28.8 C
Скопје
15 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

DW: Паралелна држава – приватни средби за државни проекти

Шест дена по приватната посета на премиерот на Косово, Албин Курти на Тетово, каде тој и градоначалникот Билал Касами разговараа за патот Тетово-Призрен, вчера истата тема била на маса и во седиштето на ДУИ во Мала Речица. Косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Либурн Алиу, на барање на премиерот Албин Курти остварил средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Алиу во Мала Речица не пристигнал сам, туку со членови на неговиот кабинет и со заменик-министерот Хисен Дурмиши, и на Фејсбук објави фотографија од средбата со Ахмети, пишува Дојче веле на македонски, пренесува Инбокс7.

Зошто за овој инфраструктурен проект не се разговара во ресорното министерство за транспорт и врски, туку во партиското седиште на ДУИ? Во 2021 година премиерите Зоран Заев и Албин Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“ за изградба на оваа делница, и оттука очекувано е разговорите за сите прашања за неа да продолжат меѓу претставници на двете влади. Но, косовскиот премиер минатата недела не дојде во официјална посета на Владата за разговор на таа тема, туку во приватна посета на Тетово и на разговор со тамошниот градоначалник. Откако таа посета од домаќините во Тетово и Чаир беше протолкувана како поддршка од Курти за здружената опозиција, вчера како да беше направен одреден баланс: Курти го испратил косовскиот министер за инфраструктура на средба со лидерот на владејачката ДУИ, во партиското седиште во Мала Речица!

На таа линија е и забелешката на градоначалникот на Тетово, Билал Касами.

„Ако посетата на премиерот на Косово беше погрешна во Тетово, тогаш не знам зошто требаше Али Ахмети да го повика министерот за транспорт на Косово за да разговараат за реализација на истиот проект“, реторички праша Касами.

Но, првиот вицепремиер Артан Груби, кој исто така се сретнал со косовскиот министер, изјави дека некои други се обиделе да ја злоупотребат посетата на Курти.

„Патот Тетово – Призрен не може да го прави Општина Тетово, туку нашата влада со владата на Косово. Секако дека треба да ги почитуваме институциите во нашата земја, треба да ги почитуваме знамето и химната и сите законски обврски што ги имаме во било која од организациите“, рече Груби.

Ако треба да се почитуваат државните институции – зошто косовскиот министер бил во партиско седиште, а не во кабинетот на  министер за транспорт на РСМ, Благој Бочварски? Ни одговорот од Бочварски не ги расчистува докрај нејаснотиите за ова прашање.

„Според информациите што ги добив, денешната посета на министерот Либурн Алиу била, пред сѐ, приватна. Но, со министерот Алиу имаме постојана комуникација и имаме остварено повеќе средби во изминатиот период на кои сме ги отвориле сите прашања што се од заеднички интерес за двете земји“, објаснува Бочварски за ДВ.

Не е првпат во земјата грубо да се мешаат лончињата по прашањето на принципите на поделба помеѓу партиите и државата. Во неколку наврати ДУИ за партиски цели ги користеше просториите на Министерството за политички систем, со кое раководи Груби. Во јули годинава, наместо во партиското седиште, лидерот на ДУИ одржа средба со т.н. „Вајмарска тројка“ во просториите на Министерството за политички систем. Ова газење на границата меѓу партијата и државата не беше единствен пример. Министерските простории беа користени и за потривијални работи – за „антистрес дружба“ во која министрите на ДУИ во службените простории си играа фудбал на мали голчиња, а таму беше прославен и роденденот на Ахмети во 2021 година.

Сега е обратно: кога активностите треба да се одвиваат во Владата, односно во Министерството за транспорт и врски, тие се преселија во партиско седиште, небаре станува збор за приватен, а не за меѓудржавен инфраструктурен проект.

Минатонеделните домаќини на Курти, градоначалниците на Тетово и Чаир – Билал Касами и Висар Ганиу, завчера добија прекршочни пријави од МВР затоа што за време на пречекот на Курти не постапиле согласно со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ.

Related posts

Пет милиони евра за нови лични карти, а старите уште важат

admin

Реџепи: Немаме “План Б”, уставните измени мора да поминат

admin

Пет начини како вештачката интелигенција може да го уништи светот

admin

Работа или смрт – Заштедата на компаниите преку здравјето на работникот е на штета на газдите

admin

Субвенционирање на платите не е за цел приватен сектор туку само за три гранки

admin

Украинската амбасада повика, но македонското МНР потсетува: Учеството во странска војска е кривично дело

ninja