Тероризмот на радикалните Палестинци може да ги предизвика искрите на регионален, па и на глобален конфликт. Но, тероризмот е само метод. Од него секој се брани, но вистинската борба против тероризмот е да се елиминираат причините: во случајов, неправдата врз Палестинците.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
„Трагедијата на Палестинците не е само локална; таа е трагедија за светот, бидејќи е неправда, која е закана за светскиот мир“ – Арнолд Тојнби.
Ја имав привилегијата, како дете на амбасадор на Југославија, веќе до својата осумнаесетта година да живеам меѓу народи на три континенти – Европа, Азија и Африка.
Во тие години не бев свесен колку овој факт влијаел врз формирањето на мојата политичка свест.
Во 1958 година го напуштивме станот на Орце Николов бр. 86 и заминавме во Бејрут, Либан, првата дипломатска мисија на мојот татко, тогашен министер за култура на Македонија.
Либан, по интервенцијата на американската седма флота, тукушто беше излезен од граѓанска војна, а вреќите со песок околу поштата и државните институции и вооружените војници околу нив беа доказ за кревкиот мир.
Тука, во арапскиот свет, во таа 1958, на единаесетгодишна возраст ги учев првите лекции на вистинската политика, таа што ја немаше стабилноста и предвидливоста на еднопартиската диктатура во Југославија:
крвожедни партии во судир на живот и смрт и судбината на пратеник на либанскиот парламент запрен на минување низ некое „опозициско“ село, насилно извлечен од автомобилот и претепан до смрт со стапови;
државен удар во соседна блискоисточна земја;
брутални приказни за убиството на првиот претседател на Ирак, Касем, и како неговото мртво тело било влечено по улиците на Багдад;
создавањето и уривањето на митот на идолот на арапскиот свет Гамал Абдел Насер, гледано со очите на дете, кое тешко разбираше како, по прогласувањето на Обединетата арапска република меѓу Сирија и Египет, масите во Дамаск скокаа и радосно викаа со висококренати портрети на нивниот херој, за по нејзиното распаѓање да ги трескаат портретите на Насер од земја и да скокаат врз нив со писоци на гнев;
експлозија и смрт на десетици луѓе во трамвај, кој, понекогаш, со соучениците го користевме за да стасаме на Плас Детоал во некое од бројните бејрутски кина;
френетичниот аплауз на Арапите во киносалата секогаш кога на екранот ќе се појавеше Хитлер;
шаторските населби на Палестинците на рабовите од големиот град, протерани од својата земја во годините кога се создавала израелската држава, нивната беда и политичките манипулации во арапскиот свет со трагедијата на овој народ…