24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ЕУ очекува спроведување на договорите со Грција и Бугарија

Во Декларацијата не се спомнува Северна Македонија, но наведено е значењето од спроведување на билатералните договори, вклучително Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“. Ова е една од клучните пораки во Декларацијата што вчера (13.12) ја усвоија лидерите на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Потсетувајќи на Агендата од Солун и декларациите од Софија, Загреб, Брдо и Тирана, ЕУ во Декларацијата уште еднаш ја потврдува нејзината целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан во Унијата и повикува на забрзување на пристапниот процес, врз основа на кредибилни реформи од страна на партнерите и врз принципот на сопствени заслуги.

Иако во декларацијата не се спомнува Северна Македонија, очекувањата се јасно изразени во точката 6, каде „ЕУ ја истакнува потребата партнерите од Западен Балкан да се определат за инклузивна регионална соработка и јакнење на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ“.

„Спроведувањето на билатералните договори со добра волја и конкретни резултати останува значајно, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Сѐ уште се неопходни одлучни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и пронаоѓање и спроведување на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи (…) ЕУ исто така ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците и еднаквиот третман на припадниците на малцинства“, се вели во овој дел од Декларацијата.

Можеше да биде победнички ден…

Самитот ЕУ-Западен Балкан се одржа еден пред самитот на врвот на ЕУ, на кој денес и утре европските лидери ќе разговараат и за политиката на проширување. Но, РСМ го дочекува тој самит без завршни обврски од Преговарачката рамка. Еден ден пред самитот ЕУ-Западен Балан се одржа состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, во чии заклучоци се поздравува успешното завршување на скрининг-состаноците, но се посочува и дека следната меѓувладина конференција ќе биде свикана штом Северна Македонија ќе ги спроведе уставните измени.

Премиерот Димитар Ковачевски во неговото вчерашно излагање на самитот ЕУ-Западен Балкан истакнал дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ-агенда, соопшти владината прес-служба.

„Овој ден за Северна Македонија можеше да биде победнички ден, во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакви анти-ЕУ и анти-Нато позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство“, рекол Ковачевски.

Тој во своето излагање ја нагласил поддршката на ЕУ како клучна во справување со енергетската криза минатата година, што за Северна Македонија било можност за градење побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина. „Тоа е однос со партнер кој ние го вреднуваме и во кој веруваме, споделуваме вредности и сакаме да сме дел од заедничката иднина“, рекол македонскиот премиер за партнерството со ЕУ.

Проширување засновано на заслуги

Аспектот на партнерство меѓу ЕУ и земјите од регионот, и нужноста неговите димензии да станат повидливи, е нотиран и во зедничката Декаларација.

„За регионот ЕУ останува најблискиот партнер, основен инвеститор и трговски партнер и главен донатор. За граѓаните да ги оценат конкретните придобивки од партнерството со ЕУ, исклучителните димензии и опфат на оваа поддршка треба да постанат повидливи и да се одразат проактивно од партнерите во нивната јавна дебата и комуникација. Партнерите треба исто така јасно да комуницираат за својата сопствена посветеност на вредностите на ЕУ и неопходните реформи“, се вели во точката 5 од Декларацијата.

Во контекст на агресивната војна на Русија против Украина и други безбедносни предизвици, ЕУ изразува пофалби кон партнерите од ЗБ кои ја покажуваат нивната стратегиска посветеност преку целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и ги поттикнува оние што сѐ уште тоа не го сториле, да го направат истото.

„Ја нагласуваме важноста од подобро спроведување на рестриктивните мерки и спречувањето на нивното заобиколување“, се вели во документот.

Укажувајќи на ревидираната методологија за процесот на проширување, ЕУ потсетува на поканата од Европскиот совет за понатамошен напредок во постепената интеграција на регионот уште за време на самиот процес на проширување, на реверзибилен и начин заснован на заслуги. Унијата го поканува регионот, со помош од Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Инвестицискиот форум на шесте стопански комори од Западен Балкан, да подготви амбициозен план кој ќе го наследи сегашниот Акциски план за заеднички регионален пазар, пред неговиот истек во 2024 година.

Јакнење на сајбер безбедноста

Покрај поддршката во сферата на транспортот и поврзаноста, Зелената агенда, климатските обврски, интеграцијата во дигиталниот единствен пазар на ЕУ и во индустриските синџири на снабдување, ЕУ го поддржува Западниот Балкан и во борбата со странската манипулација со информации и мешање, дезинформации и други хибридни закани, но и во зајакнувањето на сајбер безбедноста. Во контекст на последното, вчера беше презентиран и конкретен чекор. Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) соопшти дека ЕУ ќе ја зголеми поддршката за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора во борбата против заканите во сајбер просторот, со нов пакет на поддршка од 1,8 милиони евра.

„Со овој ‘брз одговор’ за спротивставување на заканите за сајбер безбедноста, ќе им помогнеме на нашите партнери од Западен Балкан да го зголемат нивниот оперативен капацитет за откривање, спречување и одбивање напади врз нивните дигитални инфраструктури и системи“, изјави високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Со новиот пакет се надополнува претходната поддршка за Северна Македонија, Албанија и Црна Гора во износ од 2,6 милиони евра, дадена по наглото зголемување на ризикот од сајбер закани против земјите кои се претходно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со санкциите на ЕУ по руската војна во Украина.

Според Европската служба за надворешни работи, бидејќи „хактивизмот“ продолжува да претставува закана од малициозни сајбер активности против дигиталната инфраструктура, вклучително и за владини институции, овој пакет има за цел поконкретно да ги зајакне партнерските влади да управуваат со непосредните ризици од сајбер инциденти. Овој брз одговор доаѓа и како додаток на тековната регионална програма за сајбер безбедност од 5 милиони евра, што Европската комисија им ја обезбеди на сите шест партнери од Западен Балкан за подобрување на превенцијата во таа сфера.

Извор: Дојче веле

Related posts

Мицкоски за ФАЦ: Груевски и Владата имаат „валкан дил“

admin

Меџити: Или ја продолжуваме битката, или одиме дома и се предаваме

admin

ЗАГИНАТИ И ПОВРЕДЕНИ ВО ПУКОТНИЦА ВО ПАРИЗ

ninja

Руски новинар осуден поради интервју за Радио Слободна Европа

admin

Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?

admin

Проект „филмски студија и технолошки парк“: Заев дал поддршка уште во 2019та, Амбасадата на САД ја следи можната инвестиција

admin