Израел рано во понеделникот ја бомбардира Газа со воздушни напади, а неговите авиони го нападнаа јужниот дел на Либан во текот на ноќта, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок на неговите највисоки генерали и неговиот воен кабинет за да го процени ескалацијата на конфликтот, јави Ројтерс.
Нападите на Израел се концентрирани на центарот и северот на Појасот Газа, објавија палестинските медиуми. Во напад на куќа во близина на бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Газа, загинаа неколку Палестинци, а други беа ранети, јавуваат медиумите.
На Западниот Брег, окупиран од Израел, двајца Палестинци беа убиени во бегалскиот камп Јалазоне во близина на Рамала, соопшти во понеделникот палестинското Министерство за здравство.
Жителите изјавија за Ројтерс дека израелските сили извршиле рација во кампот и извршиле широко распространети апсења, додека се судриле со вооружени лица и некои млади кои фрлале камења. Израелската армија не излезе со соопштение за инцидентот.
Здравствените власти во Газа соопштија дека најмалку 4.600 луѓе биле убиени во двонеделното бомбардирање на Израел што започна по дивеењето на Хамас на 7 октомври врз јужните израелски заедници во кое загинаа 1.400 луѓе, а 212 беа земени во Газа како заложници.