Според Битиќи, Груевски може да се врати во земјата само со прифаќање на делата што ги направил и да биде казнет за тоа.
Изборите ќе се одржат во редовниот термин, а лидерска средба е можна ако на неа се разговара за уставни измени. Ова се старо-новите пораки на власта до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по барањето на партискиот претседател да се одржи лидерска средба на која ќе се разговара за изборниот процес, датумите на одржување на претседателските и парламентарните избори, промените во Изборниот законик…
„Изборите нe нудат решение, затоа изборите ќе се одржат во редовниот термин – напролет следната година, а дополнително, доколку на ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи ДУИ во управувањето со државата, автоматски сме покажале силна волја и стоиме на таа одлука – се повлекуваме од извршната власт, во моментот кога тие ќе гласаат за уставните измени“, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети, одговарајќи на новинарски прашања по вчерашното промовирање на проект за подобрување на водоснабдувањето во населените места во општина Сарај.
Во иста насока порака испрати и потпретседателот на СДСМ и вицепремиер Фатмир Битиќи. Лидерска средба може да има, рече тој, но само за една тема – уставни измени, како стратешко и геополитичко движење за иднината на државата.
„Дури би предложил уште една тема за разговор на лидерската средба, кое од поглавјата прво ќе го отвориме заедно за да се придвижи државата напред“, рече Битиќи.
Вицепремиерот е сигурен дека ќе се усвојат уставните измени и дека има пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат за иднината на државата.
„Убеден сум дека во Собранието има 8 мажи и жени кои ќе направат 2/3“, изјави Битиќи на ТВ 21.
Таква увереност тој изрази и пред неколку месеци, но неговиот оптимизам не се потврди.
Во рацете на Врховниот суд
Што би можело да се промени, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени? Шпекулациите се однесуваат на можноста за разбивање на тој став со странично влијание врз опозициската партија, а како извршител на тоа се посочува поранешниот претседател на партијата Никола Груевски. Иако тој во повеќе наврати демантираше негово учество во такви активности, од ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнеж дека спорната измена на некои одредби во Кривичниот законик коинцидираат со исти такви предлози испратени од Груевски на три политички адреси во земјата. Вториот сомнеж во јавноста дојде по шпекулациите дека е доставено одредено барање до Врховниот суд, кое во случај на позитивна одлука води кон таков епилог – Груевски наскоро да се врати во Македонија.
„Поради интерес на јавноста и медиумите, Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека во Врховниот суд на Република Северна Македонија, доставена е Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Иницијативата е поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје“, соопшти завчера (9.10) Врховниот суд.
Иницијативата била поднесена на крајот од јуни, а фактот што јавноста сега дозна за неа, предизвика и дополнителни шпекулации. Дури и се лицитира со „сигурен термин“ кога Груевски би се вратил во земјата, со цел да „помогне“ за уставните измени, преку разбивање на сегашниот партиски став, односно со иницирање внатрешна поделба во ВМРО-ДПМНЕ.
Но сето тоа би било можно само по евентуален позитивен став на Врховниот суд за поднесената Иницијатива од адвокатот, бидејќи би значел потврда на помилувањата од Иванов, односно спас од кривичен прогон на сите помилувани функционери, меѓу кои е и Груевски.
На бел коњ?
Дали нештатата политички се туркаат во таа насока, под етикетата „помирување“? Запрашан за ова, според Битиќи, Груевски може да се врати само со прифаќање на делата што ги направил – помирувањето може до некаде да ја ублажи казната, но не значи амнестија.
Извори во СДСМ веруваат дека тоа нема да се случи, а го посочуваат и ставот на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кога реагираше по одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине пресудата за предметот „Таргет-тврдина“ за масовното нелегално прислушување во земјата.
„Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, напиша тогаш Заев на Фејсбук.
Во опозициската партија се убедени и во нивното единство, и во тоа дека Македонија ќе има влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме пред две историски победи, и на претседателските и на парламентарни избори, кога и да се случат – дали оваа или следната година. Никој не победил народ. Секој што се обидува да манипулира дека не зависи од вас, не ја говори вистината, манипулира. Сѐ зависи од вас. Од нив зависеа претходните шест години, а од вас ќе зависат следните четири, тие четири потоа, па тие четири потоа“, порача вчера Мицкоски од Босилово и повика на мобилизација.
Toj рече дека во изминатите 15 месеци ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во парламентот воделе битка за одбрана на македонскиот идентитет и за одбрана на она што од Владата го распрoдаваат.