и ќе продолжам да го кажувам“, рече Пленковиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Блед порача дека билатералните проблеми кои не се поврзани со правната легислатива на ЕУ не смеат да бидат поврзани со процесот на проширувањеФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Притоа истакна дека не се согласува со пристапот кон ЕУ „во група“, пристап кој Хрватска успеала да го спречи при нејзиното придружување во Унијата.

„Да беше тој пристап на сила, ние немаше да бидеме членка десет години“, посочи Пленковиќ, потенцирајќи дека треба да се задржи концептот заснован на индивидуални достигнувања.

Извор: ДВ

Related posts

РУСИЈА НЕ Е ЦЕЛОСНО ИЗОЛИРАНА НА САМИТОТ НА Г20

ninja

Данас: Можно ли е “Српската листа” да биде прогласена за терористичка организација?

admin

Харадинај до косовската опозиција: Зошто се плашите да ме подржите да го рушиме Курти

admin

КОВАЧЕВСКИ: ДИЈАЛОГОТ ЗНАЧИ И ОТСТАПКИ

ninja

Реџепи: Немаме “План Б”, уставните измени мора да поминат

admin

Макрон не исклучува испраќање западни војници во Украина

admin