14.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ако ми го чепкате Вулин, отидовме во БРИКС!

Движењето на социјалисти покрена собраниска иницијатива за приклучување на Србија кон БРИКС. Колку таа иницијатива е искрена желба на Александар Вучиќ или е само обид на некој начин да се „заплаши“ Европската унија?

 

Партијата чиј основач е Александар Вулин, кој неодамна е ставен на листата на санкции на американското Министерство за финансии, во образложението на својата иницијатива наведува дека приклучувањето кон БРИКС би требало да биде една од најважните стратешки и национални цели. Партиските колеги на актуелниот шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА) додаваат дека основен мотив на иницијативата е што сметаат дека Европската унија не е единствена алтернатива за Србија.

Српскиот брод во повеќе правци

„Делумно ова е упатено кон домашната јавност, зашто се става акцент на тој антизападен сентимент,  но и порака до ЕУ  да не ја притиска Србија,  зашто таа својот брод би можела да го сврти во некој друг правец“, оценува за ДВ Милан Ќулибрк, главен уредник на неделникот НИН.

„Веќе сме навикнати Србија едно да зборува, друго да прави, а трето да мисли. Сепак, не мислам дека таа иницијатива е искрена, ниту е реална, зашто две третини од српските стоки завршуваат на западниот пазар.Сите земји од БРИКС, ако ја исклучиме Кина која производите од Бор и Смедерево ги испраќа во Кина, во сето тоа се на ниво на статистичка грешка“, наведува Ќулибрк.

Закана кон Европската унија?

„Можно е на овој начин да се прави обид за зголемување на преговарачкиот капацитет во однос на ЕУ“,  вели за ДВ професорот на Факултетот за политички науки Зоран Стојиљковиќ и додава дека „сепак е рационално да се обрати внимание на некоја нова групација чиј удел во светската економија не е занемарлив“.

„Никој не е незаинтересиран за некоја соработка, но сето тоа што би ги надминувало тие граници, во време на крајна поларизација би било само отежнување на и така тешкиот пат на Србија во европските интеграции и со тоа и контрапродуктивно“, смета Стојиљковиќ.

Вулин го зборува она што Вучиќ го мисли

Стана веќе политички факт дека сѐ она што јавно го говори Александар Вулин е она што всушност го мисли Александар Вучиќ.  Српските медиуми веќе одамна коментираат дека медиумските настапи на шефот на БИА всушност се пробни балони за домашната и странска јавност или поточно – сето она што Вучиќ го мисли, но не смее да го каже. По  американските санкции против Вулин,  може ли затоа и оваа брзопотезна иницијатива да се толкува како револт на Вучиќ: ако ми го чепкате Вулин, заминавме во БРИКС?

Александар Вулин, Србија
Александар Вулин, шеф на Безбедносно-информативната агенција на СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture-alliance

„Пресмешно е, зашто иницијативата доаѓа од една безначајна политичка партија. Вулин својата сила ја црпи од тоа што е личен пријател и еден од најблиските  соработници на претседателот Вучиќ.  Една работа е да се искористи секоја економска можност за соработка, но самата структура на БРИКС е нешто флуидно, и тука ништо практично не би ѝ донесло на Србија, дури и кога би станала полноправна членка“, вели Милан Ќулибрк.

Секако дека статусот на Вулин ја нема таа тежина, но и овде се покажува тој популистички дискурс кој пред сѐ е наменет кон домашната публика, нагласува Зоран Стојиљковиќ.

„Мислам дека ова е пред сѐ наменето за домашната јавност пред избори, отколку што е некоја реална рамка која би значела промена на надворешната политика. Србија е, така да кажам, ‘осудена’ на Запад и тоа вакви видови игри не можат да го променат“, предупредува Стојиљковиќ.

БРИКС е сега веќе по којзнае кој по ред „столб на српската надворешна политика“. Затоа не е чудно што апологетите на власта и овој потег го прогласија за генијалност на Александар Вучиќ. Кој, како што велат, земјата ја држи на европски пат, но неформално е веќе во БРИКС поради руските, кинески и арапски инвестиции. Од друга страна, се наведува дека стоковната размена само со Германија е поголема од обемот на соработка со сите земји од БРИКС заедно.

БРИКС
Групата БРИКС во август одржа самит во Јоханесбург, Јужна АфрикаФотографија: Sergei Bobylev/TASS/dpa/picture alliance

Пријатели, браќа и партнери

Инцијативата е легитимна, но е бесмислена, продолжува Милан Ќулибрк. „Притоа податоците за БРИКС се користат селективно, а всушност прашање е што добиваме ние во такво друштво. Што имаме ние од економската соработка со Кина? Со тоа што им извезуваме бакар и челик, кои ги прават кинески компании кои го префрлаат профитот во Кина, а нам ни го оставаат загадувањето? Што имаме од соработката со Русија? Имаме нафта и гас, преку кои можат да нѐ условуваат затоа што немаме ниеден алтернативен извор за снабдување со тие енергенси. Со такви пријатели секогаш сме во лоша положба“, смета Ќулибрк.

Суфицити имаме со опкружувањето, и урамнотежени биланси со одделни земји од ЕУ, заклучува Ќулибрк и сликовито забележува дека „што повеќе соработуваме со земји од БРИКС, тоа повеќе сме во минус. Тоа се клучни бројки, а сѐ друго се приказни како со некои сме браќа, со некои сме пријатели, а со некои – партнери.”

Професор Стојиљковиќ не мисли дека БРИКС е било каква алтернатива за Европската унија и додава дека „геостратешката положба на Србија, трговската соработка, свртеноста кон економска миграција кон Запад, сведочат за предноста на европскиот пат. Тоа секако не значи дека не би требало да се следат промените кои се случуваат, и дека Србија би требало да има пристап кон пазарот и земјите од БРИКС“, заклучува Стојиљковиќ.

 

Извор: ДВ

Related posts

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени

admin

Ќучук: Без уставни измени, Северна Македонија ризикува да биде одвоена од Албанија

admin

Спасовски: Денес се навршуваат 8 години од „Диво Насеље” – никогаш да не се повтори!

admin

СРБИЈА И КОСОВО ПОСТИГНАА ДОГОВОР ЗА РЕГИСТАРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ

ninja

Груби: Во ВМРО-ДПМНЕ има про-европски и анти-Мицковски политичари, блиску сме до 80 пратеници за уставни измени

admin

КАКВА ЌЕ БИДЕ 2024 ГОДИНА?

admin