22.8 C
Скопје
13 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Граѓаните не веруваат дека нивната приватност е заштитена: Македонија потклекна со безбедносните реформи

Реформи на хартија, недоверба во пракса. И по неколку години од скандалот со прислушкувањето, недовербата на граѓаните во институциите кои треба да ја гарантираат заштитата на нивната приватност, не е „заздравена“. Надзорот врз телата од безбедносниот сектор е сѐ уште скромен – покажува искуството на Народниот правобранител, а слабите надзорни механизми не останаа незабележани и од Европската комисија.

Пишува: Вања Мицевска

Новите законски решенија со кои на хартија се реформираше македонскиот безбедносен сектор не ја зголемија довербата на граѓаните во институциите, кога станува збор за заштитата на нивните приватни комуникации. По големиот скандал со прислушкувањето, довербата на јавноста и понатаму е разнишана, а слабиот надзор над службите за разузнавање спречија реформите да го постигнат планираниот ефект. Ова се дел од заклучоците на конференцијата за надзорната улога која ја има народниот правобранител над безбедносниот сектор.

Во меѓувреме слични вакви забелешки стигнаа и од Европската комисија нотирани во нејзиниот најнов извештај за земјава.

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

Препораките од Прибе неисполнети до крај, државата не ја заокружи реформата на безбедносниот сектор

Претседателот, Стево Пендаровски вели напредок има, но сепак реформата на безбедносниот сектор не е заокружена, особено во делот на надзорот и контролата врз работата на службите.

Ваквата состојба всушност, говори дека Македонија сепак не ги исполнила клучните сегменти во препораките добиени од извештајот на групата на експерти предводени од Рајнхард Прибе кои укажаа дека треба да се оневозможи повторување на масовното прислушување и кршење на приватноста на граѓаните кое со години се спроведуваше од страна на дел од припадниците на службите.

„Како кандидат за членство во Европската Унија имаме одговорност работата на безбедносните служби да биде во согласност со Уставот и законите и под контрола на демократските политички институции, но и на независните институции за надзор, како и на цивилното општество, со цел безбедносните служби да ја извршуваат својата функција почитувајќи го начелото на владеење на правото и штитејќи ги правата и слободите на граѓаните. Како држава која во изминативе три децении имаше неколку исклучително негативни искуства во кои беа инволвирани безбедносните служби, а со кои масовно се кршеа човековите права и слободи, пред сè, правото на приватност, имаме огромна одговорност пред нашите граѓани да создадеме стабилни механизми за надзор и контрола за никогаш да не се повтори флагрантната злоупотреба на службите за лични и партиски интереси на што сведочевме не толку одамна“, порача шефот на државата.

Тој потсети и на законските измени кои беа изгласани во Македонското собрание, и со кои меѓудругото, беше формирана новата Оперативно-техничка агенција (ОТА).

„Во последните неколку години се случија реформи кои барем на законодавно ниво донесоа позитивни промени во организацијата и работата на службите. Преку посебен закон поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање беше трансформирана во Агенција за национална безбедност и организационо и функционално се оддели од Министерството за внатрешни работи. Следењето на комуникациите премина од поранешната УБК при МВР во Оперативно техничката агенција која е самостојна државна институција со задача да овозможи техничка поврзаност меѓу операторите и државните институции врз основа на законски пропишана постапка. Конечно, но не и најмалку важно, после повеќе од 25 години беше донесен нов Закон за Агенцијата за разузнавање кој беше основа за темелна реформа на оваа служба во насока на ефикасно остварување на нејзината улога во време на исклучително сложени регионални и глобални геополитички предизвици“, изјави Пендаровски.

Претседателот ја потенцираше улогата на народниот правобранител и рече дека оваа институција нема многу големи овластувања, но сепак е најблиску до суштината на граѓанска контрола на власта.

„Фактот дека оваа институција има овластување да бара одговори од институциите на власта по претставки на граѓаните, вклучително и да врши увид во класифицираните информации со какви, главно, работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта, не само основа за медиумски извештаи, туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест. Народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, може да иницира до обвинителството и водење на соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Овие овластувања од гледна точка на јавноста, ниту се мали, ниту можат лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив“, истакна Пендаровски на неодамнешната конференција во Скопје.

Правото на приватност е повредено, а немаме одговори за тоа што се случува – Зибери со критики до институциите

Народниот правобранител Насер Зибери пак, во својот говор настапи критички посочувајќи дека со години наназад сведочиме на афери за повреда на правото на приватност, но конкретни одговори за тоа што се случува сѐ уште немаме.

„Граѓаните мора да бидат убедени оти приватноста во нивниот дом им е загарантирана и никој не смее да ја нарушува или да го прекршува Уставот и законот. Граѓаните мора да бидат убедени дека надлежните институции ова право ќе го штитат, а секое прекршување не само што ќе биде откриено туку и соодветно санкционирано. Законот ги поставува основните принципи на ваквата соработка и функционирање, а ние сме одговорни да ги почитуваме и спроведуваме“, порача Зибери.

Одговарајќи на новинарско прашање од ММС, каде потклекнуваат институциите на ова поле и како да се зголеми довербата на граѓаните во нив, тој рече дека е потребен соодветен надзор како што тоа го пропишува законската регулатива.

„За жал, сега постои голема недоверба кај граѓаните. И не само кај граѓаните. Ако разговарате интимно и со носители на највисоки јавни функции ќе ви кажат дека не се сигурни во заштитата на нивните комуникации. Како што и јас сум еден од тие, а тоа од друга страна само зборува за досегашниот несоодветен одговор на надзорните тела кон овие служби.  Кога би бил надзорот посоодветен, поорганизиран и изведен на начин како што тоа го поставува законот, а секоја служба има свој закон, сигурно дека и довербата и кај граѓаните и кај пошироката јавност ќе биде поголема. Во тој случај,  тие институции би биле под мониторинг и при евентуални надминувања на законските овластувања ќе можат да бидат изнесени податоци  и да сносат соодветна законска одговорност. За жал, овој надзор не се одвива“, констатира Зибери.

Според него, очекувањата на граѓаните биле големи после скандалот со прислушкувањето, но впечатокот на јавноста сепак сѐ уште не е променет.

„Очекувањата беа големи после настаните пред 2017 година. Затоа се направи реорганизација на целиот безбедносен систем и на овие структури. Беа одвоени од одредени органи на управа како што е МВР, се донесоа закони, се зајакна надзорната улога, беа избрани нови носители на функциите во овие служби, но впечатокот на јавноста за жал не се промени, дека имаме резултати“, додаде Зибери.

На конференцијата на која се дискутираше за надзорната улога на омбдусманот над разузнавачките и безбедносните структури, иако поканети, претставниците на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не се појавија.

„Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) беа поканети, но не се присутни на конференцијата и за мене тоа е еден индикатор за нивниот однос кон надзорните тела“, истакна народниот правобранител.

Разузнавачките тела ретко одговараат на препораките од надзорот – Македонија со слично искуство како земјите од регионот

Искуството покажува дека односот на македонските тела од безбедносниот сектор кои ги нагледува омбдусманот, не се разликува од оној на ваквите тела во земјите од регионот. Поранешната омбдусманка на Хрватска, Лора Видовиќ вели дека овие тела ретко одговараат на препораките кои произлегуваат од надзорот и тоа не е невообичаен проблем.

„Државните тела обично не сакаат таков вид надзор и не сакаат некој да им кажува што и како да кажат. Но тука е важна улогата на медиумите, важно е и медиумите и пошироката заедница да препознаат дека омбдусманот е многу важен елемент во демократскиот поредок кој има своја улога во заштитата на граѓаните од незаконското постапување на државните тела вклучувајќи ги и оние од сигурносен состав“, истакна Видовиќ во изјава за македонските медиуми.

Нашиот омбдусман, Зибери тврди дека искуството со надзор на оваа институција врз безбедносните структури е скромно, но познавачите констатираат дека тоа е случај и во околните земји. Сепак улогата на Народниот правобранител не е незанемарлива, бидејќи токму оваа институција може да даде независни и релевантни препораки  – сметаат дел од стручњаците кои присуствуваа на конференцијата во Скопје.

„Прво би сакала да кажам дека омбдусманите во Хрватска и во Северна Македонија се многу слични институции. Највеќе работат по претставки од граѓани кога сметаат дека некои нивни права се прекршени. Ние во Хрватска не сме имале многу жалби што се однесува до сигурносниот сектор, особено кога станува збор за тајните служби или војската. Сепак, сме имале доста жалби кои се однесуваат на полициското однесување, особено на полициското однесување во контекст на миграциите. Она што мислам дека е особено важно е добрата соработка меѓу омбдусманот и парламентот, со оглед дека омбдусманот е независна институција што ја следи заштитата на човековите права вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на сигурноста.  Таа независност е важна за да може препораките да бидат со авторитет, да бидат релевантни и да можат да бидат имплементирани“, додаде Видовиќ која беше народен правобранител на Хрватска во периодот од 2013 до 2021 година.

Според Лука Глушац, научен соработник на Институтот за филозофија и социјална теорија на Универзитетот во Белград, безбедносните служби во земјите од регионот треба да разберат дека контролата е всушност добра за нив.

„Ми се чини дека во овој наш специфичен регионален контекст, безбедносните служби треба да разберат дека нивната контрола е добра за нив. Затоа што ако надворешната контрола покаже дека тие навистина ја работат својата работа на законски начин, тоа е добро за нив затоа што така се зајакнува довербата на граѓаните во нив, а тоа е исклучително важно за одржување на демократскиот поредок во државата“, изјави Глушац и објасни каква е ситуацијата во Србија.

„Правната рамка на сите држави од регионот овозможува Омбудсманот да го контролира безбедносниот сектор, вклучувајќи ги и безбедносните служби. Меѓутоа, таа правна можност се нема доволно манифестирано во пракса. Има повеќе причини за тоа, а едната причина е тоа дека безбедносните служби во Србија, Македонија, па и во целиот регион не се навикнати да се контролирани. Тоа е од една страна, а од друга страна често на омбдусманите во регионот им недостасуваат технички познавања за да би можеле да ги контролираат безбедносните служби кои се традиционално затворени“, изјави тој.

Глушац во овој контекст ја потенцира улогата на Владата и Парламентот, кои би требало да му помогнат на омбдусманот во целата оваа работа.

„Како што целата јавна управа е еден систем, така и контролата на безбедносниот сектор претставува систем, а омбдусманот веројатно е најважниот независен контролен орган, но за да додјат до израз неговите надлежности и неговата улога, целиот систем мора да функционира – како парламентарната контрола, така и судската, но и контролата на независните органи, а тука исто така е важна и улогата на медиумите и граѓанските организации“, заклучи Глушац.

Слабиот надзор над безбедносниот односно разузнавачкиот сектор се најде и како предмет на критика во најновиот извештај на Европската комисија за нашиот напредок.

-Собраниските комисии кои ги надгледуваат разузнавачките служби одржаа повеќе состаноци, но потребни се дополнителни напори за подобрување на нивната ефикасност. Специјалното одделение за истрага и гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција е оперативна. Сепак, недостатокот на доволен персонал ја попречува неговата ефикасност – нотираше Комисијата.

Во извештајот се констатира дека механизмот за граѓанска контрола е составен само од претставник на канцеларијата на Народниот правобранител, додека Парламентот сѐ уште не ги има избрано граѓанските здруженија, кои треба да бидат дел од механизамот.

Советот за цивилен надзор кој е регулиран со Законот за следење на комуникација, не е воспоставен во пракса, иако во јули 2023 година, Парламентот ги усвои законските измени потребни за операционализација на ваквиот Совет – додава ЕК во извештајот.

 

Related posts

САМИТ КОЈ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПРОПУШТИ

ninja

Ердоган ја постави новата влада, елиминирани трите претенденти за негов наследник

admin

МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ НЕ ГИ ТОЛЕРИРААТ „РАЗЛИЧНИТЕ“

ninja

МНОЗИНСТВО ПОД РИЗИК – ЕДНИ ДА ВЛЕЗАТ, ДРУГИ ДА ИЗЛЕЗАТ

ninja

Артан Груби: Се откажуваме и од премиер Албанец заради интеграциите во ЕУ

admin

КУРТИ: ЗГОЛЕМЕНИ СЕ ЗАКАНИТЕ НА СРБИЈА ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА КОСОВО

ninja