Два дена пред стартот на учебната година е објавен повик за авторски тимови за изработка на ракописи за учебници по неколку наставни предмети.
Новата учебна година почнува со старите болки – за кого ќе има учебници, за кого ќе нема и ќе мора да се учи со помошни материјали, чија е одговорноста за доцнењето на учебниците и за несоодветната политика во вреднувањето на трудот и платите на наставниците…
Министерот за образовани Јетон Шаќири уверува дека сите учебници за основното образование кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници се испечатени и испорачани до училиштата. Оние кои се во постапка – учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.
Каскање две години
Но, веб-страницата на МОН покажува дека некои учебници тешко ќе може да стигнат во текот на септември. На пример, само два дена пред стартот на учебната година (на 30.8.) е објавен Повик за искажување на јавен интерес за формирање авторски тимови за изработка на ракописи за учебници по наставните предмети Македонски јазик за учениците од другите заедници за четврто, петто и шесто одделение, Историја и општество за шесто одделение и Српски јазик за шесто одделение. Ако се има предвид колкаво е времетраењето на процедурите – од искажан интерес на авторски тим сѐ до испечатен и дистрибуиран учебник – прашање е дали овие учебници ќе го „фатат“ и следниот септември. Огласите на веб-страницата на МОН објавувани во втората половина на август, покажуваат дека пред старот на учебната година се барале рецензенти на ракописи за учебници по предметите Историја и општество за петто одделение и Македонски јазик и литература за трета година во средно стручно образование.
Денеска се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја критикува власта дека две години не може да отпечати учебници.
„Да беа европска, како што не се, денес, на први септември, министерот за образование и наука ќе депонираше оставка и истата веднаш ќе беше прифатена. Но, ниту министерот има грам интегритет, ниту премиерот Ковачевски има храброст да побара одговорност“, се вели во партиското соопштение.
Од опозицијата велат дека тоа што нема учебници е само дел од проблемите во образованието, бидејќи ни наставниците не се задоволни.
„Политиките на оваа влада создадоа таква каша-попара, во која наставници по билогија ќе предаваат наставни единици поврзани со хемија, а од друга страна во ист предмет ќе предаваат тројца наставници, по историја, географија и граѓанско општество и за тоа треба соодветно да оценат. Хаосот кој оваа власт на СДС и ДУИ го донесе во образованието носи несогледливи последици на долг рок. Оваа власт го уништи образованието, а нација со уништено образование е нација со уништена иднина“, критикува опозицијата.
Успешна или пропадната реформа
Годинава најголемите промени ќе се случат во трето и во шесто одделение, каде за првпат се воведува новата концепција, која лани се спроведе во второ и во петто, а претходната година во прво и четврто одделение. Од МОН во изминатите денови уверуваа дека прават анализа на успешноста на промените во секоја фаза.
„Секако дека постои простор за надградување на целиот процес, а политичките и сите други субјекти имаат можност да дадат своја конструктивна сугестија, иако многумина од актуелните дежурни критичари на сè што се прави сега во образованието, имаа можност во изминатиот период да го подобрат образованието. Квалитетно образование не се достигнува преку ноќ, тоа е процес во кој со свој придонес се вградуваат сите добронамерни чинители“, порачаа од ресорот.
Од МОН се децидни дека интегрирањето на предмети не предвидува укинување на содржини.
„Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба“, посочуваат од МОН.
Притоа истакнуваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа и без часови, заради воведување на новите интегрирани наставни програми.
„Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти и развивање на критичко мислење“, уверуваат од МОН. Најавуваат дека ќе продолжат да ја имплементират Концепцијата за основно образование и покрај обидите на одредени политички чинители да го поткопаат тој процес на реформирање.
Кирил Барбарев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, смета дека новата концепција за основното образование на која работел заедно со уште 11 колеги, се загубила некаде меѓу политичките калкулации, лошите потези на МОН и општата незаинтересираност за реформа во еден од најважните сектори во земјата.
„Таа на некој начин е веќе и пропадната. Според мене, вака како што оди, ова е далеку од реформа. Тоа не е ниту 5 проценти од она за кое јас сум верувал дека треба да биде“, изјави Барбарев за БИРН.
Вината за нејзиното пропаѓање ја гледа таму каде што почнуваат промените – во политичарите и во неподготвеноста на МОН да објасни зошто реформата е толку важна.
Премиерот на час во Куманово
Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по повод почетокот на учебната година денеска ќе го посетат Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ”, во Долно Коњарe, Општина Куманово. Таму ќе ги дочека целосно реновиран и реконструиран училишен објект со современо опремени работилници и лаборатории, за образование на кадри во неколку струки – здравствена, земјоделско-ветеринарна, хемиско-технолошка, машинска, сообраќајна и лични услуги.
Министерот за образование вчера изјави дека за средното образование се одобрени нови 150 учебници, најголем дел за средно стручно образование, кои етапно се печатат и доставуваат до учениците. Засега е неизвесно дали и кога до учениците ќе стигнат дел од учебниците, со оглед дека нивните автори беа известени оти на 17-ти август ќе се изврши отворање на дел од шифрите по Конкурсите за издавање на 23 учебници за втора, трета и четврта година, во повеќе струки: машинска, здравствена, економско-правна и трговска, угостителско -туристичка, хемиско-технолошка, шумарско-дрвопреработувачка, земјоделско ветеринарна и градежно-геодетска.
Извор: ДВ